154/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 јануари 2008 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 134-з од Законот за супервизија на осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2002 и 79/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата на Душко Билески од Скопје, со Решение У.бр.154/2007 од 28 ноември 2007 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 134-з од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето на согласноста на наведената одредба од Законот со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во насловот „Вршење работи на застапување во осигурувањето во станиците за технички преглед“, е предвиден членот 134-з од Законот кој гласи:

„(1) Работи на застапување во осигурувањето во станиците за технички преглед на моторни возила може да врши само друштво за застапување во осигурувањето кое има дозвола од Агенцијата за супервизија на осигурување за вршење работи на застапување во осигурувањето во станица за технички преглед.
(2) На издавањето дозвола за вршење работи на застапување во осигурувањето во станиците за технички преглед се применуваат одредбите од членовите 134-д и 134-ж на овој закон.
(3) Физичко или правно лице кое е сопственик или има други стварни права врз станицата за технички преглед е должно, под еднакви економски и други услови да им овозможи на друштвата за застапување во осигурувањето кои имаат дозвола од Агенцијата за супервизија на осигурување за вршење работи на застапување во осигурувањето во станицата за технички преглед, простор и други услови за вршење работи на застапување во осигурувањето.
(4) Доколку лицето од ставот (3) на овој член не им овозоможи простор или други услови за вршење работи на застапување во осигурувањето на друштвата за застапување во осигурувањето согласно со ставот (3) од овој член, или истото применува различни економски и други услови, Агенцијата за супервизија на осигурување ќе изрече забрана за вршење дејност застапување во осигурувањето во станицата за технички преглед.
(5) Работи на застапување во осигурувањето од ставот (1) на овој член друштвото за застапување во осигурувањето е должно да ги врши под еднакви услови за сите друштва за осигурување.
(6) Друштвото за застапување во осигурувањето од ставот (1) на овој член не смее да наплаќа различна провизија од друштвата за осигурување кои ги застапува ниту при нудење на производите да става во привилегирана состојба едно друштво за осигурување наспроти другите.
(7) На работите на застапување во осигурувањето во станиците за технички преглед не се применува забраната за склучување договори за осигурување за производи на осигурување кои меѓусебно си конкурираат од членот 133 на овој закон.
(8) Работи на застапување во осигурувањето во станица за технички преглед друштвото за застапување во осигурувањето може да врши исклучиво во класата на осигурување наведена во членот 5 точка 10 од овој закон.
(9) Агенцијата за супервизија на осигурување ги пропишува потребните технички, организациски и економски услови за вршење работи на застапување во осигурувањето од ставовите (1) и (3) на овој член“.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 30 ставовите 1, 2 и 3 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според членот 55 став 3 од Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Законот за супервизија на осигурување во членот 1 како предмет на уредување на овој закон ги определил условите под кои може да се вршат работите на осигурувањето, работите на застапување во осигурувањето, осигурително брокерските работи, потоа основањето, работењето, супервизијата и престанок со работа на трговските друштва за осигурување и реосигурување (друшва за осигурување), осигурителните брокерски друштва и друштвата за застапување во осигурувањето, како и основањето и работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување.

Во делот X од Законот кој гласи „Застапување и посредување во осигурувањето“, се содржани одредбите од членовите 133 и 134-а до 134-к, со кои се уредува материјата на застапувањето во осигурувањето.

Според членот 133 од Законот, застапување во осигурувањето во смисла на овој закон претставува подготовка и склучување на договори за осигурување во име и за сметка на едно или повеќе друштва за осигурување кои меѓусебно не си конкурираат.

Според членот 134 став 1 од Законот, застапник во осигурувањето е физичко лице кое има лиценца за застапник во осигурувањето од Агенцијата за супервизија на осигурување, а според членот 134-а став 1 од Законот, друштво за застапување во осигурувањето е правно лице – акционерско друштво со седиште во Република Македонија кое врши работи на застапување во осигурувањето и кое има дозвола за вршење работи на застапување во осигурувањето од страна на Агенцијата.

Оттука, застапувањето во осигурувањето може да го врши физичко или правно лице, врз основа на дозвола за вршење работи на застапување во осигурувањето, под посебни услови утврдени со Законот.

Покрај добиената дозвола, на друштвото му е потребно да обезбеди и друга посебна дозвола од Агенцијата доколку има намера да се занимава со вршење работи на застапување во осигурувањето во станиците за технички преглед. Ова е предвидено со ставовите 1 и 2 на членот 134-з од Законот.

Со оглед на наведеното, само друштво, а не физичко лице, согласно Законот, може да го врши застапувањето во осигурување во станицата за технички преглед, кое е од класата осигурување од одговорност од употреба на моторни возила, и за вршење на оваа дејност е потребно друштвото за застапување да прибави посебна дозвола од Агенцијата.

Имено, со одредбите од членот 134-з од Законот, посебно е регулирано прашањето за вршење работи на застапување во осигурувањето во станиците за технички преглед.

Поаѓајќи од правото на законодавецот да ја цени целисходноста на законските решенија во областа која ја уредува, според Судот не постојат уставни пречки со закон да се нормира дека застапувањето во осигурувањето од одговорност од употреба на моторни возила може да го врши друштво кое треба да прибави посебна дозвола од Агенцијата за вршење на таквото осигурување.

Меѓутоа, тука не станува збор за издавање на дозвола за вршење на застапување на осигурување на моторни возила, туку за издавање на посебна дозвола која се однесува за работата на друштвото за застапување во објектот на станицата за технички преглед.

Според членот 360 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2007), технички преглед на моторни и приклучни возила врши правно лице што ќе го овласти министерот за внатрешни работи.

Со ставот 2 од овој член од Законот е уредено дека овластувањето од ставот 1 на овој член може да го добие правно лице кое ги исполнува наведените минимални услови, а според ставот 3, кадровските, просторните и техничките услови од ставот 2 на овој член, поблиску ќе ги пропише министерот за внатрешни работи.

Имајќи ги предвид наведените законски одредби Судот оцени дека постои уставна неусогласеност на одредбите од членот 134-з од Законот за супервизија на осигурување кои го концепирале прашањето на застапувањето на осигурувањето во објектите на станиците за технички преглед, па оттука и вршењето на дејноста на друштвата уредена во ставовите 1 и 2 од овој член од Законот е уставно проблематично. Имено, според уставно судската анализа на одредбите од оспорениот член 134-з од Законот произлегува дека законодавецот го лоцирал обавувањето на две различни професионални дејности во еден објект кој е станица за вршење на технички преглед на возила, односно со закон се диктира на две правни лица од кои едното врши застапување во осигурувањето, а другото врши технички преглед на возила да ги поврзат односите меѓу себе по сила на закон, во однос на објектот и просторот за работа и техничките услови за тоа. Притоа, со ставовите 3 и 4 на овој член од Законот, правата на друштвата за застапување во осигурувањето се ставаат над правата на субјектите кои вршат технички преглед на возилата. Ова затоа што се пропишува дека сопственикот или носителот на други стварни права врз станицата за технички преглед (што значи правното лице кое врши технички преглед), е должен еднакво на сите друштва за застапување во осигурувањето кои имаат дозвола од Агенцијата за вршење работа во станица за технички преглед, да им обезбеди економски и други услови за вршење работи на застапување во осигурувањето, во објектот и просторот наменет за технички преглед во станицата, во спротивно Агенцијата ќе забрани во станицата за технички преглед да се врши дејност застапување во осигурувањето.

Од анализата на изнесениве законски одредби, според Судот не постои уставна оправданост за нормирање на режимот на економското однесување на субјектите во правото како што е тоа уредено со наведените одредби од Законот. Ова затоа што со диктирање на односи помеѓу субјектите од двете различни и независни професионални дејности со димензионирање на обврски какви законодавецот сметал дека треба да ги воспостави во работењето, спротивно од слободните економски односи во функционирањето на пазарот и претприемништвото, се доведуваат во прашање остварувањето на слободата на пазарот и претприемништвото како темелна вредност на уставниот поредок, предвидени во членот 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, и основите на економските односи утврдени во членот 55 од Уставот, со кои тие вредности се гарантираат, а слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според Судот, во рамки на изнесената анализа на одредбите од Законот, е и анализата на одредбите од ставовите 5, 6, 7, 8 и 9 од членот 134-з од Законот. Ова поради тоа што нормативната содржина на одредбите се однесува исклучиво на концептот за друштвото дефинирано во ставовите 1 и 2 од овој член од Законот, чија уставност е проблематизирана од погоре изнесените причини.

Имено, одредбите од овие ставови на членот 134-з од Законот го пропишуваат режимот на работењето на друштвата само за тие кои имаат дозвола за застапување во осигурувањето во станиците за технички преглед. Меѓутоа, поаѓајќи од уставните норми кои ги гарантират слободните економски односи се доведува во прашање уставноста и на работењето на друштвата со посебното застапување во осигурувањето во објектите на станиците за технички преглед. Ова особено поради тоа што тоа работење на друштвата се темели на односи поврзани по сила на закон со меѓусебни обврски и права за исклучиво „технички услови за работа“ на различни правни субјекти (вршителите на технички преглед и вршителите на застапување во осигурувањето).

Со наведените одредби од членот 134-з од Законот се доведуваат во прашање уставните вредности во членот 8 став 1 алинеја 7 и членот 55 од Уставот. Овие технички услови, според Судот, правните лица треба меѓусебно да ги договорат, доколку сакаат во рамки на пазарот и претприемништвото слободно да се поврзуваат и остваруваат.

Од друга страна членот 134-з од Законот не е во согласност и со членот 30 од Уставот, според кој се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Судот утврди дека со законската обврска предвидена во ставовите 3 и 4 од членот 134-з од Законот, сопственикот или носителот на стварни права врз станицата за технички преглед да обезбеди услови за работа на друштвата за застапување во осигурувањето во станицата за технички преглед, всушност се ограничува слободното располагање на сопственикот со недвижноста во која врши технички преглед, во корист и за потребите на работењето на друштвата кои вршат застапување, спротивно на членот 30 од Уставот.

Притоа, сопственоста се ограничува на начин и во форма која законот не ја прецизира, туку препушта согласно ставот 9 од оспорениот член од Законот „Агенцијата за супервизија на осигурување да ги пропишува потребните технички, организациски и економски услови за вршење работи на застапување во осигурувањето од ставовите 1 и 3 на овој член“.

Со подзаконскиот акт на Агенцијата би се уредувале условите за работа потребни на едно правно лице, а како товар и како обврска тие услови треба да се овозможат од друго лице за да може во станицата да се врши друга дејност односно да се врши застапување. Со ваквото законско овластување Агенцијата може различно да ги димензионира условите по обем и во време кога таа ќе оцени дека има потреба да го менува својот акт.

Оттука, со одредбите од оспорениот член се повредува и принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Ова особено што со закон се препушта на Агенцијата со подзаконски акт да го определува ограничувањето на сопственоста, што може само со закон да се ограничува и тоа кога се работи за јавен интерес утврден со закон, што во конкретниот случај не е тоа.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.154/2007
16 јануари 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски