157/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 ноември 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за поништување на Одлуката за определување на локација за изградба на сточарска фарма, донесена од Собранието на Општина Кичево на 14 мај 1996 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонијиа”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.157/96 од 25 септември 1996 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на точката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со уставот и со закон.

4. На седницата Судот утврди дека според член 1 од оспорената одлука се поништува Одлуката бр.08-460/3 од 21 декември 1994 година со која се определува локација за изградба на сточарска фарма на КП.бр.6673 за КО Кичево и м.в. “Бучин Дол” чиј инвеститор е Сејдини Ресуљ Салија. Според член 2 се упатува инвеститорот за добивање решение за утврдување на локација и градба и за утврдување општ интерес да прибави од надлежните републички органи, и според член 4, Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето.

Исто така, Судот утврди дека Собранието на Општината на 21 декември 1994 година врз основа на член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 38/90) донело Одлука за изградба на сточарска фарма бр.08-460/3 (“Службен гласник на Општина Кичево” бр.3/94) со која на место кое не било урбанистички уредено односно немало урбанистички план и не постоеле елементи за утврдување услови за градба на КП.бр.6673 во КО-Кичево м.в. “Бучин Дол” определило локација за изградба на сточарска фарма.

4. Според член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија прописите се објавуваат пред да влезат во сила.

Со оглед на тоа што со член 4 од Одлуката се предвидува таа да влезе во сила со денот на донесувањето односно пред да биде објавена, а не по или со објавувањето Судот оцени дека тој член не е во согласност со член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Понатаму, согласно член 25 од Законот за просторно планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96), изградбата во населено место кое нема урбанистичка документација за населено место во општината, може да се врши, до нејзино донесување, под услови и на начин што со општ акт ќе ги утврди општината.

Од изнесената законска одредба произлегува дека општината има овластување да донесува општ акт со кој определува локација и други услови и начин на изградба на објекти ако за локацијата нема план.

Со оглед на тоа што со оспорената одлука се поништува локација на место кое е урбанистички уредено со Одлука од 21 декември 1994 година (“Службен гласник на Општина Кичево” бр.3/94) без да се спроведе законски пропишана постапка, пред Судот оцени дека таа не е во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.157/96)