121/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, на седницата одржана на 23 септември 1992 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 23 точка 6 став 1 и членовите 45 и 46 од Правилникот за решавање на станбените потреби, донесен од Советот на Земјоделскиот факултет во Скопје на 25 октомври 1990 година, а изменет и дополнет на 18 ноември 1991 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во Факултетот на начин предвиден за објавување на општите акти.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.121/92 од 8 јули 1992 година, поведе постапка за оценување законитоста на одредбите од правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Законот за станбени односи.
4. На седницата Судот утврди дека во член 23 точка 6 став 1 од Правилникот е предвидено како членови на семејното домаќинство на работникот да се сметаат брачниот другар, децата на работникот и на неговиот брачен другар, како и лицата што работникот според законот е должен да ги издржува, а кои заедно со него живеат во трајна заедница.
Според член 10 став 2 од Законот за станбените односи (“Службен весник на СРМ” бр.36/73, 14/75, 27/86 и 1/90), како членови на семејното домаќинство на носителот на станарското право се сметаат брачниот дугар, децата на носителот на станарското право и на неговиот брачен другар, внуците кои од своето раѓање живеат со носителот на станарското право, како и лицата кои носителот на станарското право според законот е должен да ги издржува односно лицата кои според законот се должни да го издржуваат носителот на станарското право, а кои заедно со него трајно живеат.
5. Со оглед на тоа што со оспорената одредба од Правилникот се стеснува кругот на лицата кои законот ги определува како членови на семејното домаќинство, Судот оцени дека оспорениот член од правилникот не е во согласност со член 10 став 2 од Законот.
6. На седницата Судот утврди дека во членовите 45 и 46 од Правилникот е предвидена обврска за здружување на сопствени средства заради стекнување на станарско право на стан во општествена сопственост и се утврдени критериуми за висината на учеството.
Во член 42-а од Законот за станбените односи беше предвидено со самоуправниот општ акт да се утврдува и обврска за здружување на сопствени средства со општествени средства заради здобивање со станарско право на стан во општествена сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.11/91) оваа обврска престанува.
Според член 52 од законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89), работниците ги користат средствата за заедничка потрошувачка по основ на распределба според трудот и солидарноста, според основите и мерилата утврдени со општ акт односно колективен договор.
Со оглед на тоа што според член 45 и 46 од Правилникот сопственото учество претставува услов за стекнување на станарско право надвор од условите утврдени во Законот за станбените односи и што со тоа се доведува во прашање начелото на солидарност утврдено во член 52 од Законот за основните права од работниот однос, Судот оцени дека тие не се во согласност со означените законски одредби.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.