21/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 септември 1993 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1.СЕ УКИНУВААТ членовите 2,15,16,17 и член 34 став 1 од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” бр.46/89 и 36/91).
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.21/93 од 21 април 1993 година, по повод иницијативата на Горан Дамчевски од Скопје, поведе постапка за оценување уставноста на законските одредби означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.
4. Во одговор на решението, Собранието на Република Македонија наведе дека оспорените законски одредби се донесени пред влегувањето во сила на Уставот и дека не се усогласени со него, односно дека поведувањето на постапката за измена на нивната согласност со Уставот е основано.
5. На седницата, Судот утврди дека со член 2 од Законот е определено во кои случаи може да се експроприра недвижност на која постои право на сопственост и тоа: заради изградба на стопански, станбени, комунални, туристички, здравствени, образовни, културни и спортски објекти, објекти за одбрана и други објекти од општ интерес, како што се пошумување, експлоатација на минерални суровини, асанација, мелиорација и други работи од општ интерес. Недвижност може да се експроприра и заради преуредување на објекти за Армијата или кога е тоа значајно за одбраната и безбедноста и за заштитата, како и заради обнова и конзервација или реставрација на објект прогласен за споменик на културата.
Со член 15 став 1 од Законот е пропишано дека општиот интерес за изградба на објекти или за изведување на други работи на подрачјето за кое е донесен детален урбанистички план, урбанистички проект или урбанистички план за помало населено место односно општ акт со кој се регулира режимот и условите за градење во населените места кои содржат парцелизација на земјиштето се смета за утврден со тиа планови односно со општиот акт. Според ставот 2, ако не е донесен детален урбанистички план кој содржи парцелизација, општиот интерес се смета за утврден со просторниот или основниот урбанистички план односно со актот со кој се регулира режимот и условите за градење во населените места.
Според член 16 од Законот, кога актот за изградба на објектот и за изведување на други работи го донело Собранието на Република Македонија, или Владата на Република Македонија, се смета дека општиот интерес е утврден со тој акт. Општиот интерес може да се утврди и со посебен акт на Собранието и на Владата. Против актот за утврдување општ интерес не може да се поведе управен спор.
Според член 17 од Законот, општиот интерес за истражување на минерални суровини се утврдува со дозволата за истражување, издадена од надлежен орган, според прописите за геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини.
Судот, исто така, утврди дека според член 34 став 1 од Законот за експропријација, надоместокот за експроприран градежен објект се определува според градежната вредност на објектот во местото каде што се наоѓа.
6. Согласно член 30 став 1 од Уставот на Република Македонија, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 3 на оваа одредба, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Според ставот 4, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надоместок, кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Од наведените уставни одредби произлегува дека само јавниот интерес утврден со закон може да биде уставно допуштен основ за одземање или ограничување на сопственоста, со обезбедување на правото на надоместок, кој не може да биде понизок од пазарната вредност. Од нив, исто така, произлегува дека јавниот интерес за експропријација на недвижности може да биде утврден само со закон.
Со оглед на тоа што со одредбите на членовите 2, 15, 16 и 17 од Законот е допуштено јавниот (општиот) интерес како основ за експропријација да се утврдува не само со закон, туку и со други акти, односно не се прецизно утврдени работите што можат да претставуваат работи од јавен (општ) интерес, Судот оцени дека тие не се во согласност со наведените уставни одредби.
Понатаму, според мислењето на Судот, Уставот на Република Македонија содржи обврска, при утврдувањето на мерилата за утврдување на надоместок за експроприраната недвижност, тој да не биде помал од пазарната вредност на експроприраната недвижност. Со оглед на тоа што со оспорената одредба на член 34 став 1 од Законот, како критериум за определување на надоместокот за експроприран градежен објект, наместо пазарната вредност е определена градежната вредност на објектот, Судот оцени дека таа не е во согласност со наведените уставни одредби.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.