20/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија2 бр.70/92), на седницата одржана на 9 октомври 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 4 став 2 во делот што гласи

2. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на член 11 став 1 од Законот во делот што гласи: “се забранува секој облик на влијание врз судијата во врска со судењето”.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Рафаил Черепналкоски адвокат од Скопје, со решение У.бр.20/96 од 3 јули 1996 година, поведе постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната уставност.

5. Судот на седницата утврди дека според член 4 став 2 од Законот, судовите донесуваат одлуки засновани врз Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, водејќи сметка за принципот на правда и правичност, а според член 11 од овој закон се забранува секој облик на влијание врз судијата во врска
со судењето, а посебно јавно истапување заради влијание врз текот и исходот на судската постапка.

На седницата Судот, исто така, утврди дека според член 15 став 1 од законот, ниту со закон, ниту со акт на извршната власт не може да се дозволи преиспитување на судските одлуки или да се менува составот на судот заради влијание врз одлучувањето на судот.

6. Според член 8 од Уставот темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓудругото, се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Според член 16 став 1 од Уставот се гарантира слободата на јавното изразување на мислата, а според ставот 2 од овој член се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирње и слободното основање на институциите за јавно информирање. Според ставот 7 од овој член цензурата е забранета.

Со член 54 став 1 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Основните одредби на Уставот, посебно членот 8 и одредбите за слободите и правата на човекот и граѓанинот се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија во чија основа е човекот и граѓанинот со својата слобода и граѓански суверенитет. Основните слободи и права на граѓанинот се дефинирани прецизно и категорично и во нив се инкорпорирани сите значајни меѓународни акти. Сите слободи и права уставно се гарантирани, на прво место според принципот на недискриминација, а потоа и врз начелото на судска заштита на граѓанските права. Таа заштита граѓаните ја остваруваат и пред редовното и пред уставното судство. Уставно предвидените ограничувања на слободите и правата на граѓаните и условите кога тие можат да се ограничат се таксативно наброени во Уставот и нивно ограничување не се допушта со закон или друг подзаконски акт.

Според член 98 од Уставот судската власт ја вршат судовите, а со ставот 2 на овој член е праедвидено дека судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз оснвоа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Според ставот 3 од овој член организацијата на судството е единствена, а според ставот 4 забранети се вонредни судови. Според ставот 5 на овој член видовите и надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 102 од Уставот расправата пред судовите и изрекувањето на пресудата е јавна, а според ставот 2 на овој член јавноста може да биде исклучена во случаите утврдени со закон.

Од основните начела на Уставот и од овие уставни одредби произлегува дека Уставот на Република Македонија судската власт ја конституирал како одвоена независна судска власт. Определувајќи дека судовите судат врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори Уставот го димензионира судењето, делењето на правда и разрешувањето на споровите.

Исто така, и Законот за судовите содржи повеќе одредби со кои се обезбедува независноста и самостојноста на судовите, односно на судиите. Така, во членот 3 од овој закон, меѓу другото, како цел и функција на судството, е предвидено непристрасно применување на правото без оглед на положбата и својството на странките. Понатаму во член 14 од Законот е предвидено дека судијата донесува непристрасни одлуки врз основа на своја слободна оцена на доказите и примена на законот. При одлучувањето врз судијата не може да се вршат какви и да е ограничувања, влијанија, поттикнувања, притисок, закани или мешање, директно или индиректно од кој и да е субјект и поради која да е причина.

Според тоа, и Уставот и Законот за судовите содржат правни норми што го обезбедуваат уставното начело за самостојност и независност на судовите.

Исто така, Уставот на Република Македонија како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката ја утврдил поделбата на државната власт на законодавна извршна и судска (член 8 алинеја 4). Согласно така извршената поделба на власта според членот 98 од Уставот судската власт ја вршат судовите како самостојни независни органи кои судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Тргнувајќи од уставната и законската определба дека во остварувањето на своите цели и функции судиите се врзани единствено за Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, Судот смета дека, судовите при донесувањето на одлуките да водат сметка за принципот на правда и правичност, дава можност судијата врз основа на своето субјективно сваќање за правдата и правичноста при пресудувањето да излезе надвород рамките на Уставот, законите и меѓународните договори односно дава можност за необјективно и пристрасно пресудување во конкретните спорови поради што оцени дека овој дел од одредбата на член 4 став 2 од Законот излегува од рамките на означената уставна одредба и е во несогласност со Уставот.

Од уставната гаранција за слободата на говорот и јавниот настап произлегува дека содржината на слободата на јавното изразување на мислата не е ограничена само на човековото мислење како внатрешен психолошки процес, туку се однесува на слободата на човекот она што го мисли за природните и општествените појави што го опкружуваат да го соопшти на јавноста. При тоа, за уставната гаранција не е битна содржината на пораката што се искажува со користењето на слободата на јавното изразување и со јавниот настап. Меѓутоа, со оспорената одредба на член 11 став 1 од Законот се забранува јавното истапување заради влијание врз текот и исходот на судската постапка. Тргнувајќи од содржината на уставната гаранција за слободата на говорот и јавниот настап и дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, Судот оцени дека оваа одредба од Законот во делот што гласи: “а посебно јавно истапување заради влијание врз текот и исходот на судската постапка” е во несогласност со член 16 став 1, 2 и 3 и член 54 став 1 од Уставот. Притоа, Судот смета дека оспорената одредба упатува на заклучок дека се забранува секаков јавен настап што не е во согласност со означените уставни одредби.

Од оспорената одредба на став 1 на член 15 од Законот произлегува забрана со закон да се дозволи преиспитување на судските одлуки со што се забранува со закон да се утврдат условите и начинот за преиспитување на судските одлуки. Судот смета дека преиспитувањето на судските одлуки е прашање на процесните и на други закони поради што оцени дека овој дел од одредбата не е во согласност со член 98 став 5 од Уставот. Така, според член 68 алинеја 18 Собранието на Република Македонија дава амнестија, а според член 84 алинеја 10, претседателот на Република Македонија дава помилување во согласност со закон, што значи дека Уставот дава можност за менување на судските одлуки во согласност со закон.

7. На седницата Судот утврди дека одредбата од член 11 став 1 од Законот во делот што гласи: “се забранува секој облик на влијание на судијата во врска со судењето” , е во функција на остварување на уставната гаранција за независност и самостојност на судовите, поради што оцени дека е во согласност со наведените уставни одредби.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.20/96)