111/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 1 декември 2004 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 32 став 2 во делот

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.111/2004 од 6 октомври 2004 година, по иницијатива на Ѓорѓи Митрески од Скопје, поведе постапка за оценување на законитоста на одредбата од Статутот означен во точката 1 од оваа одлука, поради тоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за високото образование.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 32 став 1 од Статутот на Стоматолошкиот факултет, Наставно-научниот совет е највисок орган на управување и стручен орган на Факултетот.

Според ставот 2 од овој член од Статутот, Наставно-научниот совет го сочинуваат избраните редовни и вонредни професори и доценти на Факултетот и лица во наставно научни звања од други факултети кои изведуваат настава на Факултетот, по еден претставник на соработниците од секоја катедра на Факултетот и пет претставници на студентите.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Согласно членот 46 од Уставот, на универзитетот му се гарантира автономија, а условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот се уредуваат со закон.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 58 од Уставот е утврдено дека сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето, а учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.

Законот за високото образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.64/2000 и 49/2003) во членот 1 определил дека предмет на уредување на овој закон се условите и постапката за основање, финансирање и престанок на високообразовните установи и се утврдуваат основите на организација, управување, развој и за вршење на високообразовната дејност.

Според членот 10 став 1 од Законот, високообразовните установи ја вршат својата дејност врз принципот на академската автономија, а според став 3 од овој член, автономијата на универзитетот вклучува академска слобода на високообразовните установи, автономија на управувањето со високообразовните установи и неприкосновеност на автономијата.

Основен акт на вискообразовната установа е статутот, со кој согласно членот 8 од Законот, се уредуваат внатрешната организација, начинот на вршење на високообразовната дејност, овластувањата и начинот на работата и одлучување на нејзините органи, други прашања од значење за нејзината дејност и работење, за кои со овој закон е предвидено да се уредуваат со статут, како и други односи во согласност со остварувањето на нејзината автономија. Статутот го донесува органот на управување на високообразовната установа.

Според членот 73 од Законот, како органи на факултетот се определени наставно-научен совет, декан и деканатска управа.

Со членот 74 став 1 од Законот е пропишано дека наставно-научниот совет е орган на управување и стручен орган на факултетот, а според одредбата од ставот 4, наставно-научниот совет го сочинуваат редовните и вонредните професори и доцентите.

Оттука, составот на наставно-научниот совет на факултетот е прашање уредено со закон.

Со ставот 5 од наведениот член од Законот, не се уредува составот, туку се овозможува во рамките на работењето на наставно-научниот совет на факултетот (составен од членови од редот на избраните професори и доценти од факултетот), да учествуваат и претставници од соработниците и студентите при што времето за кое тие соработници и студенти се избираат се утврдува со статутот на високообразовната установа, кој го донесува наставно-научниот совет.

Имајќи ја предвид содржината на членот 32 став 2 од Статутот на Стоматолошкиот факултет, Судот утврди дека одредбата во оспорениот дел предвидува лица во наставно-научни звања од други факултети кои изведуваат настава на Стоматолошкиот факултет, како и претставници на соработниците и студентите, да го сочинуваат составот на наставно-научниот совет на Стоматолошкиот факултет, покрај неговите избрани редовни и вонредни професори и доценти, што не е во согласност со членот 74 од Законот за високото образование.

Со оглед на тоа што стоматолошкиот клинички центар не е друг факултет во смисла на оспорената статутарна одредба, туку фактички претставува наставно-научна база на стручниот кадар кој врши високообразовна дејност на Стоматолошкиот факултет, а со тоа овој стручен кадар има основ за учество во наставно-научниот совет и управувањето на Факултетот, упатува на потребата од прецизно и недвосмислено статутарно уредување на прашањата согласно со закон, што според Судот не е извршено со оспорената одредба од Статутот на Факултетот.

Воедно, Законот со одредбите од членот 147 го уредил прашањето на правото на вршење дејност во друга високообразовна установа. Според ставот 1 од овој член од Законот, лице од една високообразовна установа може да врши високообразовна дејност во друга високообразовна установа во звањето во кое е избрано на иста или сродна наставно – научна област, врз основа на дозвола од високообразовната установа во која е избрано. Со одредбите од ставот 2 и 3 од овој член е определено дека лицето од ставот 1 може да врши високообразовна дејност во обем утврден со Правилникот за нормативите и стандардите за основање на високообразовни установи и за вршење на дејност, а условите под кои се остварува правото од ставот 2 на овој член се уредува со статутот на високообразовната установа.

Оттука, произлегува дека како членови во составот на наставно-научниот совет во другата установа, овие лица не само што би го донесувале статутот на факултетот со кој соработуваат и би ги нормирале условите како и други статутарни прашања за сопственото работење во оваа друга високообразовна установа, туку преку овој највисок орган на управување непосредно би влијаеле и на суштинските прашања кои се предмет на статутот на факултетот, а со тоа и на неговото автономно и самостојно управување.

Поради наведените причини Судот утврди дека оспорената статутарна одредба не е во согласност со членот 74 од Законот за високото образование.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.111/2004
1 декември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова