Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членoвите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 февруари 2007 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за промена на цената за собирање и депонирање на смет, донесена од Работничкиот совет на Јавното претпријатие за комунални, производни и услужни дејности „Фортуна“ од Штип, број 0201-375 од 20 октомври 1994 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Никола Ликов, адвокат од Штип, со Решение У. бр. 222/2006 од 10 јануари 2007 година, поведе постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за комунални дејности.
4. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука за промена на цената за собирање и депонирање на смет била донесена од страна на Работничкиот совет на Јавното претпријатие „Фортуна“ од Штип на 20 октомври 1994 година и таа е заведена под број 0201-375 од 21 октомври 1994 година. Според член 1 од оваа одлука, се врши промена на цената за собирање и депонирање на смет. Новите цени по категории на корисници ќе изнесуваат:
1) Домаќинства стамбена површина – 1, оо денар
2) Домаќинства дворна површина – 0,8 денари
3) Работна просторија на претпријатие – 1,9 денари
4) Ек. двор плац за складирање на градежни материјали и огрев – 1,4 денари
5) Работна просторија до 100 м2 – 200,оо денари
6) Ек. двор до 100 м2 – 140 денари
7) Простори што ги заземаат подвижни рингишпили, циркуси (од ден) –8.900,ден.
Според членот 2 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се применува од 1 ноември 1994 година.
5. Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, нациналното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Вршењето на комуналните дејности е уредено со Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 45/1997, 23/1999, 45/2002 и 16/2004).
Според член 1 од овој закон, со овој закон се уредуваат основните услови и начинот на вршење на комуналните дејности, финансирањето на комуналните дејности и други прашања од значење за комуналните дејности.
Според членот 2 од Законот, вршењето на комуналните дејности е од јавен интерес.
Во членот 3 од Законот се утврдени комуналните дејности. Во таа смисла, во точката 6 како комунална дејност е утврдено и обработка и депонирање на комунален цврст отпад, под што се подразбира селектирање, собирање, транспортирање и обработка на комунален цврст отпад од населението и индустријата, негова рециклажа и преработка, депонирање на уредени депонии, како и одржување на депониите.
Според член 5 од Законот, комуналните дејности од членот 3 на овој закон можат да ги вршат домашни и странски физички и правни лица, кои се должни да обезбедат трајно и квалитетно вршење на комуналните дејности, како и одржување на објектите и опремата на комуналната инфраструктура во функционална состојба.
Според член 14 од Законот, комунална дејност може да се врши со основање на јавно претпријатие за комунална дејност (во натамошниот текст: јавно претпријатие), со давање концесија за вршење на комунална дејност на начин утврден со закон (во натамошниот текст: концесија) и со дозвола за вршење на комунална дејност (во натамошниот текст: дозвола).
Според член 26 став 1 од Законот, средства за вршење на комунални дејности се остваруваат од цената на комуналните услуги.
Според член 27 од Законот, висината на цената и начинот на плаќање на комуналните услуги, ја определува управниот одбор на јавното претпријатие, по претходна согласност на основачот.
Според член 29 од Законот, плаќањето на комунални услуги се врши во мерни единици, при што во алинеја 8 за собирање и транспортирање на комунален цврст отпад како мерна единица за определување на цената е утврден денар по метар квадратен, во алинеја 9 како мерна единица за обработка и депонирање на комунален цврст отпад е определен денар по тон, односно во алинеја 10, како мерна единица за собирање, транспортирање, обработка и депонирање на отпадоци што се создаваат со изведување на градежни работи кои немаат својство на комунален цврст и технолошки отпад е определен денар од метар кубен.
Судот ја испитуваше целината на Одлуката од аспект на нејзината согласност со одредбите од Законот за комунални дејности, и покрај тоа што со поднесената иницијатива се оспорува законитоста на точка 5 и точка 6 од одлуката. Ова од причина што оспорената одлука е донесена во 1994 година, значи пред донесувањето на Законот за комунални дејности кој е донесен во 1997 година, од што произлегува дека ниту доносителот на одлуката, Јавното претпријатие „Фортуна“ од Штип, ниту пак неговиот правен следбеник Јавното претпријатие за комунално производни и услужни работи „Исар“ од Штип не ја усогласиле одлуката со одредбите од важечкиот Закон за комунални дејности. Ова особено поради тоа што Законот за комунални дејности во членот 27 предвидува висината на цената и начинот на плаќање на комуналните услуги да ја определува управниот одбор на јавното претпријатие, по претходна согласност на основачот.
Понатаму, Законот за комунални дејности, депонирањето на смет како комунална дејност го разграничува како обработка и депонирање на комунален цврст отпад (селектирање, собирање, транспортирање и обработка на комунален цврст отпад од населението и индустријата, негова рециклажа и преработка, депонирање на уредени депонии, како и одржување на депониите – член 3 точка 6 од Законот); депонирање на индустриски отпад и штетни материи (собирање, транспортирање, обработка и депонирање на отпадот на уредени депонии, како и одржување на депониите – член 3 точка 7 од Законот) и како депонирање отпадоци што се создаваат со изведување на градежни работи утврдени со закон кои немаат својство на комунален цврст и технолошки отпад (собирање, транспортирање, обработка и депонирање на овие отпадоци на уредени депонии, како и одржување на депониите – член 3 точка 7-а од Законот), што не е случај со оспорената одлука која се однесува на собирање и депонирање на смет.
Пред Судот, исто така, се постави и прашањето дали и начинот на кој е определена цената за вршење на оваа комунална дејност во оспорената одлука е во согласност со член 29 од Законот за комунални дејности, кој исто така, предвидува различни мерни единици според кои се врши плаќањето, во зависност од тоа за каков вид на отпад станува збор. Ова особено се однесува на точка 5 и точка 6 од оспорената одлука во кои се утврдени фиксни цени за собирање и депонирање на смет, а не цени според мерни единици. Со ваквото утврдување на цената, според Судот, се повредува принципот на еднаквост на граѓаните, бидејќи оние кои располагаат со работни простории односно дворови помали од 100м2, плаќаат надоместок за одржување на хигиена за површини што ги немаат.
Поради наведените причини, Судот утврди дека целината на оспорената одлука за промена на цената за собирање и депонирање на смет, донесена од работничкиот совет на Јавното претпријатие за комунални, производни и услужни дејности „Фортуна“ од Штип бр. 201-375 од 20 октомври 1994 година, не е во согласност со Законот за комунални дејности.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.222/2006
21 февруари 2007 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи