204/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 април 1999 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 1 од Одлуката бр.07-271/9 за ограничување на оптоварувањето на локалните патишта Белчишта-Ново Село; Ново Село – Црвена Вода; магистрален пат Издеглавје – Слатино; магистрален пат Лактиње; магистрален пат Годивје; магистрален пат Врбјани; магистрален пат Сливово; Сливово – Турје; Сливово – Мраморец; магистрален пат Арбиново; Лактиње-Годивје-Врбјани; Лешани-Брежани; регио- нален пат Злести-Лешани; Оздолени – Сошани; Велмеј-Брежани, за возила чија најголема дозволена тежина (вкупна) преминува 10 (тона), донесена од Советот на Општината Белчишта на 15 септември 1998 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.204/98 од 17 март 1999 година, по иницијатива на ЈП “Македонски шуми” Скопје, подружница ШС “Галичица” Охрид, поведе постапка за оценување законитоста на членот 1 од актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со член 36 од Законот за јавните патишта.

4. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на член 17 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа и член 36 став 2 од Законот за јавните патишта, како и член 40 став 1 точка 8 од Статутот на Општината.

Согласно членот 1, со оваа Одлука се забранува движење на моторни возила чија најголема дозволена (вкупна) тежина преминува 10 (десет) тона на следните патни правци: Белчишта-Ново Село;Ново Село-Црвена Вода;магистрален пат Издеглавје – Слатино; магистрален пат Лактиње, магистрален пат Годивје, магистрален пат Врбјани; магистрален пат Сливово; магистрален пат Арбиново; Сливово-Турје; Сливово – Мраморец; Лактиње – Годивје – Врбјани; Лешани – Брежани; регионален пат Злести – Лешани; Оздолени – Сошани; Велмеј – Брежани.

5. Според член 17 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа, единиците на локалната самоуправа самостојно го уредуваат и организираат градењето и одржувањето на локалните патишта, улиците и други инфраструктурни објекти од локално значење во согласност со закон, а според точката 13 го уредуваат одржувањето на уличната и сообраќајната сигнализација во согласност со закон.

Локален пат, според Законот за јавните патишта е јавен пат кој поврзува населени места на општината или кој е од значење за сообраќајот во општината.

Јавен пат, во смисла на овој закон, е сообраќаен објект од општо значење што може слободно да се користи за сообраќај под услови определени со закон и кој е прогласен за јавен пат. Јавни патишта се и улиците во населените места и градовите.

Согласно членот 36 од овој закон, јавните патишта мора да бидат оспособени да можат да поднесат осно оптоварување од најмалку 100 КН по оска. По исклучок од став 1 на овој член, локалните патишта и улиците, можат да бидат оспособени и за помало осно оптоварување, освен за објектите, но не помало од 60 КН по оска.

Во конкретниот случај од содржината на членот 1 произлегува дека се забранува движење на моторни возила чија најголема дозволена (вкупна) тежина преминува 10 тона. Меѓутоа имајќи го предвид членот 36 од Законот за јавните патишта очигледно е дека станува збор за законско определување на оптоварување на патиштата по оска. Оттука, со оглед дека вкупната тежина на моторните возила не е исто што и осното оптоварување, Судот оцени дека членот 1 од одлуката не е во согласност со членот 36 од Законот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судо т ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 204/98)