11/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членовите 69 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 март 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 5-а од Законот за данок на промет на производи и услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/92 и 80/93).
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.11/95 од 18 јануари 1995 година, поведе постапка за оценување уставноста на членот 5-а од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со член 50 од Уставот на Република Македонија.
4. На седницата Судот утврди дека согласно став 1 на член 5-а од Законот, увозот на производи заради натамошна продажба чија денарска противвредност е до 50.000 ДЕМ се смета како промет на производи на кои се плаќа данок на промет во моментот на настанувањето на обврската за плаќање на царината и другите увозни давачки.
Со ставот 2 на овој член од Законот е предвидено дека на увезените производи заради натамошна продажба чија денарска противвредност е над 50.000 ДЕМ данокот на промет го плаќа увозникот на вредноста на продадените и наплатените производи.
Ставот 3 предвидува вредноста на производите од ставовите 1 и 2 да се утврдува според пријавите за склучена работа на увоз, прифатени од Народната банка на Република Македонија.
Во ставот 4 на овој член од Законот, е предвидено дека одредбите од ставовите 1 и 2 не се однесуваат на увозот на моторни возила и други пловни објекти што подлежат на обврска за годишна регистрација.
5. Според став 1 на член 55 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.
Согласно став 2 на овој член од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Слободата на пазарот и претприемништвото, според став 3 на овој член од Уставот, можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувување на природната и животната средина или здравјето на луѓето.
Од наведените одредби произлегува дека Уставот ги гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, дека ја обезбедува еднаквата положба на сите субјекти на пазарот односно не дозволува монополско однесување на пазарот, а дава можност овие права да бидат ограничени со закон, при што ги набројува случаите кога законот може да ги предвиди овие ограничувања.
Со оглед на тоа што со членот 5-а од Законот, претпријатијата што вршат промет на мало и што имаат увоз на стоки до 50.000 ДЕМ се задолжуваат да го плаќаат данокот на промет веднаш односно во моментот на настанувањето на царинската обврска, додека претпријатијата кои имаат увоз на стоки над 50.000 ДЕМ дека можат данокот на промет да го плаќаат по продажба на тие производи и нивната наплата, Судот утврди дека со оваа законска одредба се нарушува начелото на еднаквата правна положба на субјектите на пазарот, односно дека поголемите претпријатија се доведуваат во монополска положба во однос на помали претпријатија.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.11/95).