135/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 февруари 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Ценовникот за извршени здравствени услуги на Медицинскиот центар “Борка Талески” во Прилеп, донесен на 15 јуни 1992 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во означениот медицински центар.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Боро Чалоски од Прилеп, како полномошник на група дијабетичари од Прилеп, поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со закон.

4. На седницата Судот утврди дека во оспорениот ценовник се предвидени здравствените услуги што ги пружа здравствената организација и се определени цените на тие услуги.

5. Според член 59 став 1 точка 3 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91 и 46/93), заради оствараување на загарантираното право и утврдените потреби и интереси на општеството и остварување на правата и обврските од здравствено осигурување, Министерството за здравство го утврдува обемот на здравствените услуги што паѓаат на товар на средствата за здравствено осигурување и учество на осигурениците во цената на одделни здравствени услуги и лекови, а според то~ка 5, пак, врз основа на стандарди и нормативи, во соработка со здравствените организации, утврдува цени на здравствени услуги што паѓаат на товар на средствата за здравствено осигурување.

Со член 76 од Законот е утврдено учеството на граѓаните – осигуреници со лични средства во цените на здравствените услуги и на лековите, а со член 76-а се утврдени осободувања од тоа учество.

Со член 130 став 1 од Законот е предвидено цените на здраствените услуги, врз основа на утврдените критериуми, нормативи и стандарди да ги утврдуваат здравствените организации и министерството за здравство. Според став 2 на овој член за здравствените услуги кои по барање на корисниците се пружаат по посебни услови и над утврдените стандарди задолжително се доплатува, а според став 3, пак, цените на услугите од став 2 на овој член самостојно ги утврдува здравствената организација.

Од изнесените законски одредби произлегува дека здравствените организации не можат самостојно да ги утврдат цените на здравствените услуги што паѓаат на товар на фондот за здравствено осигурување, а самостојно можат да ги утврдат само цените на здравствените услуги кои се пружаат над утврдените норми и стандарди.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај здравствената организација самостојно ги утврдила цените на сите здравствени услуги, а не само на тие услуги што ги пружа над утврдените норми и стандарди, Судот оцени дека оспорениот правилник не е во согласност со изнесените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.