14/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 септември 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ

а) член 5 став 2 од Одлуката за уредување на градежното земјиште на подрачјето на Град Скопје, донесена од Собранието на Град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” бр.9/93), во делот што гласи: “а во согласност со актот на извршниот одбор на Собранието на Град Скопје со кој подетално се уредени прашањата на обемот на уредувањето и степенот на опремувањето на градежното земјиште и поблиски критериуми и одредби за утврдување на вистинските трошоци на уредувањето” и член 15 од оваа одлука;

б) Правилникот за определување на обемот на уредувањето и степенот на опремувањето на градежното земјиште со комунални водови и објекти од инфраструктура и начин на наплата и насочување на средствата за уредување на градежното земјиште, донесен од Извршниот одбор на Собранието на град Скопје на седницата одржана на 8 ноември 1996 година (“Службен гласник на Град Скопје” бр.9/96).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Филип Поповски и други граѓани од Скопје, со Решение У.бр.14/97 од 4 јуни 1997 година, поведе постапка за оценување законитоста на Правилникот означен во точката 1 од оваа Одлука и по сопствена иницијатива на член 5 став 2 и на член 15 од Одлуката, исто така, означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 39 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ”бр.10/79, 37/80, 18/89 и 21/91).

4. Судот на седницата утврди дека со оспорениот правилник се утврдуваат работите што го сочинуваат обемот на уредувањето и степенот на опремувањето на градежното земјиште со комунални објекти и инсталации и се определува начинот на здружување и насочување на средства за уредување на градежното земјиште. Обемот на уредување и степенот на опремување на градежното земјиште, според Правилникот опфаќа подготвителни работи (изготвување и донесување на урбанистички планови со основни решенија од инфраструктурата, изготвување на сообраќајни планови, оформување на геодетска документација и извршување на основни геомеханички испитувања) и расчистување и опремување на градежното земјиште (расчистување и опремување до границите на градежната парцела, изградба на основната инфраструктура, основни градски сообраќајници, магистрални и примарни водови за довод на вода во населбите, пумпни станици, резервоари за вода, колектори за одвод на фекална и атмосферска вода, пречистителни станици, магистрални и примарни топловоди и ПТТ мрежи, високонапонска електрична мрежа и трафостаници за висок напон 110/36 КВ, содржани во Основниот урбанистички план на Градот, односно основните решенија за инфраструктурата, изградба на секундарни водови и објекти, изградба на секундарни водови и објекти на инфраструктура, сообраќајници, атмосверски и фекални канализации, водоводни и топлификациони, електро и ПТТ мрежи, содржани во деталните урбанистички планови на Градот и изградба на заедничкиот градски простор кој не е опфатен со основната и секундарната инфрастрктура и просторот опфатен со градежните парцели наменети за одделни инвеститори – корисници на земјиштето).

Во главата ИВ од Правилникот е утврден надоместокот за уредување на градежното земјиште.

Во главата В од оспорениот правилник е уреден начинот на наплата на надоместокот за уредување на градежното земјиште, а во главата ВИ е утврден надоместокот за дадено градежно земјиште на времено користење, односно овој надоместок е прикажан табеларно по вид и класа на земјиштето, износ на надоместокот за површина 1м2 и посебна табела за поставување на времени објекти по дејности (забавни игри, занаетчиски услужни дејности, гаражи, паркиралишта, отворен складиштен простор, отворени спортски терени и зафаќање простори при изведување градежни работи и времени премини, за поставување пчелни семејства, за земјиште што се озеленува, сади со цвеќе и украсни дрва).

Во главата ВИИ од оспорениот правилник односно во неговиот член 21 е утврдена намената и насочувањето на средствата за уредување во согласност со Програмата за уредување на градежното земјиште за тековната година.

На седницата, Судот, исто така утврди дека Собранието на Град Скопје со Одлука за уредување на градежно земјиште на подрачјето на град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” бр.9/93), ги уредило работите што се однесуваат на уредувањето на градежното земјиште на подрачјето на град Скопје утврдено со одлуки на Собранието на Град Скопје. Со членот 5 став 2 од оваа одлука е предвидено дека средствата за уредување на градежното земјиште се утврдуваат со Програмата за уредување на градежното земјиште, а во согласност со актот на Извршниот одбор на Собранието на Град Скопје со кој подетално се уредени прашањата на обемот на уредувањето и степенот на опремувањето на градежното земјиште и поблиски критериуми и одредби за утврдување на вистинските трошоци на уредувањето, во согласност со соодветен акт на орган на Републиката, а според член 15 од оваа одлука начинот на здружувањето и насочувањето на средствата за уредување на градежното земјиште, во смисла на оваа одлука и Законот за градежното земјиште се уредува со акт на Извршниот одбор на Собранието на Град Скопје.

Врз основа на овластувањето од оваа одлука Извршниот одбор на Собранието на Град Скопје го донел оспорениот правилник, а Собранието Програма за уредување на градежното земјиште на подрачјето на град Скопје за 1996 година. Со Програмата се утврдени подрачјата, со поблиско определување на земјиштето што се уредува, обемот на уредувањето и степенот на опремувањето на градежното земјиште со комунални објекти и инсталации, изворите на средства за финансирање на активностите околу уредувањето на градежното земјиште и изградба на водови и објекти од инфраструктурата, трошоци за уредување на градежното земјиште, начин на здружување и насочување на средства за уредување на градежното земјиште, динамиката и мерки за извршување на работите и други прашања од уредувањето на градежното земјиште.

5. Според член 3 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 37/80, 18/89 и 21/91), собранието на општината ги уредува работите кои се однесуваат на уредувањето и употребата на градежното земјиште.

Во членот 39 од овој закон е предвидено дека уредувањето на градежното земјиште се врши врз основа на програма, а според ставот 2 на овој член, програмата ја донесува собранието на општината врз основа на урбанистичкиот план, а по претходна согласност на републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот во делот на неговата надлежност.

Според член 40 од Законот програмата за уредување на градежното земјиште особено ги содржи следниве елементи, подрачјето со поблиско определување на земјиштето што се уредува, обемот на уредувањето и степенот на опремувањето со комунални објекти и инсталации; пресметката на трошоците за уредувањето; изворите на финансирањето на уредувањето; начинот на здружувањето и насочувањето на средствата за уредување и динамиката на извршувањето на програмата.

Во членот 17 точка 4 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95) е предвидено дека единиците на локалната самоуправа самостојно ги вршат работите на уредување и употреба на градежното земјиште во согласност со закон.

Од наведените законски одередби произлегува дека општината е основен носител на работите од уредувањето на градежното земјиште.

Програмата за уредување на градежното земјиште всушност претставува конкретизација на урбанистичките планови што се предмет на реализација, а тоа значи дека програмата треба да ги содржи сите елементи предвидени со Законот како нејзин минимум-се она што ќе биде предмет на уредување во смисла на извршувањето на работите за подготвување на градежното земјиште (изработување на урбанистичките планови, изработка на геодетски подлоги и елаборати, регулирање на имотно-правните односи и друго), да се конкретизираат видовите на комуналните објекти и инсталации предмет на изградбата, потоа физичкиот обем на работите што треба да се извршат што овозможува со финансиски показатели да се добијат вкупните потребни трошоци за уредување на конкретното земјиште. Во врска со утврдувањето на трошоците за уредување во програмата е потребно да се утврдат носителите на нејзиното финансирање и висината на нивното учество, а динамиката на извршувањето на работите утврдени со програмата треба да биде утврдена со рокови.

Оттука произлегува, а тргнувајќи од интересот на граѓаните и другите субјекти за стопанската, станбената, комуналната и друга изградба во општината, неопходна потреба за нивна вклученост во постапката за донесување на програмата што се остваруваше во собранијата на општините, а сега преку советите на општините односно Градот Скопје.

Од анализата на оспорениот правилник произлегува дека тој, и покрај тоа што со Програмата за уредување на градежното земјиште се утврдени основните параметри за работите на уредувањето на градежното земјиште, нивното финансирање и појдовната основа за определување на висината на надоместокот, по својата суштина содржи елементи што треба да ги содржи програмата за уредување на градежното земјиште, односно прашања што се во исклучува надлежност на собранието, сега советот на општината и што се уредуваат само со Програма.

Со оглед на тоа што уредувањето на градежното земјиште се врши врз основа на програма, а донесувањето на програмата е во исклучива надлежност на собранието, сега советот на општината, односно на Градот Скопје, Судот оцени дека оспорениот правилник не е во согласност со член 39 од Законот за градежното земјиште.

6. Со оглед на тоа што овластувањето на Извршниот одбор на Собранието на Град Скопје, со свој акт подетално да ги уреди прашањата на обемот на уредувањето и степенот на опремувањето на градежното земјиште, како и начинот на здружувањето и насочувањето на средствата за уредувањето на градежното земјиште, произлегува од одредбите на член 5 став 2 и на член 15 од Одлуката за уредување на градежното земјиште на подрачјето на град Скопје, Судот оцени дека од истите причини означените одредби не се во согласност со членот 39 од Законот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.14/97)