162/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 декември 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Заклучокот на Советот на Општина Облешево, донесен на седницата одржана на 19 мај 1997 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.162/97 од 15 октомври 1997 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со член 114 став 3 од Уставот на Република Македонија и со членовите 80 и 81 од Законот за локалната самоуправа.

4. На седницата Судот утврди дека според точката 1 од оспорениот заклучок се усвојува предлогот на Одборот на месна самоуправа на Советот на Општина Облешево за поништување на избор на Одбор на Месната заедница село Чифлик и Одбор на Месната заедница село Бање, а според точката 2 на овој заклучок се задолжуваат месните заедници село Чифлик и село Бање да извршат правилен избор на одбори на месните заедници, согласно Статутот на Општината Облешево во присуство на претставници на Општината. Во точката 3 од овој заклучок е предвидено дека Заклучокот влегува во сила со денот на донесувањето.

5. Согласно член 114 од Уставот на Република Македонија, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа. Понатаму, се определува дека единици на локалната самоуправа се општините и дека во општините можат да се основаат облици на месна самоуправа. Најпосле е уредено дека локалната самоуправа се уредува со закон.

Според член 80 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95), во единиците на локалната самоуправа граѓаните можат да основаат месни (селски или квартни) заедници и други облици на месна самоуправа. Во ставот 2 на овој член е предвидено дека со статутот на единицата на локалната самоуправа, во согласност со овој закон, поблиску се определуваат условите и постапката за основање месни заедници и други облици на месна самоуправа, надлежноста и организацијата, утврдувањето на програмата за работа, средствата што единицата на локалната самоуправа ги отстапува на месната заедница, односите со органите на единицата на локалната самоуправа и други прашања од значење за месната самоуправа.

Според член 81 од овој закон, во месните заедници и во другите облици на месна самоуправа граѓаните одлучуваат за работи од непосредно и секојдневно значење за нивниот живот и работа, а во членот 83 исто од овој закон, е предвидено дека месната заедница и другите облици на месна самоуправа имаат својство на правно лице во рамките на правата и должностите утврдени со овој закон, статутот на единицата на локална самоуправа и актот за основање.

Од наведените уставни одредби произлегува дека месната самоуправа претставува посебен облик на локалната самоуправа. При тоа Уставот не се впушта во утврдувањето на условите за образување на месна самоуправа, туку тоа го утврдува како можност во општините да се основаат облици на месна самоуправа што значи право е на законодавецот, при уредувањето на прашањето за локалната самоуправа, да ги пропише облиците на месната самоуправа и условите и начинот на нивното функционирање. Во таа смисла, Законот за локалната самоуправа конкретно со означените одредби од Законот го уредил прашањето за месната самоуправа. При тоа, со Законот е дадена можност во единиците на локалната самоуправа граѓаните да можат да основаат месни заедници и други облици на месна самоуправа и препуштил со статут на единицата на локалната самоуправа, во согласност со овој закон, поблиску да се определат условите и постапката за основање месни заедници и други облици на месна самоуправа, надлежноста и организацијата, утврдување на програмата за работа, средствата што единицата на локалната самоуправа ги отстапува на месната заедница, односите со органите на единицата на локалната самоуправа и други прашања од значење за месната самоуправа.

Поаѓајќи од фактот дека Уставот утврдил само можност за основање на месна самоуправа, без начелно да ја утврди нејзината основна концепција, а со Законот за локалната самоуправа утврдил можност, во рамките на единиците на локалната самоуправа, граѓаните да основаат месни заедници и други облици на месна самоуправа, Судот смета дека организирањето на месните заедници и другите облици на месна самоуправа е исклучиво право на граѓаните и тие имаат право, непосредно врз основа на Уставот да организираат и спроведат избори за органите на месната самоуправа.

Исто така, од Законот произлегува дека со статутот на општината поблиску, во согласност со овој закон, се определуваат прашањата за условите и за постапката за основање на месните заедници и другите облици на месна самоуправа. Меѓутоа, постапката за предлагање, утврдување и избор на членовите на одборот, според мислењето на Судот, е во исклучива надлежност на месната самоуправа и се уредува со правила за работа на месната самоуправа, на што укажува и членот 114 од Статутот на Општината Облешево, што значи дека граѓаните во месната заедница сами го уредуваат изборот на членовите на одборот.

Со оглед на тоа што советот на општината не е надлежен да го поништи изборот за членови на одбори во месните заедници и другите облици на месна самоуправа, Судот оцени дека оспорениот заклучок не е во согласност со член 114 став 3 од Уставот и со членовите 80 и 81 од Законот за локалната самоуправа.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука..

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.162/97)