198/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 март 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на надоместок за употреба на градежно земјиште на подрачјето на Град Скопје, донесена од Собранието на Град Скопје на 8 јули 1993 година, со измените и дополнувањата извршени на 29 септември 1993 година, 10 декември 1993 година и 18 февруари 1994 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Град Скопје”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.198/93 од 6 октомври 1993 година, по повод поднесена иницијатива од “Технометал-Вардар” увоз-извоз АД, Скопје, “Макпетрол” Скопје и МП “Паштрик” Скопје, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за измени и дополнувања на Одлуката за утврдување на надоместок за употреба на градежно земјиште на подрачјето на Град Скопје, донесена на 8 јули 1993 година, затоа што со неа висината на надоместокот за употреба на градежното земјиште е утврдена и во зависност од дејноста што ја вршат корисниците на градежното земјиште, поради што пред Судот се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со законот.

4. Судот на седницата и на јавната расправа утврди дека со оспорената одлука се утврдува висината на надоместокот за употреба на градежно земјиште за секоја зона и по дејност. Висината на надоместокот е разли~на во зависност, покрај другото, од тоа во која зона се наоѓа одреден објект и каква дејност се врши во него.

5. На јавната расправа подносителите на иницијативата го проширија своето барање Судот да ја оценува уставнсота и законитоста и на сите подоцнежни измени и дополненија извршени на оспорената одлука. Во наводите за оценка на уставноста и законитоста посебно истакнаа дека дејноста не може да се предвиди како основ за определување на висината на надоместокот за употреба на градежното земјиште, затоа што според Законот тој надоместок зависи од погодностите што земјиштето му ги дава на корисникот, а дејноста не била погодност што произлегувала од земјиштето. Исто така, истакнаа дека екстра профитот што се остварува со вршење на определена дејност не може да биде критериум за определување на надоместокот, туку истиот може да биде основ за водење на определена даночна политика.

Претставниците на Собранието на Град Скопје истакнаа дека Законот дава можност надоместокот за употреба на градежното земјиште да се утврдува и во зависност од други околности, како што во конкретниот случај е зонирањето на Градот, па во тие рамки може да се предвиди и дејноста како основ. Со определувањето на овој надоместок Собранието на Град Скопје водело одредена политика за развој на определени дејности, за заштита на животната средина и за рационално искористување на градежното земјиште, што било негово право и должност.

6. Според член 44 став 1 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 38/80, 18/89 и 21/91) собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежно земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации. Надоместокот за употреба на уреденото градежно земјиште, според член 45 од Законот, се плаќа по единица површина посебно за градежно земјиште и посебно за изграден корисен простор.

Согласно член 48 од означениот закон, надоместокот за употреба на градежно земјиште се утврдува зависно од погодносите што определено земјиште му ги дава на корисникот (положбата на земјиштето во населбата или населеното место, сообраќајната поврзаност со центарот, снабденоста со комунални објекти и инсталации, рационалност на користење и други околности од значење за користење на тоа земјиште.

Според член 47 од Законот, собранието на општината има право да врши целосно или делумно ослободување од плаќање на овој надоместок, посебно за организации од општествените дејности, хуманитарни и други организации.

Од изнесените законски одредби произлегува дека е право на собранието на општината да одлучи дали ќе воведе надоместок за употреба на градежно земјиште и дали ќе предвиди ослободување на одделни субјекти од плаќање на овој надоместок. При утврдувањето на висината на овој надоместок, општината мора да поаѓа од погодностите што земјиштето му ги дава на корисникот. Исто така, висината на надоместокот треба да биде различна во зависност од тоа дали тој надоместок се однесува на корисен станбен, деловен и друг јавен корисен простор или на градежно земјиште што е под објектот и што служи за редовна употреба на објектот (дворно место, паркинг и сл.). Понатаму, од Законот произлегува дека висината на надоместокот зависи и од погодностите што одредено земјиште ги дава и тоа во зависност од положбата на земјиштето во однос на основните содржини кои служат за задоволување на општите и заедничките потреби на граѓаните, опременоста на градежното земјиште со комунални објекти за заедничката употреба (јавен водовод, канализација, топлификација и сл.).

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека од изнесените законски одредби не произлегува можност висината на надоместокот да зависи и од дејноста што се врши во одреден објект односно на определено градежно земјиште, туку од погодностите што тоа земјиште му ги дава на корисникот.

Со оглед на тоа што со оспорените одлуки како еден од основите за определување висината на надоместокот за употреба на градежно земјиште, Судот оцени дека тие не се во согласност со означените законски одредби. Исто така, Судот оцени дека со определувањето на различна висина на надоместокот зависно од дејноста, а под еднакви услови на опременост на градежното земјиште, се создава нееднаквост на субјектите на пазарот, спротивно на член 55 став 2 од Уставот.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека оспорените одлуки не се во согласност со означените законски одредби и со член 55 став 2 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.