178/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 март 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА насловот на Глава III – Права и обврски на воените обврзници и членовите 10, 11 и 14 од Правилникот за начинот и условите за извршување на обврската за служење во резервниот состав на Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.48/92).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје, со решение У.бр.178/99 од 1 декември 1999 година поведе постапка за оценување законитоста на одредбите од Правилникот означени во точката 1 од оваа одлука затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот, Законот за одбрана и Законот за органите на управата.

Доносителот на актот во мислењето што го достави до Судот во врска со наводите содржани во решението за поведување на постапка, меѓу другото наведува дека со членот 10 од Правилникот практично се разработуваат начинот и условите за извршување на обврската за служење во резервниот состав, а членовите 11 и 14 од Правилникот се само упатни одредби што имаат за цел воениот обврзник во резервниот состав кодифицирано да има сознание за правата што му припаѓаат во случај на повикување на воена вежба. Од овие и други причини, во мислењето се истакнува дека во конкретниот случај министерот за одбрана не утврдил права и обврски на граѓаните со што би се сметало дека ги надминал своите законски овластувања.

4. На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 10, кој е лоциран во Глава ИИИ од Правилникот насловена како “Права и обврски на воените обврзници” предвидено е дека право на одлагање на вршењето на воена вежба имаат редовно воените обврзници во резервен состав, а исклучително претпријатијата каде што истите се вработени. Воената вежба може да се одложи од следните причини: болест на воениот обврзник, полагање на испит, смрт, тешка болест, заразна болест и елементарни непогоди и други несреќи во семејството, неодложни работи во земјоделството или самостојно вршење на дејност со личен труд, доколку со одењето на воената вежба ќе настанат големи материјални штети, бременост на жената, породување и потреба за чување на дете помало од 7 години, неодложни потреби на претпријатието, однапред организирано и платено туристичко патување во странство и вршење на службени и слични работи во странство.

Барањето за одлагање на воена вежба се поднесува во рок од три дена сметано по приемот на поканата.

Кон барањето, воениот обврзник во резервен состав односно претпријатието ги приложува потребните документи за докажување на оправданоста на причината.

Доколку се усвои барањето за одлагање, примерок од решението се доставува до воената единица односно установа која ја изведува воената вежба.

Според член 11, резервниот воен обврзник кој ќе биде повикан во врска со извршување на воена вежба, има право на надоместок на личен доход односно, надоместок за сместување, исхрана и бесплатен превоз во средствата на јавниот сообраќај.

Според член 14, доколку воениот обврзник во резервен состав е повикан на воена вежба и при тоа дојде до негова смрт или тешка телесна повреда, без негова вина, трошоците за погреб, еднократна парична помош, остварување на семејна пензија и други трошоци за лекување и закрепнување, паѓаат на терет на буџетот на Републиката.

5. Во член 28 став 1 од Уставот е утврдено дека одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин, а според став 2 од овој член од Уставот, остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.

Според член 2 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92 и 30/95), извршувањето на воената обврска е едно од правата и должностите на граѓаните во одбраната на Републиката. Во таа смисла, според член 3 став 1 од Законот, воената обврска на граѓаните е општа, а според член 4 од Законот, воената обврска се состои од регрутна обврска, обврска за служење на воен рок и обврска за служење во резервен состав. На воениот обврзник воената обврска, според член 5 од Законот, му престанува кога ќе наполни 55 години живот и ако е оценет за трајно неспособен за воена служба.

Обврската за служење во резервниот состав поконкретно е разработена со одредбите на членовите 66, 67 и 68 од Законот , при што се утврдени лицата и времето од кое воените обврзници подлежат на извршување на оваа обврска, годините на живот до кои на мажите оваа обврска може да им биде продолжена за време на воена состојба, како и формите односно начинот на кои се извршува оваа обврска.

