168/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 15 јануари 2003 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Заклучокот на Владата на Република Македонија за објавување на Договорот за изменување и дополнување на Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Република Хрватска (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2002).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијативите на Тутунски комбинат АД Скопје и Македонија табак – 2000 ДОО експорт-импорт Штип, со Решение У.бр.168/2002 од 6 ноември 2002 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со закон.
4. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија донела Заклучок за објавување на Договорот за изменување и дополнување на Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Република Хрватска.
Според точката 1 од овој заклучок согласно член 18 од Договорот за изменување и дополнување на Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Република Хрватска, потпишан на 11.06.2002 година во Загреб, Република Македонија и Република Хрватска привремено ќе го применуваат Договорот од 1.07.2002 година, за што е потребно да се објави во “Службен весник на Република Македонија”, а потоа ќе се спроведе постапка за негова ратификација. Според точката 2 од заклучокот, овој заклучок влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
5. Според член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Согласно член 68 став 1 алинеја 6 од Уставот, Собранието на Република Македонија, ратификува меѓународни договори.
Покренувањето на постапката за ратификација на меѓународните договори е утврдена во Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори.
Според членот 19 од овој закон, претседателот на Републиката, односно органот на државната управа во чија надлежност се прашањата што се уредуваат со склучениот мечународен договор, оригиналниот текст на потпишаниот договор со предлог за поведување на постапка за ратификација и образложение во врска со тоа го доставуваат до Министерството за надворешни работи, најдоцна во рок од 30 дена од потпишувањето на договорот.
Согласно членот 20 од овој закон, постапка за ратификација на склучените мечународни договори покренува Министерството за надворешни работи со поднесување на предлог за донесување на закон за ратификација на склучениот меѓународен договор до Владата. Предлогот за донесување на закон за ратификација на склучениот меѓународен договор, Владата го поднесува до Собранието на Република Македонија.
Членот 21 од овој закон уредува дека Владата на Република Македонија му доставува на Собранието на Република Македонија предлог за донесување на закон за ратификација на меѓународен договор што го склучил претседателот на Републиката. Во постапката по п редлогот за донесување на закон од став 1 на овој член, претседателот на Републиката во Собранието на Република Македонија може да даде образложение за склучениот меѓународен договор, а Владата кон предлогот може да достави и свое мислење за меѓународниот договор.
Согласно членот 22 од овој закон со Законот за ратификација на меѓународен договор може да се определи и органот на државната управа што ќе се грижи за извршување на тој договор или да се овласти Владата, односно органот на државната управа во чија надлежност се прашањата уредени со склучениот меѓународен договор да донесе поблиски прописи за извршување на тој договор. Законот за ратификација на повеќестран меѓународен договор ги содржи и резервите кои Република Македонија ги дава на тој меѓународен договор.
Врз основа на изнесеното произлегува дека секој склучен меѓународен договор за да биде дел од внатрешниот правен поредок на државата треба да биде ратификуван од Собранието на Република Македонија на начин и во постапка предвидена со закон.
Во конкретниот случај, со оспорениот заклучок на Владата на Република Македонија е објавен Договорот за изменување и дополнување на Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Република Хрватска, пред тој да биде ратификуван, а со тоа и пред да стане дел од внатрешниот поредок на државата.
Со оспорениот Заклучок на Владата се операционализира членот 18 од Договорот според кој договорните страни се согласни одредбите од изменувањето и дополнувањето на Договорот привремено да се применуваат од 1.07.2002 година, и се утврдува дека за тоа е потребно да се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
Објавувањето на Договорот за изменување и дополнување на Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Република Хрватска и неговото привремено применување од договорните страни пред да биде ратификуван, според мислењето на Судот значи дека на тој начин всушност Договорот станал дел од внатрешниот правен поредок на државата спротивно на уставната определба дека само меѓу народните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок како и со одредбите од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.168/2002
15 јануари 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов