193/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службенвесник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 септември 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Законот за управување и користење на пасиштата и утрините (“Службен весник на СРМ” бр.20/74).
2. Оваа одлука произведува правно дејств од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.193/95 од 12 јули 1995 година поведе постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека со овој закон се уредува начинот на управувањето и користењето на пасиштата и утрините во општествена сопственост. Пасиштата и утрините, според овој закон, се добро од општ интерес, при што пасиште е земјоделско земјиште образнато со треба, чие користење се врши со напасување на добиток, додека утрина е земјиште што се наоѓа во близина на населено место и служи претежно за изгон, одмор и делумно за пасење на добиток. За управување со пасиштата и утрините, според овој закон, се основаат самоуправни интересни заедници, а како нивни корисници се сметаат основните организации на здружениот труд и работните луѓе кои со личен труд и сопствени средства одгледуваат добиток.
Останатите одредби што спаѓаат во главата за управувањето со пасиштата и утрините го уредуваат начинот на основање на самоуправните заедници (со самоуправна спогодба); органите што ја склучуваат самоуправната спогодба; подрачјата за кои се основаат самоуправните интересни заедници; органите кои управуваат со овие самоуправни итнересни заедници; начинот на делегирањето на делегатите во собранијата на самоуправните интересни заедници; актите што ги донесуваат овие собранија; изборот на членовите на извршните органи на заедниците и начинот на функционирањето на стручната служба на заедниците. Главата во врска со користењето на пасиштата и утрините ги регулира прашањата во врска со: должноста на корисниците да се грижат за одржување и унапредување на пасиштата; донесување на долгорочни и едногодишни програми за стопанисување со пасиштата и утрините; должноста на корисниците на пасиштата да плаќаат надоместок за напасување на добитокот; определување намената на користењето на средствата собрани од пасиштата и сл. На крај, Законот содржи одредби со кои се регулира вршењето на надзорот над спроведувањето на Законот и казнени одредби за непридржување кон истиот.
Судот, исто така, утврди дека одредбите од Законот што се однесуваат на самоуправното интересно организирање во областа на управувањето и користењето на пасиштата, произлегуваат од поранешниот уставен поредок, во кој самоуправувањето, а во тие рамки и самоуправното интересно организирање, беше еден од основите на општественото уредување.
5. Уставот на Република Македонија го напушти концептот на самоуправното интересно организирање и пропиша други основи на општественото уредување. Основа на новите односи во економскиот систем претставува сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото. Според тоа, и односите меѓу корисниците на пасиштата и утрините и организациите кои стопанисуваат со нив треба да се уредат на поинаков начин, а не врз основа на самоуправно организирање.
Со оглед на тоа што самоуправното интересно организирање во областа на управувањето и користењето на пасиштата и утрините, нема основа во Уставот на Република Македонија, Судот утврди дека оспорениот закон не е согласен со Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков,Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.193/95).