144/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 април 2004 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 41 став 2 во делот

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Митре Лазов од Неготино, со Решение У.бр.144/2003 од 25 февруари 2004 година, поведе постапка за оценување на уставноста на актот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во член 41 став 2 од Законот за кривичната постапка е предвидено дека Јавниот обвинител одлучува за изземањето на лицата кои врз основа на Законот за јавното обвинителство се овластени да го застапуваат во кривичната постапка. За изземањето на јавниот обвинител одлучува непосредно повисокиот јавен обвинител. За изземање на јавниот обвинител на Република Македонија одлучува колегиум на заменици на Јавното обвинителство на Република Македонија (оспорениот дел од законската одредба).

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок е и владеењето на правото.

Согласно член 106 став 1 од Уставот на Република Македонија, Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.

Во ставот 2 од истата уставна норма е предвидено дека Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа и во рамките на Уставот и закон, а во ставот 3 е предвидено дека јавниот обвинител го именува и разрешува Собранието за време од шест години.

Согласно член 4 став 1 од Законот за јавно обвинителство (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1992, 19/1993, 9/1994 и 9/1996) функцијата на јавното обвинителство ја врши јавниот обвинител на Република Македонија, јавниот обвинител на вишото јавно обвинителство и јавниот обвинител на основното јавно обвинителство.

Согласно член 4 став 2 од Законот, јавниот обвинител може да има еден или повеќе заменици.

Согласно член 6 од Законот, заменикот јавен обвинител може да врши секое од дејствијата во постапката пред судот, други органи и други правни лица за кои според Законот е овластен јавниот обвинител.

Согласно член 22 од Законот, јавниот обвинител го претставува Јавното обвинителство, раководи со неговата работа и ги врши правата и обврските определени со закон.

Согласно член 22 став 2 од Законот, јавниот обвинител го заменува заменик јавен обвинител што тој ќе го определи.

Согласно член 28 став 1 од Законот, јавниот обвинител на Република Македонија за својата работа и за работата на Јавното обвинителство одговара пред Собранието на Република Македонија.

Според став 2 вишиот и основниот јавен обвинител за својата работа одговараат на јавниот обвинител на Република Македонија и на Собранието на Република Македонија, а согласно став 3 заменикот јавен обвинител за својата работа одговара на соодветниот јавен обвинител и на Собранието на Република Македонија.

6. При разгледувањето на оспорениот член 41 став 2 од Законот за кривичната постапка Судот утврди дека согласно член 41 став 1 од овој закон одредбите за изземање на судии и судии-поротници согласно ќе се применуваат и врз јавните обвинители и лицата што врз основа на Законот за јавното обвинителство се овластени да го застапуваат јавниот обвинител во постапката, записничарите, толкувачите и стручните лица, како и врз вештаците, ако за нив не е определено ништо друго (член 236).

Во член 36 од Законот за кривичната постапка е предвидено дека судија или судија поротник не смее да врши судска должност ако:

1) е оштетен со кривичното дело,
2) обвинетиот, неговиот бранител, тужителот, оштетениот, нивниот законски застапник или полномошник му е брачен односно вонбрачен другар или роднина по крв во права линија до кој и да е степен, во странична линија до четвртиот степен, а по сватовство до вториот степен,
3) со обвинетиот, неговиот бранител, тужителот или со оштетениот е во однос на старател, лице под старателство, посвоител, посвоеник, хранител или храненик,
4) во истиот кривичен предмет вршел истражни дејствија или учествувал во испитувањето на обвинението пред главниот претрес, или учествувал во постапката како тужител, бранител, законски застапник или полномошник на оштетениот односно на тужителот, или е сослушан како сведок или како вештак,
5) во истиот предмет учествувал во донесувањето на одлуката на понискиот суд или ако во истиот суд учествувал во донесувањето на одлуката која се побива со жалбата, и
6) постојат околности што предизвикуваат сомневања во неговата непристрасност.

Имајќи предвид дека со институтот изземање се оди кон отстранување на сомневањето во објективноста во работењето, за што се заинтересирани како општеството, така и одделни граѓани, постапката за изземање може да се иницира како по службена должност, така и по барање на странка.

Во контекст на оспорената законска одредба од особено значење е член 37 од Законот за кривичната постапка со кој е предвидено дека судијата или судија поротник (односно јавниот обвинител во смисла на член 41 став 1 од Законот) штом ќе узнае дека постои некоја од причините за изземање од член 36 точка 1 – 5 на овој закон, должен е да ја прекине секоја работа врз тој предмет.

7. Од аспект на причините поради кои се оспорува законската одредба и анализата на уставните и законските одредби, Судот утврди дека за одлучувањето по предметот е нужно да се тргне од тоа дека Јавното обвинителство се организира според принципот на хиерархија и субординација. Јавното обвинителство во правниот поредок во Република Македонија остварува класична функција на гонење на сторителите на кривичните дела во рамките на континенталниот облик на организација на правосудството. Во рамките на начелото на легалитет во гонењето, неговото основно право и должност да ги гони сторителите на кривичните дела и неговата поставеност и организација како единствен и самостоен државен орган во вршењето на функција го претставуваат како основен носител на функцијата на гонењето во државата. Јавниот обвинител има улога на странка во постапката, како државен орган ексклузивно ја остварува функцијата на гонењето и со оглед на тоа се јавува во улога на заштита на објективниот правен поредок.

Со оглед на барањата на принципот на легалитет и неговите консеквенции на планот на заштитата на правниот поредок и на примената на законите, улогата на Јавното обвинителство е дотолку поодговорна, но притоа и специфична. Јавното обвинителство, иако се јавува во таква улога, не донесува одлуки од судски карактер, а нема ни право да влијае врз донесувањето на одлуки ниту да учествува во нивното донесување. Тој може само да предлага и од надлежниот суд, како и од други органи да бара да поведат соодветна постапка за примена на законите во која учествува само како странка. Од таквата поставеност на јавното обвинителство се предопределени основните карактеристики на неговата организација. Во функционална смисла јавното обвинителство е централистички поставено со бројни ингеренции на повисокото во однос на пониското јавно обвинителство во кривичното гонење. Повисокиот јавен обвинител може да преземе секое од дејствијата од делокругот на понискиот или да му го довери на понискиот, да му даде задолжителни упатства на понискиот на кои последниов е должен да се придржува (член 9 точка 2 и 3 и член 10 и член 10-а од Законот за јавно обвинителство).

За остварување на функцијата на гонењето е карактеристично што јавниот обвинител е инокосен носител на делокругот на работите и овластувањата на органот. Имено, јавниот обвинител настапува како индивидуален носител на функцијата. Индивидуата во вршењето на функцијата е институцијата на Јавното обвинителство, односно јавниот обвинител ја претставува институцијата Јавно обвинителство. Функцијата на Јавното обвинителство како државен орган ја врши јавниот обвинител, како инокосен орган, па затоа и во кривичната постапка неопходно е таа концепција консеквентно да се спроведе. Токму поради тоа секогаш во Законот – каде тоа е потребно – се зборува за јавен обвинител (а не Јавно обвинителство) како странка која е овластена да презема соодветни дејствија.

На јавниот обвинител во работата му помагаат определен број на заменици. Заменикот е супститутот кој настапува наместо јавниот обвинител како институт. Имено, хиерархиската субординираност како организационо начело на Јавното обвинителство се огледа во потчинетоста на пониските јавни обвинители на повисоките и нивната обврска да постапуваат во согласност со повисокиот јавен обвинител и монократизмот, согласно кој титулус на сите функции е јавниот обвинител, а замениците се само негови претставници, кои всушност се хиерархиски подредени на јавниот обвинител. Околноста што во сите Јавни обвинителства постојат колегиуми, како неформални тела, не го негира монократизмот на Јавното обвинителство. Во состав на колегиумот влегува јавниот обвинител и сите негови заменици.

Од изнесеното, според Судот во конкретниов случај во суштина и нема можност за примена на институтот изземање на јавниот обвинител на Република Македонија од причина што за изземање на лица кои врз основа на Законот за јавно обвинителство се овластени да го заменуваат јавниот обвинител одлучува јавниот обвинител, а за изземањето на јавниот обвинител одлучува непосредно повисокиот јавен обвинител. Меѓутоа, непосредно повисок јавен обвинител од јавниот обвинител на Република Македонија нема, а невозможно е да се воспостави надреденост на колегиумот на заменици како субординирани лица на јавниот обвинител кои би можеле да ја ограничат неговата уставна функција. Освен тоа, колегиумот на заменици како тело не е регулирано и институционализирано со закон, ниту се определени неговите ингеренции, поради што и не може да донесува процесни решенија од карактер какво што е и решението за изземање.

Оттука, позицијата на јавниот обвинител на Република Македонија во поглед на изземањето може да се согледува само преку неговата законска обврска, односно должност во случај да постои еден од основите во смисла на член 36 точка 1 – 5 од Законот за кривичната постапка, да не презема непосредни дејствија во конкретен предмет. Повредата на оваа законска должност, пак, го надминува контекстот на изземањето како процесен акт, туку ја засега одговорноста на јавниот обвинител на Република Македонија за вршење на неговата функција.

Врз основа на изнесеното, а особено имајќи го во вид фактот што членовите на колегиумот се заменици на јавниот обвинител кои се хиерархиски подредени на јавниот обвинител на Република Македонија и како такви немаат ингеренции ниту овластување да одлучуваат за изземање на јавниот обвинител, Судот утврди дека оспорената зконска одредба не е во согласност со начелото на владеење на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 и со член 106 од Уставот.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.144/2003
15 април 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова