148/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 10 и 11 декември 2003 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Статутот на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, од 15 мај 2002 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. У ставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.148/2003 од 22 октомври 2003 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Статутот на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, од 15 мај 2002 година, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со Законот за високото образование.
4. Судот на седницата утврди дека во постапката на донесувањето на Статутот на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје од 15 мај 2002 година, Наставно – научниот совет на Факултетот на седница од 20 март 2002 година го усвоил текстот на статутарните норми кои биле усогласени со забелешките од Комисијата за нормативна дејност на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” – Скопје и врз основа на позитивното мислење на Комисијата, на 15 мај 2002 година Наставно – научниот совет на факултетот го донел и верификувал Статутот.
Универзитетскиот сенат на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” – Скопје, на 47-мата седница одржана на 2 јули 2002 година донел Одлука за дава ње согласност на Статутот на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје од 15 мај 2002 година и утврдил дека Статутот влегува во сила со денот на објавувањето во Универзитетскиот гласник. Имено, тој е објавен и влегол во сила на 2 јули 2002 година.
5. Судот, врз основа на увидот во Записникот од седницата на Наставно-научниот совет на Факултетот за ветеринарна медицина одржана на 20 март 2002 година, кога било извршено гласањето за усвојување на Статутот и од увидот во платните списоци за вработените на Факултетот, утврди дека Наставно-научниот совет бил составен од 27 членови од кои на седницата на 20 март 2002 година биле присутни 18 а отсутни 9 членови. Од вкупниот состав на советот, 9 членови биле вработени на Факултетот за ветеринарна медицина, а останатите кои биле вработени во други установи имале статус на хонорарни наставници на овој Факултет. Исто така, на самата седница на која бил усвоен Статутот, од присутните 18 членови само 7 од нив биле од вработените на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје. Наставно – научниот совет на Факултетот го усвоил Статутот со 17 гласови ” за” и еден глас “против”, а воздржани немало. Оттаму, според Судот, произлегува дека постапката за нормирање на статутарните прашања и усвојувањето на Статутот била спроведена од орган на управување на оваа високообразовна установа во кој само делумно и во помал број членувале вработени лица на факултетот.
6. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.
Со членот 46 од Уставот е определено дека на универзитетот му се гарантира автономија, а условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот се уредуваат со закон.
Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според определбата на член 58 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето, а учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.
Законот за високото образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.64/2000 и 49/2003) во членот 1 утврдил дека предмет на уредување на овој закон се условите и постапката за основање, финансирање и престанок на високообразовните установи и се утврдуваат основите на организација, управување, развој и за вршење на високообразовна дејност.
Согласно членот 2 став 1 точка 36 од Законот, универзитетот претставува највисока автономна високообразовна, научна, односно уметничка установа која ја сочинуваат високообразовни установи основани според тој закон.
Според членот 10 став 1 од Законот, високообразовните установи ја вршат својата дејност врз принципот на академска автономија, а според став 3, автономијата на универзитетот вклучува академска слобода на високообразовните установи, автономија на управувањето со високообразовните установи и неприкосновеност на автономијата.
Во рамките на овој законски концепт, со одредбите од Законот е уредено дека државните факултети како високообразовни установи имаат својство на правно лице, една сметка за редовно работење преку која располагаат со буџетските средства, како и една или повеќе посебни сметки преку кои располагаат со средства од самофинансирачки активности, донации и кредити. Основен акт на вискообразовната установа е статутот, со кој согласно членот 8 став 2 од Законот се уредуваат внатрешната организација, начинот на вршење на високообразовната дејност, овластувањата и начинот на работата и одлучување на нејзините органи, други прашања од значење за нејзината дејност и работење, за кои со тој закон е предвидено да се уредуваат со статут, како и други односи во согласност со остварувањето на нејзината автономија.
Според ставот 3 и ставот 4 од овој член од Законот, статутот го донесува органот на управување на високообразовната установа, а Сенатот на универзитетот дава согласност на статутите на државните факултети и високите стручни школи. Со одредбата од ставот 7 е предвидено општите акти на универзитетот и високообразовните установи основани во негов состав да се објавуваат во јавно гласило на универзитетот. Исто така, како една од надлежностите на Сенатот на универзитетот, во членот 67 став 1 алинеја 1 од Законот е определено дека тој дава согласност на статутите на високообразовните установи во негов состав.
Во однос на уредувањето на прашањата кои се однесуваат на органите на факултетот, според членот 73 од Законот, како органи на факултетот се определени наставно-научен совет, декан и деканатска управа.
Согласно членот 74 став 1 од Законот наставно-научниот совет е орган на управување и стручен орган на факултетот, а според одредбата од ставот 4, наставно научниот совет го сочинуваат редовните и вонредните професори и доцентите. Во наставно-научниот совет на факултетот, според ставот 5 од овој член свои претставници избираат соработниците и студентите и времето за кое се избираат се утврдува со статутот на високообразовната установа.
Со член 75 од Законот се уредени надлежностите на наставно-научните совети на факултетите. Наставно-научниот совет донесува статут и програми за работа; избира и разрешува декан и продекани; утврдува студиски предметни програми и програми за научно-истражувачка или уметничка работа; врши избор во наставно-научни, наставно-уметнички, научни, наставни и соработнички звања; предлага број на студенти кои се запишуваат во прва година на додипломски и постдипломски студии; презема мерки за создавање и усовршување на наставно-научниот и уметничкиот подмладок и за работа со особено успешни и талентирани студенти; презема мерки за унапредување на наставната, истражувачката и применувачката работа и за компјутерската мрежа; на предлог на деканот од пријавените кандидати на државен конкурс избира секретар на факултетот; формира комисија и донесува упатство за евалуација на факултетот; одлучува за имотот и материјалните средства над износот до кој одлучува деканатската управа односно деканот; донесува финансиска пресметка и усвојува завршна пресметка; одлучува за документационата дејност; формира стручни комисии за признавање на високообразовни квалификации стекнати во странство; одлучува за организирање на меѓународни собири и за меѓународна соработка; предлага и презема мерки за унапредување и заштита на стандардот на студентите и вработените и врши други работи утврдени со овој закон и статутот.
Според членот 141 од Законот, лицата избрани во наставно-научно, научно и наставно звање, односно во соработничко звање засноваат работен однос и остваруваат права и обврски од работен однос во согласност со овој и друг закон и колективен договор склучен меѓу мнозинскиот синдикат организиран во државните високобразовни установи во Република Македонија и Владата на Република Македонија. Со извршениот избор во наставно-научно, научно, наставно односно соработничко звање избраното лице заснова работен однос за времето на кое е избрано.
Законот за високото образование со членот 147 го уредил прашањето на правото на вршење дејност во друга високообразовна установа. Според ставот 1 од овој член, лице од една високообразовна установа може да врши високообразовна дејност во друга високообразовна установа во звањето во кое е избрано на иста или сродна наставно-научна област, врз основа на дозвола од високообразовната установа во која е избрано. Со одредбите од ставот 2 и 3 од овој член е определено дека лицето од ставот 1 може да врши високообразовна дејност во обем утврден со Правилникот за нормативите и стандардите за основање на високообразовни установи и за вршење на дејност, а условите под кои се остварува правото од ставот 2 на овој член се уредуваат со статутот на високообразовната установа.
Според членот 148 од Законот, по покана од органот на управување на високообразовната установа, професори, признати научници од земјата и странство, можат како гости да извршуваат високообразовна и научно-истражувачка дејност на определено време, под услови кои се утврдуваат со договор.
7. Следејќи ја интенцијата на одредбите од Законот за високото образование, посебно во членот 74 каде е определено дека наставно-научниот совет на факултетот како орган на управување го сочинуваат редовните и вонредните професори и доценти, Судот утврди дека неговиот состав произлегува од образовно-наставниот кадар вработен на факултетот, имајќи предвид дека со став 5 на овој член од Законот се допушта на студентите и соработниците на факултетот да бидат претставувани преку свои претставници во самиот наставно-научен совет на факултетот како што тоа ќе биде утврдено со статутот.
Со оглед на изнесеното Судот утврди дека оспорениот Статут не е донесен од компетентен состав на членови во Наставно-научниот совет на Факултетот за ветеринарна медицина како што е тоа предвидено со членот 74 од Законот за високото образование, поради што тој не е во согласност со законот, а во поширока смисла и со принципот на владеење на правото утврден во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
Имено, владеењето на правото како темелна вредност врз која се заснова уставниот поредок на Републиката, заради остварување на академската автономија, треба да обезбеди постоење на правни претпоставки преку законска регулатива и други прописи и општи акти високообразовните установи да управуваат и одлучуваат во рамките на својата установа во која го создаваат и реализираат образовниот и научен труд, што во конкретниов случај според Судот, во постапката на донесувањето на оспорениот Статут не е обезбедено.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
9. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.148/2003
10 и 11 декември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова