178/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 20 септември 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за утврдување поблиски услови за градба на објектите на подрачјето на град Скопје (“Службен гласник на град Скопје” бр.9/93).

2. СЕ УКИНУВА времената мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Извршниот одбор на Собранието на Општина Центар во Скопје со Решение бр.178/95 од 14 јуни 1995 година поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со законот.

5. На седницата Судот утврди дека со одлуката се уредуваат поблиските услови за градба на објекти на подрачјето наград Скопје, а кои се однесуваат на: максимални димензии на габаритот на објектот и услови на расојание, пренамена на дел од објектот, доградба и надградба на објектите, нивелациона кота и градежна линија и други подетални услови за градба. Исто така, со оспорената одлука се уредува и постапката за утврдување на поблиски услови за градба.
6. Во член 38 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85) беше предвидено измената на плановите од помал обем да се врши со пропис на општината во однос на доградба, надградба на објектите, измена на габаритот на објектите, нивелациона кота и градежна линија. Со измените на овој закон (“Службен весник на СРМ” бр.38/90) споменатиот член од Законот престана да важи. Со член 45 од Законот собранијата на општините, органите на управата и претпријатијата од член 25 од овој Закон се определува да ги усогласат просторните и урбанистичките планови и постапката за нивното донесување во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон. Според член 46 став 1 од Законот, до усогласување на плановите од член 45 од овој закон, собранието на општината може со општ акт да ги утврди поблиските услови за градба, односно во поглед на доградба, надградба, максимални димензии на габаритот на објектот, пренамена на дел од објектот и другите подетални услови за градба, а според став 2 на членот 46 од Законот, во постапката за донесување на актот од став 1 на овој член не се применуваат одредбите од член 31 од Законот.

Од изнесените законски одредби произлгува дека со рокот предвиден со член 45 од Законот (едногодишен рок за усогласување на плановите со Законот) е продолжено овластувањето на општината во истата постапка да врши измена на плановите од помал обем. (Рокот за усогласувањето траел до 27 ноември 1991 година). По овој рок престанува овластувањето на собранието на општината да дон есува поблиски услови за градба на објекти од помал обем.

Со оглед на тоа што оспорената одлука е донесена на 4 јули 1993 година односно по рокот предвиден за усогласуање на актите (27 ноември 1991 година). Судот оцени дека таа не е во согласност со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.

7. Со оглед на тоа што Судот го укина актот означен во точката 1 од оваа одлука, привремената мерка за забрана на извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на таа одука.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими , д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.178/95