145/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 27 декември 2006 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за потврдување на Одлуката за утврдување на надоместоци за патни и дневни трошоци за членовите кои учествуваат при склучување на бракови во матичната служба на Град Скопје, објавена во „Службен гласник на општина Аеродром“ бр.10/2006.

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром, со Решение У.бр.145/2006 од 8 ноември 2006 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на надоместоци за патни и дневни трошоци за членовите кои учествуваат при склучување на бракови во матичната служба на Град Скопје, објавена во „Службен гласник на општина Аеродром“ бр.10/2006.

5. Судот на седницата утврди дека според член 1 од оспорената Одлука, на членовите на Советот на општина Аеродром кои учествуваат при склучување на бракови во матичната служба на град Скопје, им се утврдува паричен надоместок за патни и дневни трошоци, за деновите во кои учествуваат во работата на матичната служба во износ од 1200,00 денари.

Според член 2 од оспорената Одлука, оваа одлука стапува во сила со денот на донесувањето, а ќе се применува од 1.07.2006 година и ќе се објави во „Службен гласник на општина Аеродром“.

6. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 9 од Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според Амандманот XVII точка 1 од Уставот со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Согласно член 31 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), органи на општината се советот и градоначалникот.

Според член 32 од Законот, советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината.

Во членот 45 од Законот е утврдено дека членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.

Во членот 50 од Законот, се утврдени надлежностите на градоначалникот меѓу кои градоначалникот ја контролира законитоста на прописите на советот.

Согласно членот 51 став 1 од Законот, ако градоначалникот смета дека прописот на советот не е во согласност со Уставот и законите, должен е во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето.

Според ставот 2 од овој член, советот е должен, во рок од 15 дена од денот на објавувањето на решението од ставот 1 на овој член, да го разгледа решението и да одлучи по него. Во ставот 3, пак, од овој член, се предвидува дека ако советот го потврди прописот, градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија. Во ставот 4 од овој член од Законот е утврдено дека за иницијативата од ставот 3 на овој член градоначалникот е должен да го информира министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа.

Градоначалникот на општината со поднесувањето на иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и објавувањето на истата во службено гласило, всушност постапил согласно неговите овластувања утврдени во членовите 50 и 51 од Законот за локалната самоуправа.

Согласно членот 100 од овој закон, до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон, членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Имајќи ја предвид содржината на цитираните законски одредби произлегува дека законодавецот определил право на членовите на советот да примаат надоместок за присуство на седница и овој надоместок го ограничува со горен лимит најмногу до 30% од просечната нето месечна плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци и го задржува правото на советниците на надомест на патни и дневни трошоци кои, до донесување на посебниот закон да им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Наведените одредби не предвидуваат посебно право на надоместок на членовите на Советот за нивното ангажирање во деновите кога се склучуват бракови. Оттаму, анализирајќи ја содржината на оспорената одлука во однос на одредбите од член 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека членовите на Советот немаат право на посебен надоместок во деновите кога учествуваат во склучување на бракови во Матичната служба на град Скопје, поради што Судот оцени дека оспорената Одлука не е во согласност со наведените законски одредби.

Исто така, оспорената Одлука е донесена на 19 јули 2006 година и објавена во „Службен гласник на општина Аеродром“ бр.10/2006, и се предвидува примена од 1 јули 2006 година, односно наместо по објавувањето, што значи дека во конкретниот случај станува збор за повратно дејство на нејзината примена, што ја прави оспорената Одлука несогласна и со членот 52 став 1 од Уставот.

Освен тоа, во овој случај не станува збор за повратно дејство што е поповолно за граѓаните како што определил членот 52 став 4 од Уставот, туку за повратно дејство поповолно за конкретно определен помал број на лица – членови на Советот на точно определена единица на локалната самоуправа, Општина Аеродром, поради што Судот утврди дека оспорената одлука не е во согласност и со оваа уставна одредба.

Судот, исто така, имаше предвид дека во текот на постапката оспорената Одлука престана да важи, меѓутоа врз основа на истата се вршени исплати и надоместоци за кои немало уставна и законска основа, при што Одлуката имала и ретроактивно дејство, поради што оцени дека има основа за утврдување на нејзина неуставност и незаконитост во време на нејзиното важење, согласно член 70 алинеја 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.145/2006
27 декември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи