208/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Републ

О Д Л У К А

Текст

1.СЕ УКИНУВА член 67 став 1 алинеја 4 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/95, 24/96, 34/96, 35/97 и 82/99).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.208/2000 од 31 јануари 2001 година, поведе постапка за
оценување уставноста на член 67 став 1 алинеја 4 од Законот
означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави
прашањето за согласноста на оспорената одредба со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 67 став 1 алинеја 4 од Законот за основното образование, учител, наставник, стручен работник и воспитувач, може да биде лице кое покрај условите утврдени со член 66 од овој закон е неосудуван
со правосилна судска пресуда за кривични дела против достоинството и моралот.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.Со член 32 став 1 од Уставот се уредува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според став 2 од овој член на Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите другипрописи со Уставот и законите. Секој е должен да го почитува Уставот и законите.Прашањата што се однесуваат на кривичните дела и кривичната одговорност, мерките за безбедност, меѓу кои и забраната за вршење на професија, дејност или должност, правните последици на осудата и рехабилитацијата, спаѓаат во кривично-правната материја и се уредени со Кривичниот законик. Покрај другото, според член 66 од Законикот, судот може на сторителот на кривично дело да му забрани вршење на определена професија и да го определи траењето на мерката, кое не може да биде пократко од една ниту подолго од десет години, по издржувањето на главната кривична санкција. Исто така, со член 102 став 2 и 3 од овој законик е уредено дека правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна, а со бришењето на осудата престануваат правните последици на осудата. Инаку, правните последици на осудата можат да се предвидат само со закон и настапуваат по сила на законот со кој се предвидени (член 101 став 2 од Законикот). Рехабилитацијата, пак, која може да биде законска или судска, според член 103 став 2 од овој законик, значи предвремен престанок на мерките за безбедност и правните последици од осудата и бришење на осудата од казнената евиденција. Посебно за одбележување е дека кривичните дела против достоинството и моралот за кои според оспорената одредба од Законот за основното образование е услов учителот, наставникот, стручниот работник и воспитувач да не е осудуван со правосилна судска пресуда за такви дела, како посебен вид на кривични дела, не се предвидени во Кривичниот законик.Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, а имајќи предвид дека правната последица на осудата, во конкретниот случај со оспорената одредба, настапува по сила на законот, а не како последица на изречена мерка за безбедност односно правна последица на осудата што ја изрекува судот за одредено кривично дело, Судот оцени дека член 67 став 1 алинеја 4 од Законот за основното образование не е во согласност со Уставот.Покрај тоа, според мислењето на Судот, оспорената одредба содржи услов кој упатува на кривични дела кои не постојат или се трансформирани во друг вид на кривични дела во Кривичниот законик, од кој аспект и покрај тоа што Уставниот суд не ја цени меѓусебната согласност на законите, сепак со таквата одредба која фактички е неприменлива, се повредува принципотна владеење на правото, поради што Судот оцени дека таа одредба не е во согласност и со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.6р.208/2000
21 март 2001 година
С к о п ј е