128/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија, на седницата одржана на 4 ноември 1992 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 23 од Статутот на Акционерското друштво “Југоснабдител” во Скопје, донесен од Собранието на акционерите на 18 февруари 1991 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во означеното Акционерско друштво.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.128/92 од 11 септември 1992 година, поведе постапка за оценување законитоста на член 23 од статутот означен во точката 1 на оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Законот за претпријатијата.
4. Судот на седницата утврди дека како органи на управување во Акционерското друштво се утврдени собранието и управниот одбор, а собранието, според член 23 од Статутот, се состои од 11 члена акционери со најголем број акции. Во другите одредби од Статутот не е утврден начинот на учество на другите акционери во управувањето, од што, според мислењето на Судот, произлегува дека другите акционери се исклучени од правото да учествуваат во управувањето со Акционерското друштво.
Солгасно член 3 став 3 од Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ” бр.47/88, 40/89, 46/90, 61/90), кој, согласо член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот се применува како републички, и член 5 од Законот за општествениот капитал (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/89 и 46/90), кој се применуваше до донесувањето на Одлуката за неприменување на Одлуката за извршување на одредбите од Законот за општествениот капитал за издавање на интерни акции (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/91), со претпријатието во мешовита сопственост управуваат сопствениците сразмерно на височината на вложениот капитал. Според став 3 на овој член од Законот за претпријатијата со претпријатие во мешовита сопственост во кое учествува и општествениот капитал, покрај сопствениците, управуваат и претставници на општествениот капитал, сразмерно на учеството на општествениот капитал во вкупниот капитал, ако со статутот (правилата) не е поинаку определено.
Солгасно член 121 од Законот за претпријатијата, собранието на претпријатието во мешовита сопственост го сочинуваат сопствениците на вложениот капитал, односно нивните претставници. Во собранието на ова претпријатие, според член 122 став 1 од Законот, право на глас имаат сопствениците, сразмерно на височината на вложениот капитал, ако со статутот (правилата) не е определено поинаку. Кога во вкупниот капитал учествува и општествен капитал, според став 2 на овој член, право на глас во собранието имаат и претставници на општествениот капитал, кои можат да бидат работници на тоа претпријатие и лица – стручњаци надвор од претпријатието, сразмерно на учеството на општествениот капитал во вкупниот капитал, ако со статутот (правилата) не е определено поинаку.
Од изнесените законски одредби произлегува дека во собранието членуваат сите сопственици на вложениот капитал или нивни претставници, што тие ќе ги определат, а пртавото на глас во собранието е сразмерно на висината на вложениот капитал, при што со Законот е дадена можност со статутот (правилата) на поинаков начин да се уреди учеството во собранието, односно во управувањето со претпријатието, но не и можност сопствениците на капиталот со помал број на акции, да се исклучат од правото на управување со претпријатието.
Со оглед на тоа што според оспорениот член од Статутот во Собранието на Акционерското друштво учествуваат и имаат право на глас само акционерите со најголем број на акции и што во собранието не се определени претставници на општествениот капитал, Судот утврди дека со тоа се исклучуваат од правото да управуваат, односно од правото на глас останатите акционери, односно сопствениците на капиталот со помал број на акции, како и претставници на општествениот капитал, поради што оцени дека овој член од Статутот не е во согласност со означените законски одредби.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.