112/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 јуни 2004 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 171-б став 5 од Законот за здравствената заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/1991; 46/1993; 55/1995; 41/ 2002; 10/ 2004).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од оваа одлука, од причини што со оспорената одредба се повредувале неколку уставни одредби и тоа: членот 8 став 1 алинеја 3 и 4, членот 32 став 5 и членовите 38 и 51 од Уставот на Република Македонија.

Имено, со предвидувањето работите и задачите од став 1 на оспорениот член да се утврдуваат со општ акт на здравствената организација во прв ред се повредувал членот 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, според кој остварува- њето на правата на вработените и нивната положба не може да се уредуваат со општ акт, туку само со закон и колективен договор. Ваквото решение подносителот на иници- јативата го врзува и со одредбата од членот 38 од Уставот, според кој само со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата, а не и со општ акт.

4. Судот на седницата утврди дека согласно членот 171-б став 1 од Законот, заради отстранување на штетните последици што можат да настанат од неукажување на здравствена заштита на граѓаните за време на штрајк, органот на управување во здравствената организација е должен да обезбеди итна медицинска помош и минимална функција на сите организациони делови во процесот на работата. Според оспорениот став 5 од овој член, работите и задачите од ставот 1 на оспорениот член, со општ акт ги утврдува здравствената организација.

5. Согласно членот 8 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска претставуваат темелни вредности на уставниот поредок на државата.

Согласно членот 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, остварува- њето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колек- тивни договори.

Согласно членот 38 од Уставот на Република Македонија, се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Во членот 39 од Уставот е предвидено дека на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, при што согласно ставот 2 од овој член, граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Согласно членот 3 од Законот за здравствената заштита, секој има право на заштита на здравјето, при што во членот 9 Законот ја дефинира здравствената дејност како дејност од посебен општествен интерес.

Оспорената одредба е поместена во Главата ИИИ од Законот за здравствената заштита, која е насловена како “Здравствена заштита во вонредни услови и во услови на штрајк”.

Членот 171-а од Законот ги предвидува условите под кои правото на штрајк може да се остварува во рамки на здравствените организации. Така, согласно оваа одредба работниците во здравствените организации правото на штрајк можат да го остварат под услов да не се доведува во опасност животот и здравјето на граѓаните кои бараат здравствена заштита. Тоа значи дека Законот воопшто не го доведува под сомнение правото на штрајк на работниците во здравствените организации, како право загарантирано со Уставот кое произлегува од работниот однос. Како загарантирано право со Уставот, штрајкот може да се остварува под услов со тоа да не се доведува во опасност животот и здравјето на граѓаните кои бараат здравствена заштита.

Притоа, во неоспорениот дел од одредбата на членот 171-б од Законот е предвидено дека за време на штрајк, органот на управување на здравствената организација е должен да обезбеди две основни функции во организацијата: итна медицинска помош и минимална функција на сите организациони делови во процесот на работата. Причина за обезбедување на овие елементи на здравствената заштита е отстранувањето на можностите од настапување на штетни последици кои би можеле да настанат од неукажување на здравствена заштита на граѓаните за време на штрајк.
Во оспорениот став 5 од овој член, работите и задачите од став 1 на овој член со општ акт ги утврдува здравствената организација.

Судот смета дека Уставот не ја исклучува можноста со закон да се уреди начинот на остварувањето на одделни слободи и права, со цел да не се доведе во прашање остварувањето на другите слободи и права. Во однос на здравствената заштита и во конкретниот случај, Законот го гарантира и предвидува правото на штрајк на здравствените работници, но сепак утврдува дека остварувањето на ова право не смее да биде на штета на други слободи и права на човекот и граѓанинот, што во конкретниот случај е правото на здравствена заштита, односно животот и здравјето на граѓаните кои бараат здравствена заштита.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не постои уставна пречка со закон да се уреди начинот на остварувањето на правото на штрајк, односно начинот на однесувањето на субјектите во остварувањето на ова уставно гарантирано право, водејќи притоа смет ка при уредувањето на овие односи да не се доведе во прашање уставната гаранција за остварување не само на правото на штрајк, туку и на другите со Уставот гарантирани слободи и права. Ваквиот став произлегува од обврската на здравствените работници за време на штрајк да обезбедат итна медицинска помош и минимални функции на сите организациони делови во процесот на работата, а со цел отстранување на евентуално штетните после дици кои би можеле да настанат од неукажување на здравствена заштита на сите граѓани за времето додека трае штрајкот.
Здравствената дејност и здравствената заштита спаѓаат во групата дејности кои законот ги дефинира како дејности од посебен општествен интерес со оглед на нивното примарно значење за животот и здравјето на луѓето. Ако се има предвид ваквиот карактер на здравствената заштита, како механизам кој обезбедува остварување и заштита на она што е нераскинливо поврзано со човековото егзистирање, тогаш е јасно зошто законода- вецот ја утврдува како дејност од посебен општествен интерес. Оттука, државата презема мерки во насока на создавање и обезбедување услови здравствената заштита да се остварува во секој момент и секаква ситуација, опфаќајќи ја и состојбата на штрајк. Ова, пред се, се однесува на обезбедување едно минимално ниво на здравствена заштита со кое ќе се елиминираат или во најмала рака ќе се сведат на минимум можностите од настапување штетни последици врз животот и здравјето на луѓето во случај на нејзино неукажување. Штрајкот, како легитимно средство на работниците за остварување одредени други права (пред се економски и социјални) претставува организиран прекин на работата кој секако доведува до нарушување на редовниот работен процес. Ваквото нарушување го доведува во прашање потребното ниво на здравствената заштита, при што со оспорената одредба законодавецот ја овластува здравствената организација со општ акт да ги утврди работите и задачите чие извршување е нужно со цел да се отстранат штетните последици од неукажување на здравствена заштита на граѓаните во време на штрајк.

Имајќи ја предвид дикцијата на одредбата од членот 38 од Уставот на Република Македонија, Судот го констатира општиот карактер на уставната гаранција на правото на штрајк за сите работници, па оттука и легитимноста работниците во здравствениот сектор да го остваруваат ова право. Сепак, според мислењето на Судот, утврдувањето на условите под кои ќе се реализира ова право во оваа исклучително значајна сфера за животот и здравјето на луѓето може да биде единствено предмет на законска регулатива, а не на општ акт кој би го донела самата здравствена организација. Судот оцени дека е премногу суптилна и важна здравствената заштита и нејзиното влијание врз животот и здравјето на сите граѓани што не би можело да се смета за прифатливо овластувањето на здравствените организации тие самостојно со свој општ акт да ги утврдат работите и задачите чие вршење е неопходно за отстранување на можните негативни и штетни последици. Судот оцени дека во случајот не станува збор за едноставна операционализација на законската одредба од ставот 1 на членот 171-б, односно дека општиот акт на организацијата само ќе го доуреди начинот на извршување на она што е веќе дефинирано со самиот закон, туку дека во случајот здравствената организација со општиот акт ги утврдува работите и задачите, односно навлегувајќи во суштината на работата, таа стекнува право самостојно со свој општ акт да утврди што е она што мора да се обезбеди во време на штрајк. Со тоа, се остава простор на здравствените организации тие самите со свој акт да ги утврдуваат, креираат или менуваат веќе дадените услови под кои може да се остварува правото на штрајк во здравствената заштита, а не тоа да се прави врз основа на закон, поради што Судот оцени дека оспорената одредба не е во согласност со напред наведените одредби од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.112/2003
30 јуни 2004 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова