16/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 јануари 1999 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ член 17 став 1 точка 31, член 29 став 1 точка 10 и член 58 став 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со решение У.бр.16/98 од 25 ноември 1998 година поведе постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 17 став 1 точка 31 од Законот, единиците на локалната самоуправа самостојно одредуваат престапи и казни кога не се почитуваат прописите на единицата на локалната самоуправа. Според член 29 став 1 точка 10 од овој закон, советот на единицата на локалната самоуправа одредува престапи и казни кога не се почитуваат прописите на единицата на локалната само- управа. Според член 58 став 2 од овој закон, по жалба против поединечен акт донесен од градоначалникот, а во рамките на самостојната надлежност на единицата на локалната самоуправа (член 17 од овој закон) решава советот на единицата на локалната самоуправа, а по жалба против поединечен акт на управните органи на единицата на локалната самоуправа донесен во рамките на самостојната надлежност (член 17 од овој закон) решава градоначалникот.

5. Една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, согласно член 8 став 1 алинеја 4 од Устравот е поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Судската власт ја вршат судовите кои се самостојни и независни и кои судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Уставот на Република Македонија во основа не содржи формална дефиниција за тоа што се смета за казниво дело ниту пак ги класифицира казнивите дела според степенот на општествената опасност.

Единствено разграничување меѓу кривични дела и други казниви дела е направено во член 106 став 1 од Уставот во кој е предвидено дека јавното обвинителство ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела.

Во рамките на граѓанските и политички слободи и права, Уставот го определува начинот на остварувањето на слободата на човекот и неговата одговорност за сторени казниви дела. Имено, членот 13 од Уставот определува дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна, а спор ед ставот 2 на овој член, никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.

Од овие уставни одредби произлегува дека вината за одредено казниво дело мора да биде утврдена со судска одлука што значи дека за вината на сторителите за сите казниви дела можат да одлучуваат само судовите.

Со член 115 од Уставот на Република Македонија е определена надлежноста на единиците на локалната самоуправа каде што граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детска заштита, предучилишното воспитување, основното образование, основната здравствена заштита и во други области определени со закон.

Според член 1 од Кривичниот законик, на никого не може да му биде изречена казна или друга кривична санкција за дело, кое, пред да е сторено, не било со закон определено како кривично дело и за кое не била пропишана казна со закон. Членот 7 од овој Кривичен законик определува дека кривично дело е противправно дело што со закон е определено како кривично дело и чии обележја се определени со закон.

Според член 3 од Законот за прекршоците, никому не може да му биде изречена прекршочна санкција за дело кое, пред да е сторено, не било со закон определено како прекршок и за кое со закон не била пропишана казна. Членот 5 од овој закон утврдува дека прекршокот е противправно дело што со закон е определено како прекршок и чии обележја се определени со закон.

Според член 36 од овој закон, поимот прекршок ги опфаќа и делата што во одделни закони се предвидени како стопански престапи.

Членот 103 од овој закон утврдува дека со денот на стапувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за стопанските престапи.

Според изнесеното, престапот како казниво дело во ниеден закон посебно не е дефиниран и за него не се предвидени санкции. Напротив, според Законот за прекршоци поимот прекршок ги опфаќа и делата што се предвидени како стопански престапи.

Единствено во Законот за локалната самоуправа, во членот 17 став 1 точка 31 и во членот 29 став 1 точка 10 е утврдено дека единицата на локалната самоуправа односно советот на единицата на локалната самоуправа одредува престапи и казни кога не се почитуваат прописите на единицата на локалната самоуправа. Основ за ова законско решение е членот 14 став 1 од Уставот според кој никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна. Оттука единицата на локалната самоуправа односно советот на единицата на локалната самоуправа можеби би можеле да утврдуваат престапи и казни кога не се почитуваат прописите на локалната самоуправа, меѓутоа се поставуваат многу суштински прашања како што се: кој ќе цени дека е направен конкретен престап, кој ќе ја изрекува казната и кој ќе се грижи за нејзиното извршување. При тоа треба да се има предвид членот 13 од Уставот според кој лицето о бвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Во членот 98 став 2 од Уставот е утврдено дека судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, што значи дека судовите не би можеле да судат за престапи кои претходно не биле утврдени со закон или со други зборови не би можеле да судат за престапи одредени од единиците на локалната самоуправа. Уште помалку, судска функција би можел да врши советот на единиците на локалната самоуправа, како претставничко тело, имајки го предвид уставното начело за поделба на власта, како и доминацијата на слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Понатаму, ако се има предвид дека функциите на единиците на локалната самоуправа наведени во членот 17 од Законот главно се условени да бидат во согласност со закон, произлегува дека единиците на локалната самоуправа односно нивните совети нема потреба да утврдуваат престапи и казни бидејки своите надлежности ги вршат во согласност со определени закони во кои се веке предвидени казниви дела и санкции. При тоа особено треба да се има предвид фактот дека единиците на локалната самоуправа односно нејзините органи согласно Уставот работат во интерес на локалното население, но немаат ингеренции да го казнуваат населението. Утврдувањето на казниви дела и санкции е исклучива надлежност на државната власт.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека членот 17 став 1 точка 31 и член 29 став 1 точка 10 од Законот за локалната самоуправа не се во согласност со Уставот.

6. Согласно член 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Според член 24 од Законот за локалната самоуправа органи на единиците на локалната самоуправа се совет, градоначалник, управни и административни органи.

Според овој закон, советот на единицата на локалната самоуправа е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на единицата на локалната самоуправа. Него го сочинуваат претставници на граѓаните избрани на општи, непосред- ни и слободни избори со тајно гласање.

Градоначалникот е инокосен извршен ор ган кој се избира на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање во согласност со закон и за својата работа одговара пред граѓаните на единицата на локалната самоуправа.

Во единиците на локалната самоуправа има управни органи (инспекции, одделе- нија, отсеци и референти) и административни органи (служби, канцеларии и писарници) кои се во функција на советот и на градоначалникот на локалната самоуправа.

Надлежностите на органите на единиците на локалната самоуправа се утврдени со закон, а актите што тие ги носат се бројни и разновидни во зависност од тоа за чии акти станува збор. Така, советот како претставничко тело донесува статут, буџет, завршна сметка, програми, планови и т.н., а градоначалникот и управните органи како извршни органи донесуваат поединечни акти.

Надзорот над законитоста на работата на органите на единиците на локалната самоуправа го вршат Владата на Република Македонија и надлежните министерства.

Оттука, советот на единицата на локалната самоуправа како претставничко тело не би можел да одлучува во втор степен по жалба против поединечен акт донесен од градоначалникот како извршен орган, кој меѓу другото се грижи и го обезбедува извршу- вањето на одлуките на советот.

Градоначалникот, пак, кој раководи со управните и административни органи, не би можел да одлучува во втор степен по жалба против поединечните акти донесени од управните органи. Изразувајки став дека не е застапен принципот на двостепено одлучување, Судот, оцени дека членот 58 став 2 од Законот за локалната самоуправа не е во согласност со Уставот.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Б есим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.16/98
20 јануари 1999 година
С к о п ј е
ат.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков