142/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 декември 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 20 став 2 од Законот за спречување судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата на Донче Наков, адвокат од Штип, со решение У.бр.142/2007 од 7 ноември 2007 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 20 став 2 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за согласноста на наведената одредба од Законот со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во делот IX од Законот, кој се однесува на „Спречување судир на интереси при активност во здруженија на граѓани“, е содржан само членот 20 кој предвидел:

(1) Службеното лице кое членува во здружение на граѓани не смее да ги злоупотребува информациите и податоците со кои располага при вршењето на својата должност како и да стекнува добивка за себе или за лицата од членот 3 став (1) алинеја 5 на овој закон при остварувањето на неговите активности во рамкикте на здружението на граѓани.

(2) Службеното лице кое членува во здружение на граѓани не смее да биде член на органите на управување ниту да биде на која било раководна функција во здружението.

5. Во делот од Уставот на Република Македонија кој се однесува на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, со членот 20 став 1 е утврдено дека на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.

Според ставот 2 од овој член од Уставот, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според членот 1 од Законот за спречување судир на интереси, со овој закон се дефинира судирот на интереси, постапувањето во случај на судир на интереси, мерките за спречување на судирот на интереси во вршењето на власта и во доверени јавни овластувања од страна на службени лица што вршат јавни овластувања.

За примената на овој закон надлежна е Државната комисија за спречување на корупцијата.

Според членот 2 од Законот, целта на овој закон е да се обезбеди спречување на злоупотребата на власта и доверените јавни овластувања на службеното лице за остварување на лични или користољубиви цели и да се обезбеди спречување на можноста приватниот интерес на службеното лице да дојде во судир со јавниот интерес.

Службено лице, според членот 3 став 2 од овој закон, се: претседателот на Република Македонија, амбасадорите и пратениците на Република Македонија во странство и именувани лица од претседателот на Република Македонија; избран или именуван функционер во Собранието на Република Македонија, во Владата на Република Македонија, во органите на државната управа, во судовите и други органи и организации што вршат определени стручни, управни и други работи во рамките на правата и должностите на Република Македонија, во општините и во градот Скопје, како и други лица кои вршат јавни овластувања.

Според членот 5 од Законот, службеното лице при извршувањето на јавните овластувања и должности не смее да се раководи од лични, семејни, верски, политички и етнички интереси, притисоци и ветувања од претпоставениот; не смее да прима или бара корист за извршување на должностите или да остварува право со повреда на начелото на еднаквост пред законот, да ги злупотребува правата од надлежностите, и други работи уредни со одредбите од овој член

Во делот IX од Законот, кој посебно се однесува на спречување судир на интереси при активност во здруженија на граѓани, со членот 20 став 1 е предвидено службено лице кое членува во здружение на граѓани не смее да ги злоупотребува информациите и податоците со кои располага при вршењето на својата должност како и да стекнува добивка за себе или за лицата од членот 3 став 1 алинеја 5 (“блиски лица“ се лица од брачна или вонбрачна заедница со службеното лице, роднини по крв во права линија и во странична линија до четврти степен, посвоителот и посвоеникот, роднините по сватовство до втор степен) при остварувањето на неговите активности во рамките на здружението на граѓани.

Со оспорената одредба од ставот 2 на овој член од Законот е определено дека службено лице кое членува во здружени на граѓани не смее да биде член на органите на управување ниту да биде на која било раководна функција во здружението.

Според одредбите од Законот за здруженијата на граѓани и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/1998 и 29/2007), здруженијата на граѓани и фондациите се непрофитни организации и добивката од работењето мора да биде употребена исклучително за остварување на нивните цели и активности, тие се правни лица и не можат да вршат стопанска дејност, нивната работа е јавна, се основаат за задоволување на личните и заедничките интереси на граѓаните. Органи на здружението на граѓани се собрание и извршен орган, а на фондацијата е управниот одбор.

Според член 29 став 2 и член 40 став 3 од Законот, член на извршниот орган на здружението на граѓани или член на управниот одбор на фондацијата се иззема од гласањето за прашања поврзани со него, со неговиот брачен другар или роднина до втор степен и за прашања кои се однесуваат на некое правно лице врз кое тој има контрола или економски интерес.

Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски норми Судот утврди дека оспорената одредба од членот 20 став 2 од Законот за спречување судир на интереси не е во согласност со Уставот и тоа со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот кој се однесува на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и со членот 20 ставовите 1 и 2 од Уставот кои се однесуваат на гаранцијата на слободта на здружувањето и слободниот пристап на граѓаните кон нив.

Ова поради тоа што забраната која е уредена во оспорената одредба од Законот се однесува на спречување на достапноста и слободниот пристап кон вршењето на раководните функции во здруженијата на граѓаните за одредена категорија граѓани кои се дефинирани со статус на “службени лица“ во членот 3 став 2 од овој закон. Имено, забраната се однесува на лицата кои имаат јавни овластувања во органите на државната власт и членуваат во здруженија на граѓани. Со забраната не се опфатени фондациите и управувањето во управните одбори во фондациите е достапно на наведената категорија лица.

Меѓутоа, поаѓајќи од тоа дека злоупотребата во вршењето на работите во здруженијата на граѓаните е предмет на нормирање во концептите за нејзино спречување, како во Законот за здруженија на граѓаните и фондациите така и во Законот за спречување судир на интереси, тоа значи системски во комплексот на законските норми ова прашање е третирано и се однесува за сите граѓани кои членуваат, па поради тоа нема уставна оправданост дека со регулирање посебно на забраната за вршење на раководни функции во здруженијата за одредена категорија членови, како што е тоа уредено со оспорената одредба од Законот, се вршело всушност спречување на судир на интереси. Судот утврди дека, токму спротивно, со законската забрана се оневозможува слободниот пристап на граѓаните кон вршењето на функциите во здруженијата на граѓаните, што е гарантирано со одредбите од членот 20 ставовите 1 и 2 од Уставот, како и се попречува владеењето на правото гарантирано со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.142/2007
19 декември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски