165/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 и 24 декември 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 7 став 2 точка 18 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Народната банка на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија”бр.37/98) која гласи

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на д-р Александар Маневски од Скопје, со решение У.бр.165/98 од 7 октомври 1998 година поведе постапка за оценување уставноста на законите означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 7 став 2 точка 18 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Народната банка на Република Македонија покрај мерките што се преземаат против банка односно штедилница, гувернерот е овластен да презема и други мерки за кои смета дека се неопходни да се применат.

5. Согласно член 14 став 1 од Уставот на Република Македонија никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Од оваа одредба произлегува дека сторителот не може да биде казнет за дело кое, пред да го изврши, не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Со оглед на тоа дека гувернерот на Народната банка, како инокосен орган на истата покрај мерките што Народната банка на Македонија ги презема против банките кои во своето работење не се придржуваат на Законот и кои се таксативно наброени во Законот, со сегашната точка 18 е овластен да презема и други мерки за кои смета дека е неопходно да се применат кон соодветната банка, без да се утврди кои се тие мерки и кои се тие случаи кога овие мерки би биле неопходни, Судот утврди дека оваа одредба е несогласна со Уставот. Ова од причина што при застапеноста на концепцијата во Уставот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, Судот оцени дека гувернерот не може да биде овластен сам да го определува видот на мерките и сам да цени во кои случаи е неопходно истите да се применат.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.165/98)