Според ставот 2 на член 68 од Законот, начинот и условите на извршувањето на обврската за служење во резервниот состав се уредува со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека одбраната на Републиката е право и должност на секој граѓанин чие остварување се уредува со закон, дека согласно Законот за одбрана, извршувањето на воена обврска е едно од правата и должностите што граѓаните ги имаат во рамките на остварувањето на одбраната на Републиката и дека таа обврска е општа за сите граѓани и се состои, меѓу другото, и од обврската за служење во резервниот состав на Армијата на Република Македонија. Понатаму, исто така, произлегува дека обврската за служење во резервен состав, во основа, е разработена во самиот Закон за одбрана, со тоа што министерот за одбрана е овластен нејзиното извршување поблиску, односно поконкретно да го уреди со правилник и тоа во смисла на утврдување на условите и начинот на кои таа ќе се извршува. Според мислењето на Судот вака утврденото овластување на министерот за одбрана е во согласност со уставната положба, како и со законски утврдените надлежности, односно функции на органите на државната управа, поради што од овој аспект и не би можело да се постави прашањето за согласноста на Правилникот чии одредби се оспоруваат со Уставот и Законот за органите на управата.

Меѓутоа, разгледувајќи го прашањето дали при уредување на наведените прашања со Правилникот, министерот за одбрана ги надминал законските овластувања и при тоа утврдил права и обврски на граѓаните што пак согласно член 164 од Законот за органите на управата не е допуштено, а при тоа имајќи ја предвид содржината на оспорената глава ИИИ од Правилникот, односно на нејзините одредби, според мислењето на Судот, наспроти мислењето на доносителот на Правилникот, во оспорените членови 10, 11 и 14 од Правилникот, станува збор за утврдување на права и обврски кои што по својот карактер можат да бидат предмет на утврдување само на закон или колективен договор, а не и на друг пропис, како што се актите на органите на државната управа. Така на пример, правото на одлагање на вршењето на воената вежба може да биде утврдено само со Законот за одбрана, а правото на надоместок на личен доход на резервниот воен обврзник кој е повикан во врска со извршување на воена вежба од член 11 од Правилникот веќе е утврдено во член 72 од Законот за работните односи, а додека средствата што се обезбедуват на товар на буџетот на Република Македонија по основ на пензиското и инвалидското осигурување и здравствената заштита на воените обврзници во резервен состав, а од чија област се и некои од правата од член 14 од Правилникот, се, исто така, утврдени во соодветните закони што ги регулираат правата од тие области (членовите 172 став 1 точка 3, 181 и 182 став 1 точка 12 од Законот за пензиското и инвалидското осигурувањње и член 63 став 2 од Законот за здравствената заштита – пречистен текст).

Од друга страна, со Уредбата за висината на надоместоците на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на одбраната донесена од Владата на Република Македонија, врз основа на овластувањето од членот 16 став 1 точка 14 алинеја 13 од Законот за одбрана (“Службен весник на РМ” бр. 35/93, 36/94, 2/97, 7/98, 22/98 и 27/98), се утврдени видовите на надоместоци што им припаѓаат на граѓаните по овој основ, како и нивната висина. Согласно член 2 од оваа Уредба, на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на одбраната им припаѓаат, меѓу другото, и: надоместоци на плата, трошоци за превоз, исхрана и сместување, еднократна парична помош во случај на смрт или оштетување на организмот, стварни погребни и други трошоци, а согласно член 20 од истата уредба средствата за сите надоместоци се обезбедуваат од Буџетот на Републиката, а се исплатуват од органот, односно организацијата која ги повикува граѓаните за извршување на правата и должносите од областа на одбраната.

Со оглед на тоа дека во оспорените членови 10, 11 и 14 од Правилникот се утврдени права на резервните воени обврзници, односно обврски што паѓаат на товар на буџетот на Република Македонија, а некои од овие права, односно обврски не се утврдени или се веќе утврдени со закон и со Уредба на Владата на Република Македонија, Судот утврди дека во конкретниот случај, со уредувањето и на овие прашања во оспорениот правилник, министерот за одбрана го пречекорил законското овластување од член 68 став 2 од Законот за одбрана, поради што членовите 10, 11 и 14 од Правилникот не се во согласност со член 96 од Уставот, член 68 став 2 од Законот за одбрана и членовите 19 став 2, 160, 161 и 164 од Законот за органите на управата.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.178/99
1 март 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков