118/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 ноември 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 34 точка 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Народната банка на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/96).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Комерцијална банка АД-Скопје и Александар Маневски од Скопје, со Решение У.бр.118/96 од 18 септември 1996 година, поведе постапка за оценување уставноста на одредбата од член 34 точка 14 од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека со точката 14 на членот 34 од Законот е предвидено, покрај мерките што се преземаат против банка односно штедилница која во своето работење не се придржува на правната легислатива, го овластува гувернерот да презема и други мерки за кои смета дека се неопходни да се применат.

5. Согласно член 14 став 1 од Уставот на Република Македонија никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Како што се гледа од изнесеното, сторителот не може да биде казнет за дело кое, пред да го изврши, не било предвидено во законот како такво.

Со оглед на тоа дека гувернерот на Народната банка, како инокосен орган на истата, покрај мерките кои Народната банка на Македонија ги презема против банките кои во своето работење не се придржуваат на законот и кои се таксативно наброени во членот 34 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Народната банка на Македонија, со точката 14 од истиот член од Законот е овластен да презема и други мерки за кои смета дека е неопходно да се применат кон соодветната банка, без да се утврди кои се тие мерки и кои се тие случаи кога овие мерки би биле неопходни, Судот оцени дека оваа одредба од Законот е несогласна со Уставот. Ова дотолку повеќе што според оценката на Судот гувернерот на Народната банка, како инокосен орган на истата, во ситуација кога во Уставот на Република Македонија е застапена концепцијата на поделба на власта на законодавна, судска и извршна, не може да биде овластен сам да го определува видот на мерките и сам да цени во кои случаи е неопходно истите да се применат.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.118/96)