23/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 112 од Уставот на Република Македонија и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 23 септември 1992 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 5 дел 34 алинеја 1 од Правилникот за систематизација на работите и задачите на Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија, донесен од Министерот на 23 август 1991 година, во делот во кој за началникот на одделението во Општина Свети Николе е предвиден 4 степен на стручна подготовка.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.23/92 од 27 мај 1992 година, поведе постапка за оценување законитоста на одредбите од правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Законот за органите на управата.
4. На седницата Судот утврди дека во оспорената алинеја 1 на член 5 дел 34 – Одделение за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија во Општина Свети Николе, за работното место началник е предвиден 7-1 или 6 степен на стручна подготовка-архитектонски, градежен или правен факултет. Понатаму, Судот утврди дека во член 13 од Правилникот се определени работите и работните задачи за началникот на одделението, при што е предвидено тој да раководи со одделението, да ја организира и насочува работата, да одговара за навремено, законито и квалитетно извршување на работите и задачите што се доверени на одделението, на работниците во одделението да дава посебна стручна помош, непосредно да подготвува посложени стручни мислења, да предлага стојалишта, да остварува соработка со другите организациони единици во министерството, да води тековна преписка, да се грижи за стручно усовршување на работниците и за работната дисциплина и да врши други работи.
Од описот и пописот на работите и работните задачи на началникот на одделението произлегува дека тој со актот за систематизација е овластен да врши работи и работни задачи кои бараат висок степен на стручност и самостојност во работата, за кои, според член 180 став 2 од законот за органите на управата (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/90), извршителите задолжително треба да имаат висока стручна подготовка.
Со оглед на тоа што во оспорениот член од правилникот за началникот на одделението за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија во Општината Свети Николе е предвиден и 6 степен на стручна подготовка, Судот оцени дека тој не е во согласност со означениот член од Законот, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.