220/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 март 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Законот за уредување на имотните односи настанати со противправни заземања на земјишта во општествена сопственост (“Службен весник на СРМ” бр.31/72 и “Службен весник на Република Македонија” бр.44/91).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Снежана Богдановска од Скопје, со решение У.бр.220/97 од 14 јануари 1998 година поведе постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 на оваа одлука, бидејќи најде дека основано се поставува прашањето за согласноста на овој Закон со одредбите од членот 8 став 1 алинеја 3 и 4 и членот 30 став 1 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека Законот за уредување на имотните односи настанати со противправни заземања на земјишта во општествена сопственост е донесен на 18 септември 1972 година и е објавен во “Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.31/72. Во членот 1 од Законот е определено дека според неговите одредби ќе се расправаат имотните односи што настанале со противправни заземања на земјишта во општествена сопственост. Според овој Закон, се признава право на сопственост на владетелот на противправно заземено земјиште за кое до 6 април 1941 година се исполнети условите за одржувачка, предвидени со правните правила на имотното право. Постапката за расправање на имотните односи настанти со противправно заземање на земјиште во општествена сопственост се покренува по службена должност, по барање на корисникот на противправно заземеното земјиште или по барање на владетелот на тоа земјиште, при што, според член 15 од Законот, постапката ја води општинскиот орган на управата надлежен за имотноправните работи. Според член 24 од Законот, сите предмети за расправање на противправни заземања што се наоѓале на решавање кај општинските судови, а по кои до влегувањето во сила на Законот не била донесена ни првостепена одлука, судовите биле должни да му ги отстапат на решавање на општинскиот орган на управата надлежен за имотноправните работи во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на оспорениот Закон.

Со Законот за изменување на Законот за уредување на имотните односи настанти со противправни заземања на земјишта во општествена сопственост, донесен врз основа на Амандманот ЏЏВ точка 3 алинеја 3 на Уставот на Социјалистичка Република Македонија, на 30 јули 1991 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/91), е определено наместо општинскиот орган на управата надлежен за имотно правните работи, постапката да ја води Републичката управа за имотно-правни работи. Според членот 6, имотните односи што настанале со противправни заземања на земјишта во општествена сопственост, до влегувањето во сила на Законот, ќе се расправат во рок од три години, сметано од неговото влегување во сила. Законот влегол во сила на 8 октомври 1991 година.

5. Односите на противправно заземање на земјишта во општествена сопственост (узурпација) за прв пат биле уредени со Уредбата за органите и постапката за расправање на самовласните заземања на земјшта од општонароден имот (“Службен весник на НРМ” бр.7/55) со која било предвидено расправање на узурпациите во управна постапка. Подоцна донесениот Закон за уредување на имотните односи настанати со самовласни заземања на земјишта од општонароден имот (“Службен весник на НРМ” бр.14/59), определил во управна постапка да бидат расправени, само узурпациите кои настанале до 3 мај 1959 година, а узурпациите кои ќе настанат по овој датум да се расправаат пред судовите од општа надлежност согласно Законот за процесната постапка, така што периодот кој следел по 1959 година го карактеризирале две паралелни постапки – управна и судска, за решавање на узурпациите, во зависност од моментот на нивното настанување.

Со донесувањето на оспорениот Закон во 1972 година, и неговите измени во 1991 година, сите узурпации, без оглед на моментот на настанувањето, ги решава во управна постапка Републичката управа за имотно-правни работи.

Ваквите законски определби со кои во посебна постапка се обезбедувала посебна заштита на земјиштата во општествена сопственост, имале основ во Уставот на Народна Република Македонија од 1946 година,со кој како уставна категорија се воведува терминот општонароден имот, и во уставите на Социјалистичка Република Македонија од 1963 година и 1974 година – како општествена сопственост која ужива посебна заштита. Овој период, се до донесувањето на Амандманите на Уставот од 1974 година во 1990 година, го карактеризира посебна, привилегирана положба на општествената сопственост во однос на другите видови сопственост кои што тогашните устави ги познаваа и признаваа.

Меѓутоа, уставно гарантираната привилегирана положба на општествената сопственост престанува со Амандманите на Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1974 година (“Службен весник на СРМ” бр.28/90), односно со Амандманот ЛИЏ, со кој се гарантираат сите форми на сопственост и се определува дека сите форми на сопственост се рамноправни. Уставот на Република Македонија не прави никаква дистинкција помеѓу формите на сопственост (не споменува воопшто форми на сопственост) и во членот 30 го гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот најде дека оспорениот Закон не е во согласност со Уставот на Република Македонија.

Имено, ако до донесувањето на Уставот од 1991 година не беше сосема јасна категоријата општествена сопственост (сопственост со “несопственички карактер” или само поинаку означена државна сопственост), со донесувањето на Уставот од 1991 година се создадоа услови за правно регулирање на сопственоста на земјиштето во општествена сопственост. Така, според член 6 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/93), пред утврдувањето на вредноста на претпријатието, се изземаат градежното и земјоделското земјиште кои со денот на влегувањето во сила на овој закон се во сопственост на Република Македонија. Според член 9 став 1 од Законот за градежно земјиште, земјиштето во градовите и населбите од градски карактер и другите подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба за кои е донесен урбанистички план е на Републиката.

Оттука, иако не докрај доследно и децидно регулирана, видлива е трансформацијата на земјиштето од општествена сопственост во сопственост чиј титулар е државата, односно Република Македонија.

Со оглед на ваквиот сопственички карактер на земјиштето чија што узупација е предмет на регулатива со одредбите на оспорениот Закон, не постои уставен основ за давање на посебна заштита во посебно пропишана, административна постапка за ова земјиште чиј титулар е државата, надвор од правилата на имотното право кои важат за другите титулари на правото на сопственост на земјиште.

Напротив, имотните односи настанати со противправни заземања-узурпации на земјишта во општествена, односно сопственост на државата треба да бидат решавани според правилата на Законот за основните сопственосно-правни односи (преку реи виндицатио) и во судска постапка пред надлежните судови, согласно член 32 од Законот за судовите, иницирана од јавното правобранителство како законски застапник на имотните права и интереси на Републиката, со сведување на управата на ниво на соработка со јавното правобранителство преку прибавување на податоци од органите на управата надлежни за геодетски работи, за имотно-правни работи, за работите од областа на урбанизмот и со ангажирање на вешти лица од управата.

6. Од овие причини Судот најде дека оспорениот закон не е во согласност со одредбите од членот 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, според кои владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, и со членот 30 став 1 од Уставот, според кој се гарантира правото на сопственост, поради што одлучи како во точката 1 на оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.220/97)