2/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 март 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 5 став 3 од Законот за локалните избори (“Службен весник на Република Македонија” бр.46/96).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Лазар Нанев од Кавадарци, со решение У.бр.2/97 од 5 февруари 1997 година поведе постапка за оценување уставноста на член 5 став 3 од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со членовите 9 и 22 од Уставот.

4. Судот, на седницата утврди дека според оспорениот член 5 став 3 од Законот, припадниците на вооружените сили на Република Македонија, припадниците на униформираниот дел на полицијата на Република Македонија, овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи и во Агенцијата за разузнавање не можат да бидат предложени и избрани за член на совет и за градоначалник.

5. Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 22 од Уставот, секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право. Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Врз основа на изнесените уставни одредби произлегува дека едно од најбитните политички права е избирачкото право кое може да биде активно и пасивно. Определувајќи дека секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право, Уставот единствено поставил ограничување дека избирачко право немаат само лицата на кои им е одземена деловната способност.

Уставот на Република Македонија не прави разлика меѓу активното и пасивното избирачко право, што подразбира дека со исполнувањето на утврдените услови граѓанинот стекнува право да избира и да биде избран. При тоа, Уставот не предвидува никакви посебни услови за стекнување на пасивното избирачко право. Од овие уставни постулати единствен исклучок е одредбата на членот 80 кој се однесува на избор на претседател на Република Македонија. Според оваа одредба претседателот на Републиката мора да е државјанин на Република Македонија, на денот на изборите да има наполнето најмалку 40 години живот и до денот на изборите да е жител на Република Македонија најмалку десет години во последните 15 години.

Уставот, исто така, определил дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Имајќи предвид дека Уставот ги утврдил основните изборни принципи, а допуштил изборниот режим да се уреди со закон, правна претпоставка е дека изборните закони треба да бидат во согласност со Уставот, што значи дека тие не можат да содржат ограничувања ниту на активното ниту на пасивното избирачко право кои излегуваат надвор од рамките на Уставот.

Според мислењето на Судот, со оспорената одредба од Законот, на припадниците на вооружените сили на Република Македонија, припадниците на униформираниот дел на полицијата на Република Македонија, овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи и во Агенцијата за разузнување, што претставува широк круг на граѓани, им се ограничува пасивното избирачко право со тоа што не можат да бидат предложени и избрани за член на совет и за градоначалник.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека членот 5 став 3 од Законот за локалните избори не е во согласност со Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.2/97)