Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 јуни 1995 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ членовите 4, 35 и 60 од Статутот на Клиники при Медицинскиот факултет во Скопје, донесен од Управниот одбор на Клиники на 30 септември 1994 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Добре Филипче и Томислав Анакиев од Скопје, поведе постапка за оценување законитоста на одредбите на членовите 4, 35 и 60 од статутот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со одредбите на членовите 90, 136 и 137 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91 и 4/93).
4. Судот на седницата утврди дека со член 4 од Статутот е определено дека фирмата и називот на ООЗТ Клиники е: Универзитет “Св.Кирил и Методиј” – РО Медицински факултет – Н.СОЛ. о. со ООЗТ – Скопје, ООЗТ Клиники-Скопје.
Со член 35 се утврдени условите што треба да ги исполнува лицето што се именува за директор на клиниките, и тоа: да има завршено 8 или 7/2 степен образование – наставник – пом.наставник на Медицински факултет, односно лекар специјалист и да има работно искуство од 6 години како лекар специјалист.
Со членот 60 од Статутот е определено дека Статутот и општите акти на Клиниките влегуваат во сила со денот на нивното усвојување, односно со објавувањето на огласната табла на Клиниките.
5. Согласно член 90 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91 и 4/93), здравствена организација може да се основа како: јавна, задружна, мешовита и приватна, во согласност со закон. Според членот 200 од Законот, постојните здравствени организации од денот на влегувањето во сила на Законот продолжуваат да работат како јавни здравствени организации чии основачки права и обврски ги презема Република Македонија, а според членот 199 овие организации своето работење имаат обврска да го усогласат со Законот најдоцна 4 месеци по неговото влегување во сила.
Со членот 137 став 1 и 2 од Законот е утврдено дека министерот за здравство за директор на јавна здравствена организација, врз основа на конкурс именува лице со високо образование, додека со став 2 е оставено со општите акти на другите видови здравствени организации да се уредат условите и начинот на именување на директор на тие организации.
Според член 136 од Законот, Собранието на Република Македонија дава согласност на одредбите на статутот на здравствената организација.
Од наведените законски одредби произлегува дека сите здравствени организации затекнати на денот на влегувањето во сила на Законот (19 август 1991 година) по силата на законот добиваат статус на јавни здравствени организации со основачки права, кои исто така по сила на Законот, и припаѓаат на Република Македонија.
Со оглед на тоа што при утврдувањето на називот и фирмата во оспорениот член 4 е употребен теминот “ООЗТ” кој повеќе не егзистира во законите кои се однесуваат на оваа област, а не термините што се определени со закон за овој вид на здравствени организации, Судот оцени дека оваа одредба од Статутот не е во согласност со член 90 од Законот за здравствена заштита.
Според мислењето на Судот, заради јавниот карактер на јавните здравствени организации, Законот за себе го резервирал прашањето за условите, начинот и постапката за именување на директор на јавните здравствени организации. Притоа, тој не оставил никаква можност ова прашање да се уредува, доуредува или поинаку да се уредува со актот на јавните здравствени организации. Судот оцени дека оспорениот член 35 од Статутот без законско овластување уредува законска материја, и тоа на поинаков начин од оној на кој таа материја е уредена со закон (со предвидување построги услови за именување директор), поради што оцени дека тој не е во согласност со член 137 од наведениот закон.
Според оценката на Судот, со Законот за здравствена заштита е определен карактерот на статутите на јавните здравствени организации како врзани акти, чие влегување во сила и произведување правни последици е условено со донесување акт на Собранието на Република Македонија со кој се дава согласност на тие статути. Од тие причини Судот смета дека не се во согласност со Законот, оние одредби од Статутот со кои се уредува поинаков начин на неговото влегување во сила. Со оглед на тоа што оспорениот член 60 од Статутот предвидува само објавувањето да биде услов за неговото влегување во сила, а не и давањето согласност од страна на Собранието на Република Македонија, Судот оцени дека таа одредба не е во согласност со член 136 од наведениот закон.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.199/94).