112/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 1 октомври 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 51 од Статутот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/94 и 34/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”

3. Уставниот суд на Република Македонија по поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.112/97од 8 јули 1997 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 51 од статутот означен во точка 1 од оваа одлука затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со законот.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 51 став 1 од Статутот на Фондот е предвидено кога во постапката се утврди дека осигуреникот има право на пензија, поради решавањето на некое претходно прашање не може да се донесе конечно решение, органот со заклучок ќе определи на осигуреникот да му се исплатува аконтација на примањето во износ што се утврдува врз основа на податоците со кои се располага.

Во ставот 2 на член 51 од Статутот е предвидено дека одредбите од став 1 на овој член се применуваат и во постапката за донесување ново решение која се води по поништување односно по укинувањето на решението во обновената постапка или во постапка покрената по право на надзор во смисла на одредбите од Законот за општа управна постапка. Во оспорениот став 3 од овој член на Статутот е предвидено дека против заклучокот од став 1 на овој член не може да се поднесе жалба.

5. Со член 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека против сите поединечни акти донесени во постапка во прв степен се гарантира правото на жалба, независно од формата и називот на поединечниот правен акт, при што не е предвидена можност за ограничување на ова право со закон или со друг акт.

Според член 136 од Законот на пензиското и инвалидското осигурување, во постапката за решавање на правата од пензиското и инвалидското осигурување ќе се применуваат прописите за општата управна постапка, ако со овој закон не е поинаку определено. Во член 141 од Законот на пензиското и инвалидското осигурување е уредено прашањето за правото на жалба против решението донесено во прв степен и е дадена можност против секое решение за правата од пензиското и инвалидското осигурување да се поднесе жалба до второстепениот орган, при што не е предвидена можност со статутот на фондот ова прашање поинаку да се уредува. Инаку, во Законот не е предвидено донесување на заклучок за одредени прашања кои произлегуваат при остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Според Законот за општата управна постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.47/86-пречистен текст) против решението донесено во прв степен странката има право на жалба. Само со закон може да се пропише дека во одделни управни работи жалба не е допуштена и тоа ако на друг начин е обезбедена заштита на правата и на законитоста (член 11 став 1 од Законот).

Според тоа поднесувањето на жалба претпоставува постоење на првостепено решение кое со жалба може да биде побивано, односно постоење на заклучок во оние случаи кога со закон изречно е предвидено дека може да се изјави жалба.

Во Законот за општата управна постапка е уредено прашањето за кои прашања органот може да донесе заклучок и против кои заклучоци е допуштена жалба, а против кои не е допуштена.

Според член 220 од овој закон со заклучок се одлучува за прашањата што се однесуваат на постапката. Со заклучок се одлучува и за оние прашања што како споредни ќе се појават во врска со спроведувањето на постапката, а кои не се решаваат со решение.

Според тоа со заклучокот не може да се одлучува за суштината на правната работа, туку за тоа според член 202 од Законот се одлучува со решение.

Според член 217 од Законот ако според околностите на случајот е неопходно пред завршувањето на постапката да се донесе решение со кое привремено се уредуваат спорни прашања или односи такво решение се донесува врз основа на податоците што постојат во моментот на неговото донесување. Во таквото решение мора изречно да биде назначено дека е привремено. Привременото решение во поглед на правните средства и извршувањето се смета како самостојно решение. Тоа значи дека и против него е дозволена жалба, имајќи ја предвид одредбата од член 223 од Законот според кој против решението донесено во прв степен странката има право на жалба.

Според член 222, пак, овој Закон, против заклучокот може да се изјави посебна жалба само кога е тоа изречно предвидено со закон.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека со статут на Фондот не може да се уредуваат прашања кои се однесуваат на управната постапка за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување, туку овие прашања согласно Уставот може да се уредуваат со закон.

Исто така, Судот оцени дека за аконтацијата за пензиското примање не може да се одлучува со заклучок, затоа што тоа не е прашање што се однесува на постапката за остварување на правото, за што според Законот за општа управна постапка може да се одлучува со заклучок, туку станува збор за акт со кој привремено се одлучува за висината на пензијата, за што согласно Законот за општата управна постапка може да се одлучува со привремено решение.

Со оглед на тоа што со заклучокот предвиден во оспорената одредба од Статутот на Фондот привремено се одлучува за висината на пензиското примање во вид на аконтација, до донесување на конечно решение, Судот оцени дека со него се одлучува за права од пензиското и инвлидкото осигурување.

Поради тоа што со Уставот не е допуштена можност ниту со закон ниту со друг акт да се ограничува правото на жалба против поединечните акти на органите на управата и други организации и институции што вршат јавни овластувања, а со Законот за општата управна постапка е уредено прашањето против кои решенија и заклучоци не е допуштена жалба и не е предвидена можност со друг акт да се ограничува ова право, Судот оцени дека оспорениот член од Статутот на Фондот со кој се ограничува правото на жалба не е во согласност со Уставот и Законот за општата управна постапка.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.112/97)