148/1996-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 декември 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 37 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96 и 8/96);

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесени иницијативи од Собранието на Општина Тетово, Собранието на град Скопје, Никола Стојанов од Скопје, Атанас Китановски од Скопје, Илија Илиевски од Куманово, Атанас Чупоски и Васко Тевдовски од Скопје поведе постапка за оценување уставноста на член 37 од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. На седницата, Судот утврди дека членот 37 став 1 од Законот предвидува сопствениците на изградени објекти во општинските центри, градот Скопје и другите урбнаизирани подрачја предвидени за градба, да плаќаат надоместок за користење на урбанизиран простор, и тоа 50% од утврдената даночна обврска по основа на данок на имот.

Според ставот 2 на овој член од Законот утврдувањето и наплатата на надоместокот од став 1 на овој член, го врши органот за јавни приходи, со посебно решение, согласно со одредбите на Законот за даноците на имот.

Согласно став 3 на истиот член од Законот, средствата од став 1 на овој член се приход на Буџетот на Републиката, а се користат за изработка на просторни и урбанистички планови.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот на Република Македонија меѓу темелните вредности на Републиката се предвидени владеењето на правото и социјалната правда како такви, а согласно член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Од наведените одредби се гледа дека Уставот, кој на Република Македонија, меѓу другото, и дава статус на социјална држава, ја предвидува социјалната правда како една од нејзините темелни вредности и едновремено содржи задолжително норма за граѓаните да плаќаат данок и други јавни давачки и да учествуваат во намирувањето на јавните расходи, упатувајќи тоа да се утврди со закон.

Согласно оваа одредба од Уставот, Законот за просторното и урбанистичко планирање предвидел сопствениците на објектите што се наоѓаат во урбанизираните подрачја, да плаќаат надоместок за користење на урбанизиран простор. Овој надоместок ќе го утврдува и наплатува органот за јавни приходи согласно Законот за даноците на имот, а средствата прибрани по овој основ ќе бидат приход на Буџетот на Републиката.

Согласно член 38 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 17/79, 37/80, 18/89 и 21/91) изградбата на станбени, стопански, комунални и други објекти се врши на уредено градежно земјиште. Согласно ставот 2 на овој член од законот овие објекти можат да се градат и на земјиште што не е уредено при што корисникот е должен, врз основа на договор да го уреди земјиштето.

Според членот 37-а од Законот, поблиските услови, начинот и постапката за доделување на градежното земјиште ги пропишува Владата на Република Македонија, а правата меѓу Републиката и корисникот се уредуваат со договор.

Во членот 39 од Законот е предвидено дека уредувањето на градежното земјиште се врши врз основа на Програма што ја носи собранието на општината врз основа на урбанистичкиот план, а по претходна согласност на републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот во делот на неговата надлежност.

Членот 41 од Законот предвидува уредувањето на градежното земјиште да се финансира од средствата остварени од неговото доделување, од надоместоците за уредувањето, односно за употребата на градежното земјиште од средствата на комуналните организации, средствата од самопридонес и од други средства.

Ставот 2 на овој член од Законот предвидува овие средства да се утврдуваат со Програмата, во која е предвидена ставка за наплатување по основ израб отка на урбанистички планови.

За доградба и надградба на постојните објекти, согласно член 42 од Законот, се плаќа надоместок за уредување на градежното земјиште. Според ставот 2 на овој член од Законот износот на надоместокот се утврдува со Програмата и не може да биде поголем од 50% од вистинските трошоци за уредување на земјиштето потребни за изградба на нови објекти на соодветна локација. За овој надоместок, согласно став 3 на овој член од Законот, се склучува договор.

Согласно член 43 од Законот средствата остварени од надоместокот за уредување на градежното земјиште се користат за намените утврдени со Програмата.

Во членот 44 од Законот е предвидено собранието на општината да може да го утврдува надоместокот за употреба на градежното земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации.

Висината, роковите на плаќањето и начинот на пресметувањето на овој надомест се утврдува со одлука на собранието на општината, а надоместокот го плаќа непосредниот корисник на таквото земјиште. Како непосреден корисник, според овој закон, се смета носителот на правото на користење на недвижности, сопственикот и носителот на станарското право.

Членот 46 од Законот предвидува средствата од надоместокот да се користат за финансирање на изградба на комунални објекти и инсталации и за уредување на градежното земјиште во согласност со Програмата.

По исклучок, дел од средствата од надоместокот за употреба на градежното земјиште во висина од 30% може да се употреби како учество во трошоците за одржување на комуналните објекти и на инсталациите, што се утврдува со Програмата.

Од изнесените законски одредби произлегува дека условите, начинот и постапката за уредување на градежното земјиште ги пропишува Владата на Република Македонија; дека уредувањето на градежното земјиште се врши според програма што ја донесува собранието на општината врз основа на урбанистичкиот план; дека за доградба и надградба на постојните објекти се плаќа надоместок за уредување на градежно земјиште чиј износ се утврдува со програмата и не може да биде поголем од 50% од вистинските трошоци за уредување на земјиштето. Исто така, од Законот произлегува дека намената на средствата остварени од надоместокот за уредување на градежното земјиште е утврдена со програмата; дека висината на овој надоместок собранието на општината го утврдува според критериумот опременост на градежното земјиште со комунални објекти и инсталации; дека надоместокот го плаќа непосредниот корисник, а овие средства се користат за финансирање и изградба на комунални објекти и инсталации за уредување на градежното земјиште во согласност со прогамата, која содржи ставка за изработка на урбанистичките планови.

Исто така, согласно член 28 став 5 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање средствата што се остваруваат од доделеното градежно земјиште се приход на општината, односно градот Скопје, а се користат за надоместување на трошоците за уредување на градежното земјиште.

Понатаму, согласно член 2 од Законот за даноците на имот (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93) данокот на имот се плаќа на сопственоста на недвижен имот: неаграрно земјиште, станбени згради или станови, деловни простории, административни згради, згради или станови за одмор и рекреација, гаражи и други градежни објекти.

Имајќи ги предвид наведените одредби од Законот за градежното земјиште, Законот за просторното и урбанистичкото планирање и Законот за данок на имот во контекст на одредбата од член 8 од Уставот, која, меѓу другото, владеењето на правото и социјалната правда ги предвидува како темелни вредности на Републиката и одредбата од член 33 од Уставот која граѓаните на Република Македонија ги задолжува да плаќаат данок и да учествуваат во намирувањето на јавните расходи, Судот оцени дека оспорената одредба од член 37 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, со задолжувањето на граѓаните да плаќаат надомест за користење на урбанизиран простор, излегува надвор од овластувањата содржани во Уставот, од причина што по истиот основ граѓаните веќе плаќаат надомест за употреба на градежно земјиште, а едновремено плаќаат и данок за поседување на имот, што не е интенција на Уставот во смисла на гаранција на принципот на владеење на правото и социјалната правда, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.122/96 и У.бр.148/96)