227/1999-0-0

Вовед

Врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 10 мај 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ Правилата за продажба на акциите односно уделите кои во постапката за трансформација на претпријатијата со општествен капитал се издадени на Агенцијата на Република Македонија за приватизација, донесени од Управниот одбор на Агенцијата на 9 јули 1999 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Вера Станоевска од Крива Паланка и Снежана Стојменовска од Скопје поведе постапка за оценување законитоста на актот ознчаен во точката 1 од оваа одлука затоа што тој не бил во согласност со законот.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 95 став 1 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, Управниот одбор на Агенцијата на РМ на 9 јули 1999 година ги донел Правилата за продажба на акциите односно уделите кои во постапката за трансформација на претпријатијата со општествен капитал се издадени на Агенцијата на РМ за приватизација.

Со овие правила се пропишуваат начинот и постапката за продажба на акциите и уделите.

Во член 2 е предвидено што содржи одлуката за продажба на акциите и уделите.

Во членовите 4, 5, 6, 7, 8, 9 и 10 е регулирано прашањето за начинот на продажба на акциите.

Во членот 11 е регулирано прашањето на продажба на удели и тоа со непосредна спогодба и со објавување на јавен повик за прибирање на понуда.

Во членовите 12, 13, 14 и 15 е регулирано прашањето за тоа што содржи јавниот повик, како се доставуваат понудите и ознаките што треба да ги содржат, што треба да содржи понудата за изразување интерес за купување на удели и рокот во кој се примаат понудите (8 дена) од денот на објавувањето и кој ги разгледува понудите.

Во преодните и завршни одредби не е предвидено дека овие правила ќе се објават (ниту се објавени).

Според член 95 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на РМ” бр.38/93, 48/93, 21/98, 25/99, 39/99 и 81/99) акциите и уделите што и ги издало друштвото настанато со трансформација, Агенцијата ги става на продажба под услови утврдени со овој закон.

Продажбата на акциите и уделите се објавува во еден од дневните весници што излегуваат во Република Македонија, во весниците на јазиците на националностите и во “Службен весник на РМ”.

До организирање на пазар за продажба на акции, Агенцијата со правилник ги уредува начинот и постапката за продажба на акциите со кои располага согласно со овој закон.

Според член 96, одредбите од овој закон кои се применуваат на акциите во акционерското друштво, соодветно се применуваат и за уделите во друштвата со ограничена одговорност.

Врз основа на наведените одредби управниот одбор на Агенцијата за трансформација на претпријатијата со општествен капитал на 8 декември 1994 година донела Правилник за начинот и постапката за продажба на акции и удели со кои располага Агенцијата на РМ за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на РМ” бр.67/94), а на 15.11.1995 година е донесен Правилник за измена и дополнување на горенаведениот правилник (“Службен весник на РМ” бр.58/95), со кој се уредува начинот и постапката за продажба на акции и удели со кои располага Агенцијата за приватизација. Имено, покрај другото со правилникот и со неговите измени се предвидени елементите што треба да ги содржи понудата за купување на удели и рокот во кој се поднесуваат понудите до Агенцијата.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на РМ” бр.25/99) членот 95 став 1 се менува и гласи “Акциите и уделите издадени на Агенцијата согласно со одредбите на овој закон, Агенцијата ги става на продажба.

Ставот 3 се брише.

Од изнесеното произлегува дека според Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал Агенцијата со законот била должна да донесе Правилник со кој ќе го уреди начинот и постапката за продажба на акции и удели.

Со измените на законот Агенцијата не е овластена да донесува правилник за начинот и постапката за продажба на акции и удели, туку тие ги става на продажба согласно одредбите од Законот.

Со оглед на тоа што со донесување на оспорените правила Агенцијата го уредила начинот и постапката за продажба на акциите и уделите со кои располага и ако такво овластување не е содржано во законот, Судот оцени дека таа ги пречекорила законските овластувања и одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.227/99
10 мај 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков