195/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Репуб­лика Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 декември 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за потврдување на Одлуката за утврдување на надоместок на членовите на Советот на општина Аеродром за седници на работни тела, бр. 07-5676/4 од 3 септември 2007 година (“Службен гласник на општина Аеродром” бр.30/2007).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром со Решение У.бр.195/2007 од 7 ноември 2007 година поведе постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави пра­шањето за неговата согласност со членовите 45 и 100 од Законот за локал­на­та самоуправа.

5. Судот на седницата утврди дека, Советот на општина Аеродром на седница одржана на 29 август 2007 година, ја донел оспорената одлука за потврдување на Одлуката за утврдување на надоместок на членовите на Советот на општина Аеродром за седници на работни тела.

Во членот 1 од Одлуката е определено дека се потврдува Одлуката за утврдување на надоместок на членовите на Советот на општина Аеродром за седници на работни тела бр.07-4759/10 од 16 август 2007 година, донесена на шеесет и седмата седница на Советот.

Во членот 2 од Одлуката е определено дека се утврдува надоместок на членовите на Советот на општината Аеродром за седница на работните тела.

Според членот 3 од Одлуката, на членовите на Советот на Општина Аеродром им се утврдува надоместок во износ од 20% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци за учество на седниците на работните тела, без оглед на нејзиното времетраење.

Во членот 4 од Одлуката е определено истата да стапи во сила со денот на објавувањето во ”Службен гласник на општина Аеродром”.

Одлуката е објавена во службеното гласило бр.30/2007 од 3 септември 2007 година.

6. Согласно членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Репу-блика Македонија, Уставниот Суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 31 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), органи на општината се советот и градоначалникот.

Согласно членот 45 од истиот закон, членовите на сове­тот имаат право на надоместок за присуство на седници и надо­ме­сток на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.

Согласно членот 100 од Законот, кој се наоѓа во главата XV „Преодни и завршни одредби“, до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон, членовите на советот ќе при­ма­ат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзи­но­то времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Во членот 50 од Законот се утврдени надлежностите на градоначалникот, меѓу кои спаѓа и надлежноста да ја контролира законитоста на прописите на советот.

Од анализата на членовите 45 и 100 на Законот за локалната самоуправа произлегува дека законодавецот за членовите на советот утврдил право на надоместок за присус­т­во на седници, кој го ограничил во висина до 30% од просеч­ната нето месечна плата во Република Македонија исплатена во пос­ледните три месеци.

Со наведените одредби, како ни со другите одредби од Законот не се утврдува право на членовите на советот на посебен надоместок за работа на седници на работните тела.

Според тоа, Судот оцени дека Законот за локалната самоуправа утврдува право на членовите на советот на единствен и лимитиран надоместок за присуство на седници и не предви­дува посебни надоместоци за присуство и работа на седници на работните тела, како што тоа е определено во оспорената одлука.

Оттаму, анализирајќи ја содржината на оспорената одлука во однос со одредбите од член 45 и член 100 од Законот за локалната самоуправа, Судот оцени дека членовите на Советот имаат право на надо­месток за присуство на седници утврден со закон, но немаат и право на посебен надоместок за работа на седници на работните тела, од каде произлегува дека оспорената одлука, која утврдува вакво право не е во согласност со наведените законски одредби.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседа­те­лот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.195/2007
19 декември 2007 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски