146/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 112 од Уставот на Република Македонија и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, по јавната расправа одржана на 14 септември 1992 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за определување на рокот за преземање на средствата на општествено-политичките организации што се укинаа (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/92).
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија У.бр.164/92 од 17 јули 1992 година.
3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Сојузот на синдикатите на Македонија, со предлог поднесен до Уставниот суд на Република Македонија, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука и побара Судот да го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оваа одлука.
Едновремено и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Социјалистичката партија на Македонија поднесоа иницијативи за оценување уставноста и законитоста на оспорената одлука.
5. Судот на седницата и на јавната расправа утврди дека со член 1 од оспорената одлука се определува рокот за преземање на средствата на општествено-политичките организации што се укинаа со Амандманите од 57 до 80 на Уставот на СР Македонија од 1974 година, кои, согласно член 16 од Уставниот закон за спроведување на овие амандмани, ги презедоа надлежните државни органи. Со членот 2 од Одлуката се предвидува Министерството за правосудство и управа да ги преземе средствата на општествено-политичките организации кои се укинаа со состојба на 20 септември 1990 година во рок од 10 дена од денот на влегувањето во сила на оваа одлука. Според член 3 од Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
Според тоа, од содржината на оспорената одлука произлегува дека таа тргнува од ставот дека општествено-политичките организации се укинати и дека нивниот имот преминал во државна сопственост.
На јавната расправа претставникот на Сојузот на синдикатите наведе дека оспорената одлука не е во согласност со Уставот, бидејќи Синдикатот ниту е укинат, ниту престанал да постои и дека имотот со кој располага не може да му биде одземен, како во Уствот од 1974 година, така и во Уставот на Република Македонија е предвидено правото на граѓаните да основаат синдикати заради остварување на своите економски и социјални права.
Претставникот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија наведе дека оваа партија е правен наследник на поранешниот Сојуз на комунистите на Македонија, поради што смета дека нема уставна и законска основа да му се одземе имотот со кој располага.
Претставникот на Социјалистичката партија на Македонија наведе дека Уставите од 1963 и 1974 година не ги вовеле општествено-политичките организации, па не можеле ни да ги укинуваат со Амандманите, туку со нив можело да им се промени само уставната позиција и функциите што Уставот им ги определил.
Од другите учесници на расправата беше изнесено мислење дека член 16 од Уставниот закон во однос на општествено-политичките организации треба да се толкува во смисла што тој би се однесувал само на преземање на овие работници и средства кои се поврзани со поранешните функции што ги вршеле во поранешниот уставен систем и дека истиот пристап важи и за членот 238 од Законот за органите на управата.
Според ова становиште, доколку и за општествената сопственост се прифати сопственосноправниот концепт односно дека средствата му припаѓаат на колективитетот, тогаш нејзината трансформација не би можела да се решава со одлука на Владата, туку со закон, на што упатува и одредбата од Амандманот 59 на Уставот на Ср Македонија, според која правата и обврските спрема средствата на општествената сопственост се уредуваат со закон. Во овој контекст, во рамките на трансформацијата на општествениот капитал, не се менува можноста со закон да се уредат и прашањата сврзани со имотот на општествено-политичките организации, со оглед на одредбата од поранешниот член 63 од Уставот на СР Македонија од 1974 година, соред која со средствата што ги стекнуваа тие управуваа како со општествени.
6. Судот на седницата и на јавната расправа утврди дека како основ за донесување на оспорената одлука се наведени член 15 и 238 став 2 од Законот за органите на управата (“Службен весник на СРМ” бр.40/90). Според член 238 став 2 од Законот, работниците, опремата, инвентарот и другите средства, архивата и документацијата, средствата за работа и другите средства на самоуправните интересни заедници, општествено-политичките организации и другите органи и организации што според Амандманите на Уставот на СР Македонија се укинуваат или престануваат со работа преминуваат во органот во чиј делокруг преминуваат работите на укинатиот орган, организација или заедница, а ако според овој закон работите ги преземаат органите на управата, преминуваат во тие органи во рок што ќе се определи со општ акт на Владата. Според член 15 од Законот недвижностите, опремата, инвентарот и другите средства за работа што ги користат органите на управата се државна сопственост и со нив располага државата, освен ако со закон не е поинаку предвидено.
Судот утврди дека овластувањата од став 2 на член 238 од Законот за органите на управата се во врска со член 16 од Уставниот закон за спроведување на Амандманите 57 до 80 на Уставот на СР Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.28/90), според кој работниците, опремата, инвентарот и другите работи, архивата, документацијата, средствата за работа и средствата на фондовите, на судовите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници, општествено-политичките организации, другите органи и организации што се укинуваат со овие амандмани или чии функции престануваат, ги преземаат органите во чиј делокруг преминуваат работите на укинатите органи односно организации, а доколку таков орган односно организација не е утврден, преземањето ќе го изврши органот на управата надлежен за работите на општата управа на Републиката, на соодветната општина односно градската заедница.
Со Амандманот 70 на Уставот на СР Македонија, меѓу другите, престана да важи и Оддел 7 од основните начела на Уставот, според кој беше утврдена положбата на Сојузот на комунистите на Македонија, Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија и Сојузот на синдикатите на Македонија како општествено-политички организации со определени уставни функции.
Едновремено, со Амандманот 70 точка 7 од Уставот на Ср Македонија беше конституиран повеќепартискиот систем, гарантирајќи ја слободата на политичкото организирање и дејствување на граѓаните за остварување на нивните политички и други интереси. Со точката 8 посебно се гарантираше слободата на синдикалното организирање и дејствување.
Со Амандманот 80, пак, терминот општествено-политички организации беше заменет со политички организации, а синдикалните организации го задржаа својот назив.
Од изнесеното произлегува дека со означените амандмани не се укинуваа општествено-политичките организации, како што е сторено со судовите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и одделни фондови, туку со нив се менува нивната уставна положба и им престануваат уставно утврдените функции и положба, со можност тие да се усогласат со новите уставни решенија. Во таа смисла и членот 16 од Уставниот закон, според мислењето на Судот, се однесува на преземање на овие работници, средства, опрема и друг инвентар на општествено-политичките организации кои служеле за остварување на уставно утврдените функции што им престанале. Според тоа, и овој уставен закон не содржи одредба од која на непосреден или посреден начин би произлегувало дека општествено-политичките организации се укинати. Во таа смисла, според мислењето на Судот, треба да се сфати и одредбата од член 238 став 2 од Законот за органите на управата.
Од изнесеното, исто така, произлегува дека Одлуката на Владата, како општ акт за извршување на Законот за органите на управата, можела да се однесува само на имотот поврзан со остварувањето на овие функции на општествено-политичките организации кои со споменатите уставни измени им престанале односно преминале во надлежност на државните органи.
7. Согласно член 20 од Уставот на Република Македонија на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните, според став 2 на овој член, можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Во членот 37 став 1 од Уствот посебно е нагласено правото на граѓаните да основаат синдикти заради остварување на своите економски и социјални права.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека и во Уставот на Република Македонија не постојат основи со акт на државен орган да се укинуваат политички организации, поради што членот 238 од Законот за органите на управата не може да има поинакво значење од она во однос на Амандманите од 1990 година. Според тоа, Одлуката на Владата и членот 238 од Законот за органите на управата можат да се однесуваат само на имотот поврзан со остварувањето на оние функции на општествено-политичките организации кои престанаа односно поминаа во надлежност на државата, а не и на целокупниот имот на овие организации.
Според тоа, оспорената одлука не може да тргнува од ставот дека општествено-политичките организации се укинати по сила на Уставот и дека нивниот имот преминал во државна сопственост, па согласно со тоа да овластува надлежен орган, кој во определен рок, ќе ги преземе сите нивни средства.
Судот смета дека прашањето за статусот на имотот на поранешните општествено-политички организации, се уредува само со закон во согласност со Уставот.
8. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со член 20 од Уставот на Република Македонија и член 238 од Законот за органите на управата и одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.