207/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 7 јуни 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Упатството за избор на лекар во примарната здравствена заштита од областа на медицината бр.09-3889 од 16 јули 1997 година донесено од министерот за здравство, заедно со измените на Упатството во форма на објаснувања за спроведување на Законот за здравствена заштита во врска со изборот на лекар.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Весна Печевска и Велимир Јовановски од Скопје, поведе постапка за оценување уставноста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со членот 52 став 1 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека Упатството за избор на лекар во примарната здравствена заштита од областа на медицината е донесено од министерот за здравство, врз основа на член 59 став 1 точка 4 од Законот за здравствена заштита. Според овој член, заради остварување на загарантираните права и утврдените потреби и интереси на општеството и остварување на правата и обврските од здравственото осигурување, Министерството за здравство поблиску го уредува начинот на остварувањето на правата и обврските од здравственото осигурување. Така, со Упатството е уреден начинот и постапката за избор, промена и замена на лекар во примарната здравствена заштита, овластувањата и обврските на избраниот лекар, како и правата и обврските на осигурениците во постапката за избор на лекар.

Според известувањето од Министерството за здравство бр.09-719/1 од 24.01.2000 година, во Упатството се извршени изменувања и тоа: во правниот основ зборовите: “Врз основа на член 59 став 1 точка 4 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на РМ”, бр.38/91, 46/93 и 55/95), Министерството за здравство донесе” се бришат; насловот “Упатство” се заменува со насловот “Објаснувања”; во насловот “ИИИ Права и обврски на осигурениците во постапката за избор на лекар” ставот 3 се заменува со нов став кој гласи: “Наодите од извршениот специјалистички, односно субспецијалистички преглед и другите испитувања ги доставува на увид на избраниот лекар, заради натамошно лекување и следење”; и
од денот на добивањето на ова известување Упатството за избор на лекар во примарната здравствена заштита од областа на медицината ќе се применува како “Објаснувања за избор на лекар во примарната здравствена заштита.”

Според мислењето на Судот извршените измени на Упатството од страна на министерот за здравство, немаат влијание врз правниот карактер на Упатството бидејќи оспорениот акт и понатаму содржи обврски за осигурениците. Тргнувајќи од содржината на Упатството, а особено од главата ИИИ ПРАВА И ОБВРСКИ НА ОСИГУРЕНИЦИТЕ ВО ПОСТАПКАТА ЗА ИЗБОР НА ЛЕКАР, според мислењето на Судот неспорно е дека станува збор за општ акт во кој покрај начинот и постапката за избор на лекар, промена и замена на избраниот лекар и овластувањата и обврските на избраниот лекар, се содржани и обврски за осигурениците. Исто така Упатството содржи и норма според која по барање на осигуреникот за промена на избраниот лекар поради “други оправдани причини” одлучува работоводниот орган на здравствената организација, без притоа да се предвидат права за осигурениците во смисла на тоа тие да можат да поднесуваат приговори против одлучувањето на работоводниот орган на здравствената организација. Токму поради тоа, Судот оцени дека граѓаните – осигуреници треба да бидат запознати со своите обврски и тоа на начин што Упатството треба да се објави во “Службен весник на Република Македонија”, имајќи предвид дека целта на објавувањето на актот е неговото обнародување како гаранција за остварувањето на правата и слободите на човекот и граѓанинот. Поради тоа, Судот оцени дека Упатството не е во согласност со член 52 став 1 од Уставот според кој законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски и Бесим Селими.

У.бр.207/99
7 јуни 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов