У.бр.157/2002

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 декември 2002 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Буџетот на општина Сопотница за 2002 година (“Службен гласник на општина Сопотница” бр. 2/2002).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Златко Кузмановски, советник на Советот на општина Сопотница, со Решение У.бр. 157/2002 од 30 октомври 2002 год., поведе постапка за оценување законитоста на оспорениот буџет означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот пропис со одредбите на Законот за локалната самоуправа.

4. Судот на седницата утврди дека Буџетот на општина Сопотница бил донесен на седницата на Советот на Општината одржана на 21 март 2002 година, при што, на седницата биле присутни осум од вкупно 13 советници на Советот, а за донесување на оспорениот акт гласале само шест советници.

Горната состојба е утврдена врз основа на документацијата приложена кон предметот и одговорот на наводите содржани во иницијативата доставен до Уставниот суд, од страна на Советот на општината Сопотница со писмо бр. 07 – 89/2 од 14 октомври 2002 год.

5. Според член 62 став 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/02), прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот, доколку поинаку не е определено со овој или друг закон. Согласно член 97 од овој закон, до донесувањето на законот со кој ќе се уредат прашањата за финансирање на општините, финансирањето на општините ќе продолжи да се врши согласно со одредбите од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95) и Законот за буџетите (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/93, 71/96, 46/2000 и 11/2001).

Согласно член 32 став 6 од поранешниот Закон за локална самоуправа, кој во делот на финансирањето на општината е се уште во примена бидејќи не е донесен законот со кој ќе се уредат прашањата за финансирање на општините, се уредува дека статутот, буџетот и завршната сметка на буџетот на единицата на локалната самоуправа и деловникот на советот се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот.

Тргнувајќи од содржината на наведените законски одредби, а имајќи предвид дека оспорениот пропис е донесен без потребното мнозинство, според мислењето на Судот, начинот и постапката на донесувањето на Буџетот на општина Сопотница не е во согласност со напред наведените законски одредби, поради што Судот оцени дека тој пропис не е во согласност со одредбите на Законот за локалната самоуправа.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.157/2002
4 декември 2002 година
С к о п ј е
ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов