114/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 октомври и 10 ноември 1999 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 19 и 23 од Законот за верските заедници и религиозните групи (“Службен весник на Република Македонија” бр.35/97).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, со Решение У.бр.114/99 од 9 септември 1999 година поведе постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со членовите 19 и 96 од Уставот.

Собранието на Република Македонија, како доносител на означените законски одредби, не достави одговор на наводите содржани во Решението на Судот за поведување на постапката.

4. Судот, на седницата, утврди дека во членот 18, Законот определил верските обреди и верските работи да се вршат во цркви, џамии и други храмови, како и во нивните дворови, на гробишта (став 1), и дека вршењето на тие обреди и работи не смее да биде такво да ги повредува јавниот ред и мир, како и верските чувства и другите слободи и права на граѓаните кои не се припадници на таа верска заедница или религиозна група (став 2).

Потоа, во членот 19, кој се оспорува, Законот определува дека “верски обреди и верски работи можат да се вршат и во други простории и места достапни на граѓаните, со одобрение од надлежниот орган за внатрешни работи, по претходно мислење од органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи” (став 1), при што “барањето за добивање одобрение од став 1 на овој член организаторот на обредот го поднесува најмалку 15 дена пред денот на одржувањето на верскиот обред и во барањето се наведува видот на обредот, кој го изведува, целта на обредот, како и времето и местото каде што истиот ќе се врши” (став 2). Во ставот 3 се определува дека “органот од став 1 на овој член го известува подносителот на барањето дали го одобрува или не го одобрува одржувањето на верскиот обред најдоцна седум дена пред денот на планираното одржување на верскиот обред”, а според ставот 4″ по исклучок од став 1 на овој член, традиционални верски обреди и верски работи (литии и слично) во други простории и места достапни до граѓаните се вршат со претходно известување на органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи”.

Понатаму, во член 20 став 1 од Законот се определува дека не е потребно посебно одобрение за верски обреди што, во согласност со одредбите на овој закон, се вршат по барање на граѓанин во неговото живеалиште (семејна слава, венчавање, крштевање, сунетисување, исповедување, благослов на куќа или друг имот и слично).

Од изнесените законски одредби произлегува дека за верските обреди и верските работи кои се вршат надвор од верските објекти, како и надвор од живеалиштето на одреден граѓанин кој бара вршење на некој верски обред во неговото живеалиште, а тоа значи во други простории и места достапни на граѓаните, мора претходно да се обезбеди одобрение од надлежниот орган за внатрешни работи и, пред тоа одобрение, мислење од органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи (за нетрадиционалните верски обреди и верски работи) односно мора претходно да се достави известување до органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи (за традиционалните верски обреди и верски работи).

Според член 19 став 2 од Уставот, се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата.

Од наведената уставна определба според мислењето на Судот, произлегува дека изразувањето односно покажувањето на верата (па и преку вршење на верските обреди и верските работи), било тоа да е од поединец или од група, слободно (без процедурални ограничувања) може да се врши и јавно, и таквите дејства се гарантираат со Уставот. Притоа, неспорно е дека јавното вршење на наведените дејства не може да ги загрозува другите уставно определени вредности, меѓу кои и другите слободи и права на граѓаните, во кои случаи може да се преземат соодветни дејства, што произлегува од другите одредби на Уставот.

Оттука, постапувајќи по сопствена иницијатива, Судот оцени дека предвидувањето, во целината на член 19 од Законот, да мора претходно да се обезбедува одобрение од МВР и мислење од органот надлежен за верски прашања (ако се сака вршење на нетрадиционални верски обреди и верски работи надвор од верските објекти или од живеалиштата на граѓаните односно на јавни места), како и да мора претходно да се доставува известување до органот надлежен за верски прашања (заради вршење на традиционални верски обреди и верски работи надвор од верските објекти или живеалиштата на граѓаните односно на јавни места), не е во согласност со член 19 став 2 од Уставот. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

Што се однесува, пак, до аспектот на Хелсиншкиот комитет за оспорување на член 19 од Законот (а тој е дека законската одредба прави разлика во начинот на добивањето одобрение за вршење на верски обреди и верски работи во зависност од тоа дали се работи за традиционални или нетрадиционални вери односно религии, потоа дека со тоа државата ја изразува својата преференција во однос на традиционалните религии и дека тоа е спротивно на уставните одредби за еднаквоста пред законот), Судот оцени дека, во интервенцијата по целиот член 19 од Законот е супсумиран и наведениот аспект, со што е елиминирана и таквата последица од нормата, поради што е безпредметно произнесување по тоа прашање.

5. Исто така, Судот утврди дека со член 23 од Законот се определува лицата одговорни за работата и за застапувањето и претставувањето на религиозната група да се должни да поднесат до органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи пријава за секоја статусна промена или престанок на религиозната група, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на одлуката за промена или престанок.

Понатаму, Судот утврди и дека членовите 13 и 14 од Законот го овластувале органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи да води посебен регистар за верските заедници и религиозните групи, како и да пропишува поблиски правила во врска со содржината и водењето на регистарот, но дека тие две законски одредби престанале да важат со укинувачката одлука од овој суд објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.64/98 од 31 декември 1998 година бидејќи со тоа се ограничувала слободата на вероисповеста (член 19 став 1 од Уставот), се нарушувала уставната определба за одвоеност на верските заедници и религиозните групи од државата (член 19 став 3 од Уставот) и се излегувало надвор од рамките за уставната и законската положба на органите на државната управа (член 96 од Уставот). Со тоа, тој орган повеќе нема такви овластувања.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека пропишувањето, во член 23 од Законот, обврска за религиозните групи да поднесуваат пријава за секоја статусна промена или престанок до органот надлежен за верски прашања нема основа во наведените уставни одредби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука, во однос на член 19 од Законот со мнозинство, а во однос на членот 23 од Законот едногласно, Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.114/99
20 октомври и 10 ноември 1999 год.
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков