134/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 ноември 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 103 став 1 точка б) и 138 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.134/2007 од 12 септември 2007 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 103 став 1 од Законот за нотаријатот Собранието на Комората донесува Статут и други акти на Комората; донесува Нотарска тарифа во согласност со министерот за правда; избира членови на Управниот одбор, претседател на Комората, и членови на другите органи на Комората, ако со овој закон или Статутот на Комората поинаку не е определено; разгледува предлози, барања и препораки за успешно работење на нотаријатот; усвојува годишна сметка за изминатата година и предлог-пресметката за наредната година, разгледува и усвојува извештај за севкупните активности, изготвен од претседателот на Комората; одлучува за висината на членарината и начинот на нејзиното плаќање; одлучува за употребата на паричните казни согласно со одредбите на овој закон и одлучува за сите други прашања предвидени со законот и Статутот на Комората.

Според ставот 2 на овој член од Законот Собранието на Комората редовно се состанува еднаш годишно, и тоа најдоцна до крајот на март. На седницата е потребно присуство од најмалку половина од вкупниот број на нотари, а одлучува со мнозинство од присутните.

Според став 3 на истиот член од Законот, на редовната годишна седница Собранието одлучува за годишната сметка и предлог-пресметката за наредната година и го разгледува и усвојува извештајот за севкупните активности на нотаријатот.

Според став 4 од овој член од Законот, вонредна седница на Собранието на Комората, може да свика претседателот на Комората, а врз основа на одлука на Управниот одбор или по писмено барање од најмалку 30 членови на Комората. Ако претседателот не ја свика седницата во рок од еден месец од денот на донесувањето на одлуката на Управниот одбор, односно поднесувањето на барањето на членовите на Комората, седницата ќе ја свика членот на Управниот одбор, одреден од овој орган, односно членовите на Комората кои го поднеле барањето.

Според став 5 од истиот член од Законот членовите на Управниот одбор, претседателот на Комората и на другите органи се избираат за време од три години.

Според член 138 од Законот, нотарот има право на награда за работата и на надоместок на трошоците во вршењето на службените дејствија од неговиот делокурог во согласност со Нотарската тарифа која ја донесува Комората во согласност со Министерството за правда.

5. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според ставот 2 на овој член од Уставот секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите и ги утврдува јавните давачки.

Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владта на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со Законот за нотаријатот се уредуваат постапката за именување и разрешување на нотарите, нивниот делокруг на работа и овластувања, составување на нотарски исправи и постапувањето со нив по упразнување на нотарското место, организацијата на нотаријатот и неговите органи, нотарите како повереници на судовите и другите органи, надзорот врз работењето на нотарите и дисциплинската одговорност.

Според членот 2 од Законот, нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања врз основа на закон по барање на граѓаните, државните органи, правните лица и другите заинтересирани лица. Според ставот 2 на овој член од Законот, нотарот ја врши својата служба како основно занимање за времето за кое е именуван.

Во членот 3 од овој закон, се предвидува дека нотарот нотарските работи ги врши слободно, независно, самостојно, стручно и непристрасно врз основа на Уставот, закон, ратификувани меѓународни договори и други прописи и општи акти засновани врз закон.

Главата IX (девет) од Законот, носи наслов „Организација на нотаријатот и неговите органи“. Во ова глава е содржан членот 101 во кој е предвидено дека нотарите на територијата на Република Македонија се организираат во Нотарска комора на Република Македонија. Седиштето на Комората е во Скопје. Според ставот 2 на овој член органи на Комората се: Собрание на Комората, Управен одбор на Комората и претседател на Комората. Комората има својство на правно лице.

Во членот 102 став 3 од Законот, се предвидува дека организацијата, надлежноста, составот, начинот на избор, правата и должностите на органие на Комората, ако со овој закон поинаку не е одредено, се уредуваат со Статутот и другите акти на Комората.

Оспорениот член 103 од Законот, ја определува надлежноста на Собранието на Комората, меѓу кои е и донесувањето на Нотарска тарифа во согласност со министерот за правда.

Во Глава XIV (четиринаеста) од Законот, со наслов „Награда за работа и надоместок за трошоците“ е содржан оспорениот член 138 од Законот кој предвидува дека нотарот има право на награда за работата и на надоместок на трошоците за вршење на службените дејствија од неговиот делокруг во согласност со Нотарската тарифа која ја донесува Комората во согласност со Министерството за правда.

Имајќи ги во вид наведените уставни одредби, јасно произлегува дека со Уставот всушност точно, јасно и прецизно се дефинирани и утврдени носителите на законодавната, извршната и судската власт и стриктно е направена разлика, односно дистинкција во поделбата на власта, при што со Уставот воопшто не е допуштено мешање на една во друга власт, туку едноставно власта е поставена како структура на самостојни релативно поделени власти чии статус, надлежности и односи се утврдени и гарантирани со Уставот.

Оттука, поаѓајќи од цитираните уставни и законски одредби, а притоа имајќи ја во вид целината на Законот за нотаријатот, а сето тоа во корелација со оспорените законски одредби, според Судот во конкретниов случај оспорените законски одредби со кои со донесувањето на Нотарската тарифа во согласност со министерот за правда, односно овластувањето на Нотарската комора, во согласност со Министерството за правда да го определува надометокот на трошоците во вршењето на службените дејствија од делокругот на нотарот, не се во согласност со утврдените норми во Уставот на Република Македонија.

Имено, до ваква констатација, пред се, се доаѓа од причина што ниту од оспорените одредби, ниту пак од целината на Законот, а поточно од Глава XIV со која се уредува прашањето на наградата за работата и надоместокот на трошоците, не може да се утврди дека во истата се содржани критериуми и мерила за определување на висината на надоместокот на трошоците во вршењето на службените дејствија, како и на наградата за работата на нотарот, на што всушност се укажува и во даденото мислење на Нотарската комора во кое, исто така, е известен Уставниот суд на Република Македонија дека Нотарската комора по однос на ова прашање поднела иницијатива до Министероството за правда за измена на Законот за нотаријатот со цел во Законот да се вградат критериуми и мерила за определување на висината на наградите и надоместокот за трошоците на нотарите.

Врз основа на направената уставно-судска анализа, даденото овластување на Нотарската комора, а во согласност со Министерството за правда да ги пропишува критериумите како и мерилата за определување на наплатувањето на наградата и висината на надоместокот на трошоците на вршењето на службените дејствија на нотарот, се врши навлегување на извршната власт во законодавната, што не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и со останатите наведени членови од Уставот.

Имено, во конкретниов случај анализирајќи ги оспорените членови од Законот, од уставно судски аспект, според Судот истите ниту целината на Законот не содржи рамка, односно критериуми за определување на наградата на нотарот. Според Судот, право е на законодавецот да определи кој ќе го донесе актот за определување на наградата и со чија согласност, но со дадени критериуми во Законот. Со оглед на тоа што со оспорените членови од Законот, а и со целината на Законот, тоа не е дефинирано, Судот, оцени дека истите не се во согласност со Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.134/2007
7 ноември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски