12/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 октомври 2006 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ

а) член 46 став 2 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005) и

б) Правилникот за тарифа за награда на извршителите („Службен весник на Република Македонија“ бр.117/2005).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.12/2006 од 28 јуни 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 46 став 2 од Законот означен во точката 1-а и уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1-б од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот, односно со Уставот и законот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 46 став 2 од Законот за извршување, Министерот за правда по предлог на Комората на извршители ја пропишува тарифата за награда на извршителите.

Судот, исто така, утрди дека според членот 1 од оспорениот Правилник за тарифи за награда на извршителите се пропишува наградата на извршителите за извршените дејствија.

Според член 2 од Правилникот извршителот за извршените дејствија наплаќа награда според ставките за:

– награда за реализирање на извршната исправа.
– цена за администрирање на предметот.
– цена за извршените дејствија.

Според членот 3 од Правилникот наградата на извршителот за извршените дејствија се определува според:
– видот на извршната исправа и видот на побарувањето кое треба да се изврши;
– износот кој треба присилно да се наплати, односно вредноста на предметот на извршување;
– износот на наплатените средства односно вредноста на предметот на реализираното извршување,
Во зависност од видот на извршната исправа и видот на побарувањето кое треба да се изврши, наградата се наплатува согласно Табелите 1 и 2 од овој правилник.
При утврдувањето на вредноста се зема само главното побарување.

Во членот 4 од Правилникот е утврдено дека извршителот определува наплата на паушален износ на име цена за администрирање на предметот, а со оглед на износот кој треба принудно да се наплати утврден во Табела 1, односно вредноста на предметот на извршување утврден во Табела 2 од овој правилник.
Цената за администрирање на предметот извршителот ја наплатува пред да започне со извршните дејствија. Доколку доверителот му предал на извршителот извршна исправа, но не ги плати трошоците до започнувањето со извршните дејствија, извршителот има право да му/и го врати барањето за извршување на извршната исправа.

Според член 5 од Правилникот цената за извршни дејствија извршителот ја наплаќа согласно Табела 3 од овој правилник. Доверителот и извршителот може да се договорат да ги одложат овие плаќања до завршување на извршувањето.

Согласно член 6 од Правилникот доколку должникот постапи по налогот на извршителот во определениот рок за доброволно исполнување на обврската утврдена во извршната исправа, се наплатуваат само цената за администрирање на предметот и цената за преземените извршни дејствија.

Според член 7 од Правилникот кога извршната исправа е извршена должникот ја плаќа наградата, цената за администрирање на предметот и цената за извршените дејствија.
Во одредени ситуации доколку извршувањето е запрено по барање на доверителот или доколку извршната исправа е укината, преиначена или ставена вон сила, цената за преземените извршни дејствија ги покрива доверителот.

Според член 8 од Правилникот табелите 1, 2 и 3 кои се прикажани во Прилог број 1 се составен дел на овој правилник, а според членот 9 од Правилникот, овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

5. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во членот 33 од Уставот е утврдено дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според ставот 2 на овој член од Уставот секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите и ги утврдува јавнните давачки.

Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со Законот за извршување (член 1) се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, според ставот 2 на овој член од Законот, одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, а според ставот 3 на овој член од Законот, одредбите на овој закон се применуваат и на извршување на брод и на воздухоплов.

Согласно членот 3 став 1 од Законот, извршителот го спроведува извршувањето, а според ставот 2 од овој член од Законот извршителот не смее да го одбие спроведувањето на извршувањето, освен во случај ако се исполнети условите за негово изземање и ако има сознание дека за истата извршна исправа се спроведува извршување кај друг извршител.

Во Глава втора „Извршители“ е поместен членот 31 од Законот, според кој извршителот е лице именувано согласно со одредбите на овој закон, според ставот 2 на овој член од Законот извршителот се именува за подрачјето на основен суд и извршува извршни исправи на судот или органот чие седиште е на подрачјето за кое што е именуван, а при спроведување на извршувањето презема дејствија на целата територија на Република Македонија. Според ставот 3 на овој член извршителот може да врши и други работи ако така е определено со закон, а според ставот 4 од овој член бројот на извршителите за подрачјето на основниот суд го определува министерот за правда врз основа на претходно прибавено мислење од претседателот на основниот суд за бројот на правосилните и извршните одлуки на основниот суд, а од Владата на Република Македонија податок за конечните управни одлуки кои гласат на парични побарувања кои би можеле да бидат предмет на изршување.

Условите за именување и именувањето на извршителите се предвидени во членовите 32 и 33 од Законот.

Согласно член 46 став 1 од Законот, извршителот за ивршените дејствија има право да наплати награда по тарифа.

Според оспорениот став 2 на овој член од Законот, министерот за правда по предлог на Комората на извршители ја пропишува Тарифата за награда на извршителите.

Правилникот за Тарифа за награда на извршителите е донесен согласно оспорениот став 2 на член 46 од Законот за извршување и содржи 9 члена, како и три табели кои се составен дел на овој правилник.

Од анализата на наведените уставни одредби произлегува дека со Уставот точно и прецизно се дефинирани и утврдени носителите на законодавната, извршната и судската власт и јасно е направена разлика во поделбата на власта, при што со Уставот не е допуштено мешање на една во друга власт, туку власта е поставена како структура на самостојни релативно поделени власти чии статус, надлежности и односи се утврдени и гарантирани со Уставот.

Имајќи ги во вид наведените уставни и законски одредби во корелација со оспорената законска одредба, Судот утврди дека овластувањето на министерот за правда да ја пропишува наградата на ивршителите за извршените дејствија, нема уставна основа.

Ваквата констатација се заснова, пред се врз фактот што Законот за извршување не содржи критериуми и мерила за определување на висината на наградата на извршителите за извршените дејствија. При ваква состојба произлегува дека министерот за правда при утврдувањето, односно пропишувањето на Тарифникот за награда на извршителите ги утврдил и критериумите за определување на висината на наградата за извршените дејствија.

Оттука, даденото овластување со оспорената законска одредба, во конкретниот случај министерот за правда да пропишува критериуми за определување на наплатувањето на наградата за извршените дејствија во процесот на извршувањето, според Судот значи навлегување на извршната во законодавната власт, што е спротивно на членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 91 алинеи 1 и 5 и член 96 од Уставот на Република Македонија. Од овие причини Судот утврди дека членот 46 став 2 од Законот за извршување не е во согласност со наведените одредби од Уставот.

Согласно член 17 став 1 алинеја 12 од Законот за организација и работа на органите на државната управа министерството за правда ги врши работите што се однесуваат меѓу другото и на извршната и управната постапка.

Согласно член 55 став 1 од овој закон, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон, а според членот 96 став 1 од Законот со правилник се утврдуваат и се рзработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување.

Во членот 61 став 1 од Законот е утврдено дека со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината на одредбите од оспорениот Правилник, овластувањето на министерот за правда со подзаконски акт да ја пропишува наградата на извршителите за извршените дејствија, нема уставна основа, од причина што во Законот за извршување не се содржани критериуми и мерила во однос на ова прашање.

Според тоа, ова овластување отстапува од општиот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Ваквата формулација не може да се смета како разработка на конкретна законска норма во функција на нејзино извршување.

Со оглед на наведеното, Судот утврди дека членот 46 став 2 од Законот за извршување не е во согласност со Уставот, како и тоа дека Правилникот за тарифа за награди на извршителите не е во согласност со Уставот и Законот за извршување.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.12/2006
18 октомври 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи