199/1997-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 28 јануари 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ член 1, член 6а, член 8 став 1, 2 и 4, член 11 став 1 алинеја 1, 2 и 3, член 12 став 1 и 2, членовите 13, 14, 15, 20 и 21, член 26 став 2 и 3 и членовите 28 и 29 во деловите што се однесуваат на употребата на одредени термини и институции работни луѓе, организации на здружен труд, општествено политички организации, самоуправни интересни заедници, месни заедници, Собрание на Социјалистичка Република Македонија, Претседателство на Социјалистичка Република Македонија, Извршен совет на Социјалистичка Република Македонија, собрание на општина, Собрание на Град Скопје, самоуправни организации и заедници и динари од Законот за постапување по претставките и предлозите (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/77, 12/89 и 19/90).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје поведе постапка за оценување уставноста на наведените одредби од Законот за постапување по претставките и предлозите, затоа што тие не биле во согласност со член 1 став 1 и член 24 од Уставот на Република Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека во член 1 од Законот за постапување по претставките и предлзите е предвидено дека “Со овој закон се уредува постапувањето по претставките и предлозите (во натамошниот текст преставки што работните луѓе и граѓаните, организациите на здружен труд, општествено политичките организации, самоуправните интересни заедници, месните заедници, други самоуправни организации и заедници, општествени организации и здруженија на граѓани ги поднесуваат до Собранието на Република Македонија, Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, републички органи на управата и другите републички органи и организации како и до собранијата на општините, Собранието на град Скопје и нивните тела, органи и организации во натамошниот текст: органи до кои се поднесуваат претставките.

Во ставот 2 е предвидено дека одредбите од овој закон се применуваат и во постапувањето по претставките што сојузните органи ги отстапуваат на соодветниот орган или организација во Републиката.

Одредбите од овој закон се применуваат и во постапувањето по претставките што се поднесуваат од организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници, месни заедници и други самоуправни организации и заедници.

Во член 6а е предвидено дека надлежниот орган кога постапува по претставките што се отстапени од сојузните органи, за резултатите од постапувањето ги известуваат тие органи во рокот определен со член 6 став 4 од овој закон.

Во член 8 е предвидено дека стручните и другите работи по претставки поднесени до Собранието на Социјалистичка Република Македонија, Претседателот на Социјалистичка Република Македонија и Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија ги врши заедничка стручна служба.

Во став 2 на овој член е предвидено дека собранијата на општините и Собранието на град Скопје обезбедува вршење на стручните работи во постапувањето по претставките.

Во член 11 став 1 точка 1, 2 и 3, член 12 став 1 и 2 и членовите 13, 14, 15 од наведениот закон се употребуваат термините самоуправни организации или заедници.

Во членовите 20, 21 и 26 се употребуваат термините за институциите Собрание на Социјалистичка Република Македонија, Претседател на Социјалистичка Република Македонија, собранието на општината и Собрание на град Скопје.

Во членовите 28 и 29 од законот се зборува за парична казна изразена во динари.

5. Според член 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а според ставот 2 од овој член, суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.

Тргнувајќи од наведената уставна одредба а имајќи предвид дека со оспорените одредби се утврдени одредени институтуции и термини кои егзистираа во поранешниот правен поредок, Судот оцени дека оспорените одредби не се во согласност со Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.199/97)