124/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 11 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 декември 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

– член 56 од Законот за царините (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/93);

– член 2 од Законот за посебна такса на увезени стоки (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/92);

– член 2 од Законот за плаќање давачка за порамнување на даночното оптоварување на увезените стоки (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/92);

– Одлуката за зголемување на царинските стапки при увоз на одделни стоки (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/94);

– Одлуката за плаќање посебна такса за увезените стоки (“Службен весник на Република Македонија” бр.81/93 и 34/94) и

– Одлуката за определување на стоките на кои се плаќа посебна давачка за израмнување на даночното оптоварување на увезените стоки (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/93 и 34/94)

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.124/94 од 21 септември 1994 година поведе постапка за оценување уставноста на законите и одлуките означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што со нив се овластувала Владата на Република Македонија изворно да уредува општествени односи со што и се пренесувал дел од законодавната власт, независно од тоа што според Уставот на Република Македонија таа е носител само на извршната власт.

Подоцна, подносителот ја повлече иницијативата со образложение дека Владата на Република Македонија донела нови одлуки со кои ги изменила оспорените одлуки и со тоа ги задоволила барањата на Комората, но притоа, не се осврна на прашањето за поделбаа на власта на законодавна, судска и извршна кое, по повод оспорените закони, како начелно беше отворено во иницијативата и поради што Судот, по сопствена иницијатива, се впушти во нивна оценка од тој аспект.

4. Судот на седницата утврди дека:

– со ставот 1 на член 56 од Законот за царините Владата на Република Македонија на предлог на Министерството за финансии, по претходно прибавено мислење од Министерството за односи со странство и Министерството за стопанство, може важечките царински стапки да ги зголеми односно да ги намали или укине, а за стоките за кои во царинската тарифа е предвидена царинска стапка “слободно” може да определи царинска стапка од 15% под следните услови:

– ако на странскиот пазар дошло до зголемување односно до намалување на цените на стоките најмалку за 15% во однос на важе~ките стоки на тој пазар, ако таа промена трае најмалку 3 месеци и ако би можела да предизвика растројства на домашниот пазар.

– ако домашниот пазар, претпријатието или друго правно лице за определени стоки остварува монополска положба или монополска цена, утврдена во согласност со законот со кој се уредува сузбивањето на монополската положба и нелојален натпревар.

Согласно ставот 2 на овој член од Законот рокот на примената на прописите од став 1 мора да биде временски ограничен, а најмногу до 6 месеци, за што се известува Собранието на Република Македонија;

– Со член 2 од Законот за посебна такса на увезени стоки е предвиденко Владата на Република Македонија, врз основа на критериумите што ќе ги донесе и објави во “Службен весник на Република Македонија”, да ги определува стоките, односно другите стоки на кои при увозот се плаќа посебна такса, висината на таксата и времето за кое ќе се наплатува таксата при што висината на таксата не може да биде поголема од 50% од единствената царинска стапка;

– со член 2 од Законот за плаќање давачка за порамнување на даночното оптоварување на увезените стоки Владата на Република Македонија врз основа на критериумите што ќе ги донесе и објави во “Службен весник на Република Македонија”, ги определува групите на стоки за кои при увозот се плаќа посебна давачка за порамнување на даночното оптоварување на увезените стоки и висината на таа давачка, при што истата не може да биде поголема од 50% од единствената царинска стапка;

– со точката 1 од Одлуката за зголемување на царинските стапки при увоз на одделни стоки во периодот од 1 јули 1994 година до 31 декември 1994 година, при увоз на сите стоки за широка потрошувачка, царинските стапки со Царинската тарифа се зголемуваат за пет процентни поени, при што царинската стапка не може да биде поголема од 25%.

Според точката 2 од оваа одлука, истата влегува во сила осмиот ден од дениот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”;

– со Одлуката за плаќање посебна такса на увезени стоки во 1994 година е предвидено на стоките што се увезуваат, освен на стоките што се ослободени од плаќање царина, посебна такса на увезени стоки да се плаќа во висина од 7,5% од царинската основица. На стоките кои се увезвуваат од Република Хрватска се плаќа посебна стапка на увезената стока во висина од 10% од царинската основица, додека на стоките кои се увезуваат од Република Словенија е предвидена такса од 15% од царинската основица. Со оваа одлука, исто така, се брише одредбата која предвидуваше да не се плаќа посебна такса при увозот на нови патнички автомобили.

5. Согласно член 33 од Уставот на Република Македонија, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката е поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Согласно член 61 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и е носител на законодавната власт на Републиката. Согласно член 68 став 1 алинеја 2, тоа донесува закони и дава автентично толкување на законите, а според алинеја 3, ги утврдува јавните давачки.

Владата на Република Македонија, согласно член 88 од Уставот, е носител на извршната власт и своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите. Согласно член 91, Владата ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, предлага закони, републички буџет и донесува прописи за извршување на законите.

Од наведените уставни одредби, произлегува дека основен принцип во организацијата и вршењето на власта е нејзината поделба на законодавна, судска и извршна. Уставното уредување на овој принцип, на носителите на одделните функции на власта, нивните посебни надлежности, содржината и начинот на нивниото вршење, како и нивните меѓусебни односи, заради карактерот на Уставот, како највисок правен акт во правниот систем, според оценката на Судот ја исклучува можноста со акт на носителите на одделни функции на власта или, пак, со нивни меѓусебни договори да се менуваат со Устав утврдените односи во рамките на општото постулирање на принципот на поделба на власта и на посебните облици на неговото остварување. Од уставното уредување на принципот на поделбата на власта на законодавна, извршна и судска и неговото натамошно разработување преку определувањето на положбата, надлежностите, начинот на работа и меѓусебните односи на Собранието на Република Македонија и на Владата на Република Македонија, произлегува неприкосновената положба на Собранието како носител на законодавната власт од една страна и на Владата како носител на извршната власт од друга страна. Во тие рамки, Судот оцени дека вршењето на законодавната функција не е само право туку и обврска на Собранието која не може надвор од случаите утврдени со Уставот, со закон, со друг општ акт или со договор да се пренесува ниту на еден друг орган во уставниот систем па во таа смисла ниту на Владата. Притоа, Судот оцени дека суштината на уставната обврска јавните давачки да се утврдуваат само со закон е да се дава уставна гаранција дека тие нема да бидат подложни на менување со акти пониски од закон.

Од тие причини Судот утврди дека овластувањето на Владата да донесува општи акти односно одлуки со кои ќе ги менува или укинува царинските стапки, ќе предвидува плаќање на посебна такса и ќе ги определува стоките на кои се плаќа посебна давачка за израмнување на даночното оптоварување, немаат карактер на мерки на политика на извршување на оспорените закони, туку претставуваат нивно менување.

6. Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека оспорените законски одредби и оспорените одлуки не се во согласност со наведените уставни одредби и одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.