1/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 март 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ член 16 став 4, член 136 ставовите 3 и 4 и член 145 став 2 од Законот за банките и штедилниците (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/93, 78/93, 17/96 и 29/96-Пречистен текст).

2. Оваа одлука предизвикува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Народната банка на Република Македонија за оценување уставноста на член 136 став 3 и член 145 став 2 од Законот за банките и штедилниците, при што, Судот оценката на уставноста ја прошири и на член 16 став 4 и член 136 став 4 од овој закон, со Решение У.бр.1/98 од 28 јануари 1998 година, поведе постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 16 став 4 од Законот за банките и штедилниците, ако гувернерот на Народната банка го одбие барањето за давање согласност од став 1 на овој член, банката може да изјави жалба до Советот на Народната банка, во рок од осум дена од денот на доставувањето на решението.

Според член 136 став 3 од Законот, против одлуката за исполнување на условите за воведување стечајна постапка, банката или штедилницата или предлагачот од став 1 на овој член (доверителите, основачите на банка или штедилница, носителот на платниот промет и Народната банка) можат да поднесат жалба во рок од осум дена од нејзиното доставување. По жалбата одлучува Советот на Народната банка. Според став 4 од овој член на Законот, ако жалбата од став 3 на овој член ја поднесува банка или штедилница, кон жалбата е должна да приложи документација со која се докажува дека не се исполнети пропишаните услови за стечај.

Со член 145 став 1 од Законот се уредува дека одлука за утврдување на условите за воведување ликвидациона постапка во банка или штедилница донесува гувернерот на Народната банка во случаите од член 144 на овој закон, а според оспорениот став 2 од овој член на Законот, против одлуката од став 1 од овој член може да се поднесе жалба до Советот на Народната банка, во рок од осум дена од приемот на одлуката.

5. Според член 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Тргнувајќи од содржината на наведената одредба од Уставот со која се гарантира правото на жалба против наведените акти, со што се обезбедува начелото на двостепеност во одлучувањето, а имајќи го предвид статусот на Народната банка на Република Македонија утврден со член 60 од Уставот и нејзината организација и работа уредена со Законот за Народната банка на Република Македонија, според мислењето на Судот, одлучувањето на Советот на Банката во второстепена постапка против решението на гувернерот, донесено во првостепена постапка, не е во духот на уставната интенција за гаранција на начелото на двостепеност во одлучувањето, поради што Судот оцени дека оспорените одредби не се во согласност со Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.1/98)