179/2006-0-0

Вовед

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ

а) Одлуката за донесување на Статутот на општина Струга бр.07-4230/4 од 3 август 2006 година и

б) Статутот на општина Струга бр.07-4230/3 од 3 август 2006 година („Службен гласник на општина Струга“ бр.8/2006).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Станислав Буклиески од Струга и Јонче Ѓикоски од с. Мислешево-Струга со Решение У.бр.179/2006 од 15 ноември 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени под а) и б) од точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и Законот за локалната самоуправа.

4. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука за донесување на Статутот на општина Струга број 07-4230/4 од 3 август 2006 година, донесена од Советот на општина Струга, содржи 2 (два) члена.

Во членот 1 од Одлуката се предвидува дека со оваа Одлука се донесува Статутот на општина Струга, донесен од Советот на општина Струга на седницата одржана на 3 август 2006 година.

Во членот 2 се предвидува дека одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Струга“.

Статутот на општина Струга бр.07-4230/3 од 3.08.2006 година содржи XIII (тринаесет) глави, и тоа:

– I (првата) глава ги регулира основните одредби;
– II (втората) глава ги уредува организацијата и работењето на органите на општината;
– III (третата) глава ги уредува организацијата и работењето на комисиите на Советот на општината;
– IV (четвртата) глава содржи одредби кои го уредуваат вршењето на работите според начелото на супсидијарност;
– V (петтата) глава ги утврдува поединечните акти;
– VI (шестата) глава содржи одредби во врска со информирањето на граѓаните и слободен пристап до информации од јавен карактер;
– VII (седмата) глава содржи одредби кои го регулираат исклучувањето на јавноста од седниците на Советот;
– VIII (осмата) глава го регулира правото и начинот на поднесување на претставки и предлози;
– IX (деветата) глава содржи одредби во врска со јавните трибини, анкети и предлози од граѓаните;
– X (десеттата) глава го регулира извршувањето на обврските од областа на одбраната во воена состојба;
– XI (единасеттата) глава го регулира начинот на објавување на прописите на Советот;
– XII (дванасеттата) глава ја регулира месната самоуправа и
– XIII (тринаесеттата) глава содржи одредби за начинот на изменување и дополнување на Статутот.

5. Во текот на претходната постапка Судот од прибавената документација од доносителот на оспорените акти ја утврди следнава фактичка состојба:

Од извештајот на статутарно-правната комисија бр.10-3560/2 од 29 ноември 2005 година произлегува дека таа одлучила да утврди Предлог-Одлука за пристапување кон донесување Статут на општина Струга по предложениот текст, со Нацрт-Статут.

Од Записникот од Осмата седница на Советот на општина Струга бр.07-3434/2 одржана на 30 ноември 2005 година, произлегува дека меѓу другите точки од дневниот ред била и Предлог-Одлуката за пристапување кон донесување Статут на општина Струга, со Нацрт-Статут.

Советот на општина Струга на седницата одржана на 30 ноември 2005 година донел Одлука за пристапување кон донесување Статут на општина Струга бр.07-3434/4 од 30 ноември 2005 година и на истата седница е донесен Нацрт-Статут на општина Струга.

Општинската администрација на општина Струга, објавила јавна расправа по Нацрт-Статутот на општина Струга бр.08-3434/5 од 30 ноември 2005 година.

Статутарно-правната комисија на Советот на општина Струга на седницата одржана на 3 мај 2006 година, го утврди Предлог-Статутот на општина Струга по предложениот предлог-текст и му предложила на Советот на општина Струга да го усвои и донесе Статутот на општината.

На седницата на Советот на општина Струга одржана на 28 јули 2006 година, Предлог-Статутот на општина Струга, како и Предлог-Одлуката за донесување Статут, биле на дневен ред но не биле изгласани, видно од записникот од 13-тата седница на Советот на општина Струга бр.07-4070/2 од 28 јули 2006 година.

Со Решение бр.07-4230/1 од 28 јули 2006 година, Претседателот на Советот на општина Струга ја свикал 14-тата седница на Советот на општина Струга да се одржи на 3 август 2006 година во 11 часот и истовремено е објавен, односно соопштен и дневниот ред.

По извршениот увид во записникот од 14-тата седница на Советот на општина Струга бр.07-4243/2 од 3 август 2006 година, јасно е дека седницата се одржала на 3 август 2006 година, и на истата присуствувале 26 од 27 членови на Советот. Прва точка од дневниот ред бил Предлог-Статутот на општината. По дискусиите по оваа точка и по заклучување на претресот по расправата, Статутот бил донесен со 17 гласови „за“, „воздржан“ 1, против нема. Истовремено била донесена и Одлуката за донесување на Статутот на општина Струга.

Градоначалникот на општина Струга со Заклучок за објавување на Статутот на општина Струга бр.08-4422/1 од 4 август 2006 година, го објавил Статутот на општината и истиот е објавен во „Службен гласник на општина Струга“ бр.8/2006.

6. Согласно Амандманот XVI точка 1 од Уставот на Република Македонија локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локално финансирање, локални избори, општинските граници и за градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Согласно став 1 на член 7 од Законот за локалната самоуправа општината го уредува вршењето на своите надлежности со статутот и другите прописи.

Согласно член 31 од Законот за локалната самоуправа, органи на општината се: советот и градоначалникот.

Согласно член 32 став 1 од истиот закон, советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината.

Согласно член 36 став 1 точка 1 од Законот, советот го донесува статутот на општината и другите прописи.

Согласно член 39 став 1 од истиот закон, седниците на советот се свикуваат по потреба, но најмалку еднаш на три месеци. Во ставот 4 на членот 39, пак, се наведува дека денот, часот и местото на одржувањето на седниците на советот, како и предлогот на дневниот ред по кој ќе се работи задолжително се објавуваат најдоцна седум дена пред денот на одржувањето на седницата, на начин утврден со статутот.

Од наведените законски одредби јасно произлегува дека Законот за локалната самоуправа упатува со статутот на општината да се утврдат нејзините надлежности, потоа се утврдуваат органите на општината, начинот на работата на советот на општината, како и неговата надлежност и начинот на свикување седници на советот.

Имајќи го предвид изнесеното, а во корелација со приложената писмена документација, Судот оцени дека основано во иницијативата се укажува дека оспорениот Статут на општина Струга е донесен во постапка која не е во согласност со одредбите од Законот за локалната самоуправа. Имено, видно од Решението за свикување на 14-тата седница на Советот на општина Струга бр.07-4230/1, со кое претседателот на Советот на општина Струга го објавил одржувањето на седницата, денот, часот, местото на одржувањето (3 август 2006 година во 11.00 часот), како и предлогот на дневниот ред објавен на 28 јули 2006 година, произлегува дека не е постапено согласно член 39 став 4 од Законот за локалната самоуправа и објавувањето на одржувањето на седницата како и дневниот ред не е сторено најдоцна седум дена пред денот на одржувањето, како бара законската норма, која има императивен карактер, туку пред истекот на предвидените седум дена. Оттука основано се укажува во иницијативата дека со Одлуката за донесување на Статутот на општина Струга, како и со Статутот на општина Струга, се доведува под сомнение законитоста на овие акти, односно согласноста со одредбите од Законот за локалната самоуправа.

Што се однесува до наводот во иницијативата дека Статутот на општината е донесен, исто така, во постапка која е спротивна на одредбата од член 41 став 3 од Законот за локалната самоуправа, без мнозинство од советниците кои се претставници на заедниците кои не се мнозинско население во општината, според Судот е основан.

Имено, согласно член 41 од Законот за локалната самоуправа советот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови на советот (став 1). Советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, ако со закон и со статутот поинаку не е определено (став 2). Прописите кои се однесуваат на културата, употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во општината, утврдувањето и употребата на грбот и знамето на општината, се усвојуваат со мнозинство гласови од присутните членови на советот, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината (став 3).

Видно од Записникот од 14-тата седница на Советот на општина Струга на која како прва точка од дневниот ред бил рзгледуван и по кој било расправано бил Предлог-Статутот на општина Струга. На почетокот на одржување на седницата (како што е констатирано во Записникот) присуствувале 26 членови на Советот (од вкупно 27 членови на Советот), а отсутен бил само членот на Советот Танас Трајкоски. Но, во фаза на гласање за донесување на Статутот и Одлуката за донесување на Статутот, биле отсутни членовите на Советот на ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО-НП, СДСМ и ЛДП, бидејќи во меѓувреме ја напуштиле седницата и Статутот бил донесен со 17 гласови „за“, „воздржан“ 1, „против“ нема, а Одлуката за донесување била донесена со 17 гласови „за“, „воздржан“ 2. Од увидот во листата (списокот) на советници се констатира дека вкупниот број на советници, односно членови на Советот е 27, од кои 7 се Македонци по националност и припадници на политичките партии од ВМРО-ДПМНЕ (3), три (3) од СДСМ, ВМРО-НП еден (1), 18 Албанци и 2 Турци.

Според Судот, Статутот донесен на 14-тата седница на Советот на општина Струга, е пропис кој, го регулира прашањето за утврдување и употреба на грбот и знамето на општината, а може да го регулира и прашањето за употребата на јазиците и писмата во работата на Советот на општината на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во општината. Ова упатува на констатација, а согласно член 7 став 2 и член 41 став 3 од Законот за локалната самоуправа, дека Статутот, како акт на општината треба да се донесе во постапка каде треба да е запазено правилото за присуство и мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината.

Меѓутоа, видно од Записникот од 14-тата седница на Советот на општина Струга, јасно е дека на седницата гласале 18 советници, и тоа 17 „за“, „воздржан“ 1, „против“ нема, при што не било обезбедено присуство на советници, односно членови на советот кои припаѓале на заедниците кои не се мнозинско население во општината, кое не е во согласност со членот 41 став 3 од Законот за локалната самоуправа, на што основано се укажува во иницијативата.

Оттука, Судот оцени дека во конкретниов случај оспорените акти – Статутот на општината Струга и Одлуката за донесување на Статутот на општина Струга не се во согласност со Амандманот XVI од Уставот на Република Македонија и со членовите 39 став 4 и 41 став 3 од Законот за локалната самоуправа.

7. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Бајрам Положани.

У.бр.179/2006
4 април 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи