11/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 јули 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 62, 305 и 307 од Законот за царините (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од “Макошпед” АД-Скопје и Станимир Ангеловски од Скопје, со решение У.бр.294/95 и 11/95 од 6 март 1996 година поведе псотапка за оценување уставноста на членовите 62, 305 и 307 од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека согласно членот 62 од Законот против решението на царинарницата донесено во управна постапка, може да се изјави жалба до Царинската управа и дека жалбата се поднесува во рок од 15 дена од денот на доставувањето на решението.

Исто така, Судот утврди дека според членот 305 од Законот, царинарницата што ја водела прекршочната постапка во прв степен може, во оправдани случаи, да дозволи изречената парична казна и вредноста на стоките што биле предмет на прекршокот да се плати во рати, со тоа што рокот на отплатата не може да биде подолг од шест месеци.

Судот, понатаму, утврди дека во членот 307 од Законот е предвидено дека прекршочната постапка во прв степен ја води и решение за прекршок донесува Комисијата за прекршоци во прв степен, составена од три члена, од кои еден член е претседател и дека претседателот и членовите на Комисијата имаат свои заменици кои ги определува директорот на Царинската управа од редот на работниците на царинарницата.

5. Со Уставот на Република Македонија е изршена поделба на власта на законодавна, извршна и судска што претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со Уставот се точно и прецизно дефинирани и утврдени носителите на законодавната, извршната и судската власт и јасно е направена разлика во поделбата на власта, при што со Уставот не е допуштено мешање на една во друга власт, туку власта е поставена како структура на самостојни релативно поделени власти чии статус надлежности и односи се утврдени и гарантирани со Уставот.

Судската власт е посебна и самостојна власт. Судската власт според член 98 од Уставот, ја вршат судовите кои се самостојни и независни кои се востановуваат само со закон и е забрането формирање на вонредни судови. Судството е поставено како единствен систем во кој треба да се обезбеди остварување на владеењето на правото и правната држава, а како услов за остварување на овие темелни вредности на уставниот поредок е прецизно одвоена и независна судска власт.

За разлика од Уставот на СР Македонија од 1974 година кој казнивите дела ги степенуваше според нивната опасност, односно предвидуваше кривични дела и други казниви дела, Уставот на Република Македонија, не содржи формална дефиниција за тоа што се смета за казниво дело, односно не ги утврдува видовите на казниви дела.

Единствено разграничување меѓу кривични дела и други казниви дела е направено во член 106 став 1 од Уставот во кој е предвидено дека јавното обвинителство ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела.

Според тоа, Уставот не ги разликува казнивите дела според степенот на општествената опасност и затоа принципите на казнените постапки се однесуваат на казнивите дела воопшто. Материјалното дефинирање на прекршоците (член 8 од Законот за прекршоците) нив ги определува како повреда на јавниот поредок утврден со закон или со друг пропис, за кој е предвидена прекршочна санкција и ги определува прекршочните санкции, од што може да се извлече заклучок дека по својата суштина прекршоците се казниви дела односно тие претставуваат општествена опасност што се создава со нивното сторување, а казнувањето е начин за спречување на таа опасност.

Со Уставот исто така прецизно се дефинирани правата и слободите на човекот и граѓанинот со цел да се оневозможи нивно различно толкување.

Во рамките на граѓанските и политички слободи и права Уставот покрај другото го определува и начинот на остварување на слободата на човекот и неговата одговорност за сторени казниви дела, при што во член 13 став 1 се гарантира дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Со член 14 став 1 од Уставот е утврдено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна, а според став 2, никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.

Од означените уставни одредби произлегува дека вината за одредено казниво дело мора да биде утврдена со судска одлука, што значи дека за сите казниви дела, според Уставот, можат да одлучуваат само судовите.

Со член 88 од Уставот Владата на Република Македонија е дефинирана како носител на извршната власт што претставува соодветна конкретизација на поделбата на власта.

Владата е самостојна и независна во утврдувањето на политиката на извршувањето на законите и во донесувањето на прописи за извршување на законите. Единствена ограда во остварување на правата и должностите на Владата се Уставот и законите.

Владата на Република Македонија, според член 91 алинеја 6 од Уставот, покрај тоа што утврдува начела за внатрешна организација и за работа на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа.

Во рамките на тој надзор Владата со закон е овластена да презема одредени мерки во врска со работата на органите на управата и функционерите кои раководат со тие органи, како и да презема одредени мерки за извршување односно неизвршување на законите, меѓутоа Судот оцени дека Владата не е овластена да води постапка за утврдување на вина и за изрекување на одредени санкции за извршени казниви дела односно за прекршоците како еден вид казниви дела.

Органите на државната управа, пак, според член 96 од Уставот, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според Законот за органите на управата, органите на управата, покрај другото ги извршуваат законите со непосредно применување на тие закони, вршат управен надзор и во врска со тоа преземаат мерки за кои се овластени со закон.

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека органите на државната управа во кои спаѓаат и министерствата, се надлежни непосредно да ги извршуваат и применуваат законите и заради нивно доследно спроведување се надлежни и да вршат управен надзор над законитоста на работата на другите субјекти на кои се однесуваат одделни закони. Во рамките на надзорот, органите на државната управа можат да преземаат и соодветни привремени мерки за остстранување на незаконитоста до завршување на судската постапка, поради што Судот оцени дека органите на државната управа во рамките на своите овластувања непосредно да ги извршуваат и применуваат законите и да вршат управен надзор, не се овластени да водат одредена казнена постапка против граѓаните и да изрекуваат санкции за сторените казниви дела.

Со оглед на тоа што во оспорените одредби од Законот е предвидено за одделни видови прекршоци да одлучуваат други видови органи, а не судовите, Судот утврди дека се несогласни со Уставот на Република Македонија.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.294/95 и 11/96)