У.бр.152/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 20 април 2005 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување измена и дополна на Деталниот урбанистички план за Урбана единица 4 – Исток – Струга бр.07-1127/5 од 3 јули 2004 година, донесена од Советот на Општина Струга, објавена во “Службен гласник на општина Струга” бр.38 од 7 јули 2004 година.

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА решението за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на Одлуката означена во точка 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.152/2004 од 2 март 2005 година по иницијатива на Ќемаил Османоски од Струга поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро (“Службен весник на СРМ” бр.45/1997, 8/1980, 51/1988 и 10/1990 и “Службен весник на Република Македонија” бр.62/1993).

5. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 1 од оспорената одлука се донесува измена и дополна на Детален урбанистички план за УЕ-4-Исток, Струга. Во членот 2 децидно се наведува што содржи планот, а во членот 3 се наведува дека извештајот од стручната консултација е составен дел од Одлуката. Во член 4 е определено дека планот ќе го спроведува Министерството за транспорт и врски ПЕ Струга, врз основа на согласноста на Предлог планот бр.13-7390 од 2 јули 2004 година, издадена од страна на Министерството за транспорт и врски-Скопје, а членот 5 определува дека планот се заверува со печат и потпис од градоначалникот на општина Струга со назначување на бројот и датумот на седницата на која е донесен. Во членот 6 е определено дека Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Струга”. Одлуката е донесена од Советот на општина Струга под бр.07-1127/5 од 3 јули 2004 година.

6. Судот, врз основа на известувањето на Советот на општина Струга бр.03-89/2 од 25 јануари 2005 година утврди дека во постапката за донесување на ДУП УЕ-4-Исток, не било побарано претходно мислење од надлежен орган за заштита на природните реткости.

7. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е уредувањето и хуманизација на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Согласно член 1 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро , нивните води, крајбрежија, извори и водотоци, поради карактеристичните одлики и природна убавина, геолошки, геоморфолошки, хидролошки, хидробилошки, лимнолошки
и други научни вредности, културно, естетско, образовно-воспитно, здравствено, рекреативно, туристичко и друго стопанско значење се прогласени за споменици на природата од особено значење за општествената заедница и се ставени под посебна заштита.

За заштита на езерата како добра од општ интерес кои се користат за задоволување на општи и поединечни потреби, Законот предвидел низа превентивни и други мерки за заштита. Меѓу другите, во членот 7 став 1 алинеја 5 од Законот, се предвидува дека заради заштита на езерата се забранува внесување во езерата непречистени отпадни води од населените места и индустриски објекти.

Во членот 9 став 1 од Законот се предвидува дека градежни, хидромелиоративни, хортикултурни или други работи на крајбрежијата на езерата можат да се изведуваат само под услови и на начин утврдени со просторните планови на регионите, просторните планови на општините Охрид, Струга, Ресен и Дојран, урбанистичките планови на населените места и урбанистичките планови на подрачјата со специјална намена, како и со прописите за спроведување на овие планови.

Согласно став 2 на членот 9 од истиот закон, плановите од став 1 на овој член се донесуваат по претходно прибавено мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека основна задача на државата е воспоставување рамнотежа меѓу човекот и природата, меѓу економската и еколошката сфера.

Оттука, развојот на економијата и индустријата не може да се одвива неконтролирано без да се води сметка за последиците што од тоа произлегуваат за животната средина и природата. Имено, Судот смета дека станува збор за темелна вредност која има универзален карактер и како таква треба да биде предмет на заштита, како што е тоа сторено со Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.

Имајќи предвид дека во конкретниов случај Советот на општина Струга во постапка која претходела на донесување на оспорената одлука не побарал мислење од органот надлежен за заштита на природните реткости, Судот оцени дека таа не е во согласност со Уставот и Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.

8. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.152/2004
20 април 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова