200/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 112 од Уставот на Република Македонија и на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 23 септември 1992 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ
а) член 18 став 2 и 3 од Одлуката за изградба, уредување, одржување и употреба на градските гробишта во Битола, донесена од Собранието на Општина Битола на 31 мај 1983 година; и
б) членовите 20 и 22 став 1 од Правилата за управување со градските гробишта во Битола, донесени од Работничкиот совет на Установата за комунална хигиена и јавно зеленило “Комуналец” во Битола на 19 декември 1977 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”, во “Службен гласник на Општина Битола! и во “Комуналец” на начин предвиден за објавување на општи акти.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.200/91 од 15 април 1992 година, поведе постапка за оценување законитоста на одредбите од актите означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Законот за гробиштата.
4. На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 18 став 2 од Одлуката е предвидено преносот на умрените да се врши преку организацијата за комунална хигиена и јавно зеленило, а според став 3 од истиот член, превоз на блиските на умрениот обезбедува комуналната организација, за кој склучува посебен договор со соодветната транспортна организација, ако тоа го бара граѓанинот.
Според член 7 од Законот за гробиштата (“Службен весник на СРМ” бр.18/73) гробиштата се изградуваат, уредуваат и одржуваат и на начин предвидн со пропис на општината. Согласно член 12 од Законот употребата на гробиштата се регулира со пропис на општината, а со нив се управува врз основа на правилата што ги донесува општината односно органот или организацијата што таа ќе ја задолжи. Содржината на правилата ја утврдува општината во зависност од големината и карактерот на населеното место.
Од изнесените законски одредби произлегува дека општината е овластена со свој пропис да ја регулира употребата на гробиштата и дека може да овласти определена организација да донесе правила врз основа на кои се управува со гробиштата. Меѓутоа, според мислењето на Судот, општината не може при уредувањето на овие прашања вршењето на определени работи, како што е преносот на умрените и превозот на неговите блиски, да го довери исклучиво на една организација, независно од тоа дали условите за вршење на овие дејности ги исполнува и друга организација.
Со оглед на тоа што со оспорените одредби за преносот на умрениот и превозот на неговите блиски се овластува само организацијата која управува со гробиштата, Судот оцени дека член 18 став 2 и 3 од Одлуката не се во согласност со означените одредби од Законот за гробиштата.
5. Исто така, Судот утврди дека во оспорениот член 20 став 2 од Правилата е пропишано потребната погребална опрема да се набавува преку специјална продавница на комуналната организација, а со оспорениот член 22 став 1 е предвидено дека организацијата над гробовите подига надгробни споменици преку својата служба.
Со оглед на тоа што Законот за гробиштата не содржиу одредби според кои само организацијата која управува со гробиштата може да се бави со продажба на опрема и со изградба на споменици, а од оспорените одредби произлегува дека оваа дејност може да ја врши само таа организација, Судот оцени дека член 20 и член 22 став 1 од Правилата не се во согласност со означениот закон.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.