186/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 април 2001 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 28 став 4 од Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000 и 112/2000).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр. 186/2000 од 7.02.2001 година поведе постапка за оценување уставноста на член 28 став 4 од Законот за државните службеници затоа што се постави прашањето за неговата
согласност со Уставот.
4. На седницата Судот утврди дека во член 28 од Уставот е предвидено: став 1: Државниот службеник со членувањето во политичка партија и со учество во нејзините
активности не смее да го доведува во прашање својот статус на државен службеник, ниту вршењето на службените задачи кои произлегуваат од тој статус; став 2: Државниот службеник не смее директно да учествува во изборни кампањи или други јавни настапи од таков карактер во текот на работното време; став 3:
Државниот службеник не смее да носи или да истакнува партиски симболи во работната просторија и став 4: Државниот службеник кој се кандидира за одредена политичка изборна функција или учествува во изборна кампања, за овој период, му мируваат
правата и обврските од работниот однос.
5. Во член 16 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, а според член 20 став 2 од Уставот граѓаните слободно можат да основаат здруженија на
граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да
истапуваат. 4. Согласно член 22 став 1 од Уставот секој граганин со наполнети 18 години живот се стекнува со избирачко право, а според член 23 од Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.Според член 95 став 2 и член 96 од Уставот се забранува политичко организирање и дејствување во органите на државната управа, а тие ги вршат работите од својата надлежност самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите. Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законот се еднакви. 6. Судот утврди дека сите ставови на член 28 од Законот се однесуваат на еден ист контекст, имено на конфликтот помеѓу потребата од обезбедување деполитизирана јавна администрација, како еден од основните услови за нејзиното функционирање во согласност со принципите на непристрасност и законитост (член 96 од Уставот) и слободата на политичкото уверување и дејствување на различни нивоа. Тие несомнено прават обид да ја најдат мерката или пропорцијата на коегзистирањето на овие две вредности една покрај друга, наместо да постават реска граница на нивното меѓусебно исклучување. Во тој контекст, оспорената одредба од член 28 став 4 од Законот, според мислењето на Судот, отстапува и од усвоениот законски концепт и од одделни уставни гаранции изнесени во точката 5 од оваа одлука. Имено, ставовите 1 и 2 на член 28 јасно ја покажуваат концепцијата на компатибилност на статусот државен службеник и политичка припадност односно активност, со предвидување мерки насочени кон заштита на статусот на државната служба. Според мислењето на Судот оспорениот член 28 став 4 го оневозможува тој концепт и има функција на одвраќање односно битно отежнување на условите за политички ангажман на државниот службеник, спротивно на став 1 и 2 од тој член, затоа што мирувањето на правата и обврските од работниот однос не е утврдено како право на државниот службеник, туку како обврска и реално губење на права како последица на активност која според самиот закон е дефинирана како дозволена активност која не влијае на вршењето на службата. Ова, се разбира, ако таа активност се врши по работното време во согласност со став 2 на овој член.Независно од односот на оспорениот став 4 со другите ставови на член 28 од Законот, задолжителното мирување на правата и обврските од работниот однос само по себепретставува ограничување на правото на учество во вршењето на јавните функции од член 23 од Уставот и пасивното избирачко право од член 22 од Уставот, што Судот го утврди како очигледен факт. При одговорот на прашањето дали тоа може да се оправда, Судот оцени дека Уставот овие права не ги условува со определен статус на граѓаните како што тоа го направил, на пример, со правото на штрајк кое може да се ограничи за државните службеници и вработените во органите на управата (член 38 од Уставот), ниту со претходно губење на други права.Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека член 28 став 4 од Законот не е во согласност со член 22 и 23 од Уставот и одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.186/2000
4 април 2001 година
С к о п ј е