232/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седниците одржани на 2 април 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 58 став 1 алинеја 3 од Општиот колективен договор на ниво на стопанство на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/94 и 30/96).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива од Стамен Филипов од Скопје, со решение У.бр.232/96 од 12 и 19 февруари 1997 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбата од член 58 став 1 алинеја 3 од колективниот договор означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот на Република Македонија и Законот за работни односи.

4. Судот на седницата утврди дека согласно алинејата 3 од член 58 од Општиот колективен договор на ниво на стопанството на Република Македонија, работникот кој наполнил 40 години пензиски стаж или 65 години живот и најмалку 15 години стаж на осигурување и на кој по сила на законот му прстанува работниот однос, може да остане во работен однос доколку таква одлука донесе надлежниот орган на работодавецот во случаи утврдени со колективен договор на ниво на работодавец.

5. Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 108 став 1 точка 5 од Законот за работни односи работниот однос по сила на закон престанува ако работникот наполни 40 години пензиски стаж или 65 години живот и најмалку 15 години стаж на осигурување, ако работодавецот, во согласност со условите утврдени со закон и општ колективен договор, не одлучи работникот да остане во работен однос.

Од наведените одредби се гледа дека Уставот предвидува правата на вработените и нивната положба да се уредуваат со закон и со колективни договори.

Законот за работните односи, пак, продолжувањето на работниот однос на работникот, кој ги исполнува условите за пензија, го препушта во надлежност на работодавецот, кој притоа мора да се придржува на условите утврдени во закон и општиот колективен договор, при што во однос на условите за продолжување на работниот однос Законот не предвидува делегирање на надлежноста во смисла овие права на работникот да се регулираат, наместо со општ колективен договор, со колективен договор на ниво на работодавец.

Со оглед на тоа што алинејата 3 на став 1 од член 58 од Општиот колективен договор на ниво на стопанството на Република Македонија предвидува случаите кога работникот може да остане во работен однос да се утврдуват со колективен договор на ниво на работодавец, а истите не се содржани во Законот за работни односи, Судот утврди дека е несогласна со Уставот и Законот за работни односи.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.232/96)